Според некои научници, универзумот е можеби свесен

Според некои научници, универзумот е можеби свесен

Што е свеста и од каде доаѓа е едно од најголемите прашања што ги мачи научниците и филозофите. Големите умови се обидуваат да го најдат одговорот уште многу одамна, а денес постои релативно нов научен концепт, наречен панпсихизам, според кој универзумот можеби би бил способен да развие свест. Некои дури веруваат дека оваа теорија за протосвест има потенцијал да ја замени теоријата за темната материја.

Според некои научници, универзумот е можеби свесен

ПОДДРЖУВАЧИ НА ОВАА ТЕОРИЈА

Грегори Матлоф и Бернард Хаиш

Главниот поддржувач на оваа теорија е Грегори Матлоф, физичар на Колеџот за технологија во Њујорк. Тој објавил научна студија за тоа како целиот космос можеби е свесен. Тој набљудувал некои ѕвезди кои се движеле побрзо и по навидум свесен пат.

„Ѕвездите немаат неврони или тубули, но спектралните траги на постудените ѕвезди како сонцето, го откриваат присуството на едноставни молекули… Изненадувачки, постојат докази дека постудените ѕвезди се движат побрзо околу галактичкиот центар за разлика од нивните пожешки сестри. Од оваа разлика во брзината не е невозможно панпсихизмот да излезе од филозофијата и да стане дел од астрофизиката.“

Германскиот теоретски физичар Бернард Хаиш во 2006-та година предложил дека свеста е произведена и пренесувана преку квантниот вакуум, или празниот простор. Секој систем кој има одредена комплексност и создава одредено ниво на енергија би можел да генерира или пренесува свест.

Кога доктор Матлоф открил за Хаиш и неговите размислувања, веднаш го контактирал и му предложил да направат тест. Тие набљудувале како постудените ѕвезди како нашето сонце се вртат побрзо околу центарот на Млечниот пат за разлика од пожешките.

Нивните податоци покажале шеми на оваа разлика во брзината. Овие шеми откриле дека постудените ѕвезди се движат побрзо поради „млаз во една насока“. Можеби ова е бидејќи ѕвездата свесно се манипулира самата со цел да постигне брзина.

„Ако стануваше збор за интеракција со гасни облаци, како сегашната теорија, секој облак би имал различен хемиски состав и би направил секоја ѕвезда да се однесува различно. Па зошто сите тие се однесуваат на потполно ист начин?“

Кристоф Кох

Кристоф, од Институтот за проучување на мозокот Ален, смета дека единствената теорија за свеста што ја имаме денес е: „Таа е ниво на свесност за себе и за светот околу нас.“ Причината што биолошките организми имаат свест е тоа што кога се наоѓаат во нова ситуација можат да го променат нивното однесување за да избегнат лоша ситуација.

Моментално Кристоф се обидува да го измери нивото на свест кај разни организми. Еден од неговите експерименти вклучува поврзување на мозоците на два стаорци за да види како ќе се пренесуваат информациите.

„Единствената доминантна теорија што ја имаме за свеста вели дека таа е поврзана со комплексност – способноста на системот да делува на неговата состојба и да ја одреди неговата судбина. Според теоријата, ова може да важи и за многу едноставни системи. Во принцип, некои чисто физички системи кои не се биолошки или органски би можеле да бидат свесни.“

Роџер Пенроуз

Физичарот од Велика Британија, сер Роџер Пенроуз, е познат по тоа што ја поврзал свеста со некои истражувања за квантна механика. Во 1980-тите тој изјавил дека свеста постои на квантно ниво и дека се наоѓа во синапсите на мозокот.

„Законите на физиката прават комплексни системи, а овие комплексни системи водат до свест, која потоа ја создава математиката, која потоа може да го дешифрира начинот на кој законите на физиката ја создале свеста.“

ПРЕОВЛАДУВАЧКИ ТЕОРИИ ЗА СВЕСТА

Материјализам

Свеста потекнува од материјата и може да биде целосно објаснета со невроните во мозокот. Па, без мозокот свеста воопшто не би постоела.

Дуалност на телото и умот

Свеста е одделна од материјата. Оваа теорија е цврсто поврзана со религијата или духовноста. Според неа, свеста е друг аспект од личноста, или нејзината душа.

Панпсихизам

Сè што пости, целиот универзум и секој негов атом имаат свест. И оваа теорија се поврзува со духовноста. Таа е слична со верувањето во хиндуизмот и будизмот – сите ние сме дел од универзален систем, а свеста е единственото нешто што постои. Постои една зен изрека:

„Ако дрвото падне во шумата и никој не бил таму да го слушне, дали направило звук?“

Ова значи дека сè што искусуваме е филтрирано и интерпретирано од нашиот ум, па без него универзумот воопшто не постои. Со други зборови, сè во универзумот е нереално освен ако не постои некаква свест да го набљудува. Во физиката овој начин на размислување укажува дека постои некаква протосвест, сеприсутна свест што ги прави нештата реални. Можно ли е целата реалност да е само симулација?

Теорија за протосвест

Според научникот и филозоф Џон Арчибалд Вилер, човекот познат за смислување на терминот „црна дупка“, фактот дека честичките немаат одредена форма или точна локација сè додека не се набљудувани или измерени може да биде дело на протосвеста. Тој верувал дека секое парче материја содржи малку свест што ја апсорбира од ова протосвесно поле. Покрај тоа, човечкиот набљудувач е клучен за овој процес. Ништо не постои сè додека нема некој вид свест да го набљудува.

Теорија за интегрирани иформации

Според неврологот и психијатар Џулио Тонони, свеста е манифестација на реална, физичка локација некаде во универзумот што сè уште не е пронајдена. Оваа идеја, позната и како теорија за интегрирани информации е малку поразлична верзија на панпсихизмот. Би можело да се каже дека ова место каде што се наоѓа свеста е како небесно тело кое зрачи свест, исто како што сонцето зрачи светлина и топлина. Доктор Тонони е и личноста која одредила мерна единица (фи) за одредување на свеста на едно нешто. Фи е дефинирано како „контролата на едно битие врз себе и врз предметите околу него“. Некои луѓе сметаат дека интелигенцијата и свеста се едно нешто, но оваа теорија ги одделува. На пример, вештачката интелигенција нема своја волја, но е многу интелигентна.

Свеста можеби не е ништо повеќе од активноста на невроните во мозокот. Но, можеби е и некое битие создадено пред секој атом и материја во универзумот. Прашањето сè уште останува без одговор. Дали можеби човечките умови се само мали делови од многу поголем космички мозок?

Дознајте нешто повеќе и за најлудите теории за човечката свест.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар