Треба да разговарате со вашите деца. Секој ден. Тие разбираат сѐ, но многу работи не знаат!

Децата имаат стотици прашања секој ден, а родителите немаат стотици слободни минути во денот за да им ги одговорат. Сепак, тоа не значи дека нивните прашања не се важни и дека не заслужуваат време за да бидат одговорени.

Прочитајте ја оваа приказна од секојдневието на еден татко, којашто ќе ве потсети на важноста за посветувањето време за разговор со своите деца.

Треба да разговарате со вашите деца. Секој ден. Тие разбираат сѐ, но многу работи не знаат!

Родител сум веќе осум години.

За осум години, децата во мое време завршуваа основно училиште – т.н. осмолетка. Од првото учење букви, до полиноми, лектири, биологија, хемија, музичко, сè – многу информации може да се примат за осум години.

Кај родителството сето тоа е поразлично.

Тоа е претстава и улога за која нема школо.

Секој ден и држиш и слушаш предавања. Истовремено си и професор и ученик. Учиш од секого, вклучително и од своите деца. Чист џез – бројни импровизации, но стандардите мора да се знаат. Бидејќи без стандарди нема ни добра импровизација.

– Тато, може ли да ми ја исушиш косата? Ме намокри додека ме тушираше.

– Се разбира. Сакаш да ти ја расчешлам?

–Да, сакам. Ти тоа најдобро го правиш и речиси никогаш не ме боли кога ти ме чешлаш.

Искрено, не дека лесно го засакав чешлањето на косата на мојата ќерка, затоа што понекогаш знаеше толку многу да биде заплеткана што тоа беше пекол – и за мене и за мојата ќерка. Но, најдов начин како да биде што побезболно, така што нашиот ритуал за чешлање секогаш е и одлична можност за разговор.

– Знаеш, тато, тие двете момчиња кои вчера си играа со нас ми кажаа дека старата куќа зад нашата зграда е проколната, дека ги виделе знаците на сатаната, превртена ѕвезда и крв. Тие велат дека виделе демон. Се исплашив.

Ме обзема благ шок. Ја чешлам нејзината убава свилена коса и се прашувам: Од каде им се тие глупости на овие момчиња? Тие имаат само осум-девет години. Кој им кажал? Сигурно виделе на Јутјуб.

– Ќерко, тоа се глупости, момчињата лажат, каков демон… Да виделе вистински демон, тие сега ќе беа помочани од страв.

– Сега ми е полесно. Бев исплашена од тие безобразни момчиња. Но, тато, тогаш кажи ми:

  1. Зошто момчињата лажат?
  2. Што се демони?
  3. И зошто се вели: помочан од страв?

Размислувам од каде да почнам со одговори, а темите се сложени. Децата на осум години многу разбираат, нема повеќе смисла да им се раскажуваат бајки. Колку поскоро им објасниш некои работи – толку подобро. Претпоставувам.

Или не сум во право?

Па, сега јасно е зошто родителството е предизвик – треба сѐ да протолкуваш и да му објасниш на детето. Но, што ако моите одговори не се добри? А многу прашања чекаат на ред… И тогаш другите ќе речат – тоа е резултат на домашно образование, татко ѝ така ѝ кажал.

– Злато, момчињата лажат од повеќе причини. Прво да ги фасцинираат оние кои ги лажат, второ за да се чувствуваат важни, трето да те исплашат тебе и твоите другарки, четврто – момците ќе продолжат да лажат дури и кога ќе пораснат. Всушност, сите лажат. И момчињата и девојчињата, и стари и млади. И јас понекогаш лажам…

– Знам тато дека и ти понекогаш лажеш. На пример, кога ќе кажеш дека утре ќе ги вратиме книгите во библиотеката, а два месеци ги возиш во автомобилот. Или кога ќе кажеш дека повеќе нема да вечераш.

– Баш така ќерко, нема луѓе коишто се имуни на лаги. Само што некои лажат цело време и ги лажат сите луѓе, некои само понекогаш кажуваат мали лаги, а политичарите пак, постојано го лажат целиот народ, особено пред избори. А, и ти и брат ти знаете понекогаш да излажете, особено кога ќе направите некоја беља.

Не ѝ беше сеедно што ја ставив во група со лажговците, бидејќи иако понекогаш свесно лаже, не ѝ е сеедно кога ќе ја разоткриеме и ќе ја фатиме во лага. Со насмевка се повлекува од темата…

Треба да разговарате со вашите деца. Секој ден. Тие разбираат сѐ, но многу работи не знаат!

– Што се тоа избори?

– Тоа следниот пат – голема тема, а ти си сѐ уште мала.

– Не сум мала. Избори се кога се гласа.

– Токму така. Тоа е тоа, а сега да одиме на другото прашање – демони.

– Демоните се некои зли суштества како тој духот од ламбата што ја наоѓа Аладин, што го гледавме минатиот викенд во кино. Тие се невидливи и наводно им се прикажуваат само на некои луѓе. За нив се вели дека им се слуги на сатаната и дека доаѓаат од пеколот за да ги преземат човечките души. Ги тераат луѓето на зло и на правење грешки. Но, тоа не мора ништо да значи. Тоа е според верските книги. Има многу луѓе кои не веруваат во тоа и тие луѓе се атеисти. И тоа е во ред.

– И што има во пеколот?

– Не знам ќерко, не сум бил и се надевам дека нема ни да одам. Велат дека е жешко и дека ѓаволот долу ги готви и ги измачува душите на злите луѓе кои убивале, краделе и им правеле зло на другите. Ќе го учите тоа во училиште, по литература, историја, веронаука, по разни предмети. Ќе се споменува пеколот, а некои предмети тебе ќе бидат пекол ако не ти се допаѓаат, а треба да ги учиш.

– Добро. Не ми се допаѓа пеколот. А ако го излажам бато дека не знам каде се наоѓа нешто негово и притоа му го сокријам, дали и тогаш се оди во пеколот?

– Претпоставувам дека за тоа не се оди во пеколот, бидејќи на крајот сите души би завршиле таму поради мали лаги. Не верувам дека има толку многу место во пеколот.

– Како мислиш нема место во пеколот? Дали тоа е како хотел што може да се пополни, па да нема веќе казани за варење лоши души?

Се смеев во себе. Нема веќе казани во Хотел Пекол. Звучи како сценарио на Тарантино.

Децата се бескрајно духовити.

Од спалната жена ми брза, веќе е доцна, таа не може да спие, а нас ни остана и третото прашање. Викам: Готови сме за една минута, иако знам дека ќе ни требаат најмалку уште пет.

Значи, лажам – око не ми трепнува.

Косата ѝ станува се порасчешлана и поцврста. Ѝ ја мирисам. Го има тој специфичен детски мирис кој релаксира и исполнува. Понекогаш сакам да го вдишам и тој мирис на љубов засекогаш да ми остане во носот и во белите дробови. Звукот на фенот е исто така пријатен и го топли воздухот. За среќа е потребно толку малку.

– Тато, немој повеќе за пеколот да ми зборуваш, делува страшно. Туку, кажи ми зашто се вели: Помочан во гаќи од страв. Тоа е многу смешно. Како ем ќе се исплашиш, ем ќе се помочаш?

– Тоа е затоа што кога луѓето ќе се исплашат од нешто, чувствуваат стрес и мускулите на мочниот меур и дебелото црево почнуваат да се празнат, со цел да се исфрли непотребниот товар и исплашениот човек да може полесно и побрзо да избега. Значи – стрес.

– Ти и мама постојано го споменувате тој стрес, а никогаш не ви се случило тоа. Можеби евентуално кога сте биле мали бебиња. Тоа е смешно… Па тогаш вие немате толку многу стрес на работа колку што и двајцата се жалите. Дали е тоа некој вид лага?

Косата е веќе сува, а таа требаше да биде одамна во кревет. Прашањата не престануваат, а одговорите може да траат цела ноќ. Како таа ги поврзува работите, понекогаш останувам запрепастен.

– За стресот ќе разговараме друг пат. Подготвена си за спиење. Бакнеж, и во кревет. Добра ноќ, ангелу.

– Добра ноќ тато. Те сакам.

Треба да разговарате со вашите деца. Секој ден. Тие разбираат сѐ, но многу работи не знаат!

Оди во кревет, останувам во полумрак. Фенот се лади, повторно се слушаат звуците на ноќните птици од балконот. Размислувам за ситуацијата од самиот почеток на разговорот. Што ѝ кажале момчињата и како се одвивал разговорот понатаму?

Треба да се разговара со децата. Секојдневно.

Тие сѐ разбираат, но не знаат сѐ.

Треба да им се одвои време.

Треба себеси да се одвоиш од телефонот.

Треба себеси да се одвоиш од телевизорот.

Треба себеси да се одвоиш од сериите.

Треба децата да ги одвоиш од цртаните.

Треба себеси да се одвоиш од работата.

Треба да најдеш време.

Треба да разговараш.

Инаку, луѓето за миг се оддалечуваат и отуѓуваат, и сѐ си мислиш – животот ми е одличен, сè е во ред, но всушност живееш во паралелен свет…

Ти во својот, а семејството во својот.

Треба да се разговара, треба да се разговара со децата.

Најди време. Денес си, утре може не си.

А кој ќе ги подготви твоите деца за живот – ако не ти, божји човеку!?

Автор: Антонина Велјановска

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар