Се роди првото бебе од успешна трансплантација на матка од мртов донор

Се роди првото бебе од успешна трансплантација на матка од мртов донор

Научниците одамна се обидуваат да им помогнат на жените кои или се родени без матка, или ја изгубиле поради медицински причини. Ширум светот се родени само дузина бебиња од 50 обиди од матка од жив донатор, но ова е првиот случај кога се родило бебе од трансплантирана матка од мртов донатор.

Се роди првото бебе од успешна трансплантација на матка од мртов донор

32-годишната жена која била родена без матка, но била во добро физичко здравје, добила матка од 45-годишна мајка која починала од редок вид мозочен удар. Оваа жена ги донирала и нејзините бубрези, срце и црн дроб. Бебето родено со помош на оваа трансплантација само што наполни една година и е во совршено здравје.

„Користењето мртви донатори може значително да го зголеми пристапот до овој третман, а нашите резултати им нудат нова опција на жените со неплодност. Првите трансплантации на матка од живи донатори беа голем медицински успех и создадоа можност за раѓање кај многу неплодни жени со пристап до погодни донатори и потребните медицински установи“, изјавил доктор Дани Ејзенберг кој го водел истражувањето.

Успешна операција

Трансплантацијата била изведена на 20-ти септември 2016-та година, а операцијата траела 10,5 часа. Процедурата вклучувала поврзување на матката, вените, артериите, лигаментите и вагиналните канали на донаторот. Жената на којашто била извршена операцијата останала на интензивна нега два дена по зафатот.

Пет месеци по операцијата, матката не покажала знаци на одбивање. Ултразвучните скенирања не покажале аномалии, а жената имала редовен менструален циклус. Таа имала еден циклус со ин витро оплодување 4 месеци пред трансплантацијата, што резултирал со 8 оплодени јајце клетки. 7 месеци по операцијата, јајце клетките биле инплантирани во неа. Обично за ова се чека по една година, но бидејќи пациентката била во одлична состојба, можеле да го направат порано. Целата бременост се одвивала совршено, освен мала инфекција на бубрезите која била третирана со антибиотици во болница.

На 15-ти декември, 2017-та година, во болница во Сао Паоло се родило девојче со помош на царски рез. Ејзенберг изјавил дека сакал да го изврши породувањето неколку недели порано со цел да се избегнат компликации подоцна во бременоста. Бебето тежело 2.550 грама, а матката што била отстранета за време на царскиот рез не покажала аномалии.

Претходни обиди

Оваа процедура за прв пат била пробана во 2011-та година од тим од Турција, но не резултирала со живо бебе. Сепак, токму овој обид го инспирирал Ејзенберг да започне програма во Бразил којашто резултирала со успех. Пред да ја започне програмата, тој отишол во Шведска за да учи од лекарите кои се најискусни во трансплантација на матка.

Самата процедура е многу комплицирана и неколку од жените од Шведска кои добиле матка од живи донатори се соочиле со компликации. Трансплантацијата од мртов донатор е уште потешка поради тајмингот. Кога станува збор за жив донатор, се закажува операција за отстранување, а потоа веднаш за трансплантација. Операцијата трае околу 9 до 11 часа.

Потенцијалот за трансродовите жени

Бидејќи трансплантацијата на матка станува поуспешна, трансродовите жени гледаат можност еден ден и тие да бидат мајки, и покрај тоа што се родени како биолошки мажи. Теоретски ова е возможно, но на телото ќе му биде потребна сериозна подготовка.

Оваа процедура ќе започне со традиционална операција за менување на полот – лекарите ќе треба да направат вагинален канал. Потоа ќе треба да се направи место за матката и да се чека околу една година до трансплантацијата.

Пациентката со трансплантирана матка ќе треба да зема силни лекови за да се спречи одбивањето на органот од донаторот. По породувањето, матката ќе биде отстранета бидејќи овие трансплантации се направени привремени.

Се разбира, ова е само почетокот на трансплантацијата на матка. Но добро е што се зголемува бројот на потенцијални донатори, а со тоа и бројот на достапни матки. Во иднина сè поголем број неплодни жени ќе можат да имаат свое дете.

Погледнете и некои од најлудите операции кои навистина биле изведени.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар