Вирален хит: Мајка напишала писмо за ќерка ѝ со листа на работи што НЕ ТРЕБА да ги прави

Оваа мајка стана вистинска инспирација за целиот виртуелен свет, благодарение на писмото што го напишала за нејзината 5-годишна ќерка. Тони Хемер е блогерка од Портланд која составила листа на работи што ќерка ѝ не треба да ги прави и ја објавила на Фејсбук.

Вирален хит: Мајка напишала писмо за ќерка ѝ со листа на работи што НЕ ТРЕБА да ги прави

Целта на писмото не е да ѝ забрани разни работи на ќерка си, туку да ѝ даде сила.

„Сакам ќерка ми да биде самоуверено дете кое ќе се бори за оние коишто не можат да се борат самите за себе, кое нема да се плаши да го каже своето мислење и кое ќе работи напорно за да го направи светот подобро место за живеење. Сакам да стане љубител на правдата и да верува во моќта на промените“, напишала Тони.

Тони решила да го напише писмото, бидејќи ќерка ѝ тргнала во градинка оваа година и не сакала да помине низ истите проблеми што ги имала таа кога одела на училиште.

„Многу ме задеваа кога бев дете и не сакам ни да помислам дека можеби и таа ќе треба да помине низ истото. Знам дека набрзо некој ќе се обиде да ја омаловажи, но сакам таа самоуверено да се соочи со тоа“, открила Тони.

Во продолжение прочитајте го писмото на Тони кое ќе ве замисли и ќе ви ги отвори очите…

До мојата ќерка,

Не се извинувај кога некој ќе те турне.

Немој да велиш „Извини што те заморувам“. Никого не заморуваш. Ти си човек со мисли и чувства кој заслужува почит.

Не измислувај причини зошто не сакаш да излезеш со некое момче кое не ти се допаѓа. Никому не му должиш објаснувања. Едноставното „Не, благодарам“ треба да биде доволно.

Не размислувај што да јадеш пред други луѓе. Ако си гладна, јади и јади што сакаш. Ако ти се јаде пица, немој да нарачуваш салата само поради луѓето околу тебе. Нарачај си пица.

Не ја пуштај косата долга само за да угодиш некому.

Не носи фустан ако не сакаш.

Не седи дома зашто немаш со кого да излезеш. Излези сама. Поминувај низ искуства сама и за себе.

Не ги потиснувај солзите. Плачењето е знак дека чувствуваш нешто што треба да излезе на површина. Тоа не е слабост. Тоа е човечки.

Не се смеј само зашто некој ти кажал да го правиш тоа.

Не плаши се да се смееш на сопствените шеги.

Не кажувај „Да“ за да бидеш љубезна. Кажувај „Не“ зашто се работи за твојот живот.

Не го криј своето мислење. Кажувај го гласно. Треба да бидеш чуена.

Не се извинувај поради тоа што си. Биди храбра и прекрасна. Секогаш биди бескомпромисно своја.

Вирален хит: Мајка напишала писмо за ќерка ѝ со листа на работи што НЕ ТРЕБА да ги прави

Некои луѓе веднаш се согласија со ова писмо и го искажаа тоа преку коментари:

„Мислам дека на повеќето возрасни жени им требаат овие совети.“

„Ме потсетува на еден цитат од Опра кој гласи: ’Не’ е целосна реченица. Користете ја секогаш кога треба’. Освен тоа, обожувам да одам во кино сама или пак на вечера со еден од најдобрите придружници на светот – книгата.“

„Баш денес сакав да побарам објаснување преку имејл и за малку ќе почнев со ’извинете’, но решив дека не треба да се извинувам! Ми треба информација, сакам да научам!“

Но, некои луѓе имаа и забелешки за ова писмо кое го надополнија со уште повеќе совети:

„Да, правете го сето ова, но не бидете некултурни. Одбијте го момчето без да го нарекувате ’патетичен губитник’. Не се извинувајте ако некој ве турне, но немојте да викате на цел глас ’Пази каде одиш!’. Секоја ваша постапка нека биде одраз на вашата култура и манири. Однесувајте се како дами!“

„Има ли причина зошто е наменето само за ’ќерка’, а не и за ’деца’? Истите совети може да им се дадат и на синовите.“

„Одлични совети, но кога ќе го кажувате вашето мислење, бидете љубезни. Вашиот став или тон може да влијае на тоа дали вашето мислење ќе биде прифатено затоа што сте зрели или затоа што сте некултурни кон постарите. Нас нѐ учеа секогаш да им угодуваме на родителите и постарите и тоа не е секогаш правилно, но можете да си го кажете мислењето без да навредите некого.“

Што мислите вие за ова писмо? Би ги примениле овие совети во вашиот живот?

Прочитајте го и следново неверојатно моќно писмо на една мајка до својата ќерка тинејџерка.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар