Урнебесен говор одржан на свадба кој ќе ве насмее до солзи

Периодот на свадби сѐ уште трае. Сигурно веќе сте присуствувале на неколку и веројатно ве очекуваат уште толку до крајот на летото. Доколку сте едни од поблиските гости на младоженецот или невестата, можеби од вас е побарано дури и да одржите говор, или, пак, моментот ќе ве понесе, па без никој да ви каже самите ќе се осмелите да застанете и да говорите пред сите присутни. Некои говори се долги и здодевни, други се емотивни и убаво смислени, а некои се неверојатно смешни и досетливи. Во продолжение прочитајте го следниот говор кој несомнено ќе ве насмее до солзи и ќе ви го разубави денот (иако ви не препорачуваме да го искористите како соодветен пример за свадбен говор, бидејќи не гарантираме за последиците)…

Урнебесен говор одржан на свадба кој ќе ве насмее до солзи

Драги гости и роднини, се собравме денес да ги споиме овие две будали, на кои не им беше доволно да ве видат вас како поминавте во бракот, па сакаат и самите лично да се уверат како е. Има идиоти кои повеќе сакаат да учат од своите, отколку од туѓите грешки. Ако, нека им биде…

Значи, будали…

Имате време уште неколку минути добро да размислите што ви требаше ова, и дали ви требаше.

Бракот, покрај тоа што со себе носи и некои убави моменти, носи и една вечна дилема: Дали личноста што стои сега пред вас е онаа вистинската со која би сакале да поминете добар дел од животот?

Тоа ќе го сфатите кога ќе ги потрошите парите од свадбата. Или кога некој ќе остане без работа. Или кога некој ќе реши да позајми колбасница од соседот, јајца, или, пак млеко и риба од сосетката… Или што и да се позајмува од соседството, а обично почнува со брашно и шеќер…

Тоа што законот вели дека вие сте рамноправни во бракот е далеку од вистината. Секогаш едната будала работи повеќе од другата, секогаш едната будала живее во заблуда, секогаш едната будала мисли дека во бракот дала повеќе емоции, пари, недвижнини, нерви…

Гледајте да не бидете токму вие таа будала.

Проверувајте го мобилниот телефон на будалата со која сте стапиле во брак, прегледувајте ги неговите или нејзините имејлови, профили на социјалните мрежи, или најмете некој да го направи тоа наместо вас, доколку сте неспособни…

Сакајте се. Барем денес. Глупаво би било утре да зборувате наоколу како не сте биле сакани во бракот.

Повторно ќе кажам да заборавите на рамноправноста. Се знае кој отвора врата, а кој вози трактор. Кој мести антена, а кој вика „Добро е!“.

Не бидете љубоморни. Ако некој решил да ве изневери, ќе го направи тоа и сред бел ден, во лифт, во канцеларија, во тоалетот на железничка станица, аеродром… Каде било. Важно е психички да се подготвите за тоа пред да бидете изневерени. Тоа ќе ви обезбеди мирен сон, под услов да си помогнете малку со некоја хемиска супстанца, не послаба од 5 милиграми.

Поделете ги обврските уште од првиот ден. Потпишете договор за извршување на обврските. Заверете го на нотар. Немојте после да се жалите дека ве боли кичма.

Оние кои ви велат дека љубовта трае цел живот, многу ве излажале. Не дозволувајте да живеете во лага. Сакајте се додека трае и после секој по свој пат! Тоа дека работите ќе се поправат со текот на времето е научна фантастика.

Имајте свој став во врска со сѐ и менувајте го само кога тоа е во ваша корист. Не се согласувајте на компромис, освен ако тоа не ви се исплати.

Не ги тепајте децата. Не ви се тие виновни што ве имаат вас за родители. Да бевте подобри и децата би ви биле добри, а вака… Подобро да молчам.

Ако и после сѐ ова решивте да се потпишете, јас од срце ви посакувам да заборавите на сѐ она што ви го кажав и можете да продолжите со овој свечен настан. Пијте и забавувајте се таму каде што сте закажале бидејќи веќе и онака плативте однапред, а никој не е блесав да ви ги врати парите.

Ви посакувам среќен брак и вечен заеднички живот!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар