Прочитајте ја оваа потполно поинаква новогодишна желба

Сите имаме желби и цели кои посакуваме да ги оствариме во новата година. Обично тие подразбираат пронаоѓање љубов, успех во кариерата и личен напредок. Но, оваа новогодишна желба е сосема поинаква од останатите. Таа ќе ги разбуди вашите позитивни мисли и ќе ви послужи како патоказ до светот во кој би сакале да живеете. Прочитајте ја оваа необична новогодишна желба од анонимен автор и доколку ви се допаѓа, споделете ја и со вашите најблиски…

Прочитајте ја оваа потполно поинаква новогодишна желба

Нема да ви посакам среќа, бидејќи луѓето имаат различно мислење за среќата. Наместо тоа ќе ви посакам тишина, бидејќи тишината е местото каде што се создава среќата. Посакувам вашите сопствени желби да ве доведат до тишината во длабочините на вашата свест. Таму ќе го најдете она што ви е потребно за да бидете среќни.

Би можел да ви посакам мир (и тоа од срце ви го посакувам), но како ќе го постигнете ако не ја препознаете тишината што се наоѓа во вас? Поради тоа, ви посакувам средба со неа. Нека годината што е пред нас ви донесе тишина во животот. Мирот ја следи тишината, како што утрото го следи сонцето.

Кога мојата желба би можела да ви даде сила да ги совладате сите пречки и неволји што ве очекуваат, силно би ви го посакал токму тоа! Но, силата никој не може да ви ја даде, ако не ја пронајдете самите. И таа се наоѓа на тивко место во вашата душа, местото што упорно го одбегнувате. Ви посакувам оваа година да го пронајдете тоа место. Кога ќе го сторите тоа, ќе бидете непобедливи.

Не ми ни паѓа на памет да ви посакам многу пари, бидејќи тие никого не го направиле среќен. Наместо тоа, посакувам да ве обвие тишина, бидејќи тишината е местото каде што сѐ друго се раѓа. Целиот универзум е создаден од тишина. Барајте го тивкиот извор во вас самите и потоа сѐ друго само ќе си дојде.

Би можел да ви посакам мудрост, бидејќи тоа сигурно ви е потребно. Но, ни тоа нема да го направам, бидејќи вашата мудрост доаѓа од тивкото место што го носите во себе. Невозможно е да се биде мудар, а да не се познава таа тишина. Барајте ја неа, а вашата потрага сама по себе ќе биде знак дека мудроста ве пронашла вас.

Посакувате смеа и радост? Ако го пресечете овошјето, каква радост можете да очекувате во неговите цветови и плодови? Тишината во вас е вашиот корен. Ви посакувам никогаш да не се одвоите од него. Ви посакувам жива тишина. Негувајте ја секој ден, па и вашите плодови ќе запеат песна на радоста.

Би било убаво да ви посакам здравје, но тоа е празна желба ако вие самите не разберете од каде тоа доаѓа. Доаѓа од истиот корен на тишината кој ги храни вашите достигнувања, ви носи радост и го храни и одржува вашето тело. Не правете си го на себеси тоа што коренот никогаш не би им го направил на гранките од неговото дрво. Слушајте го вашето тело, бидејќи тоа постојано ви ги шепоти зборовите на здравјето. Ви посакувам доволно тишина за да го чуете тој шепот.

И најпосле ви ја посакувам најголемата желба од сите желби на светот: Ви посакувам во вашето срце да заживее љубовта.

Можеби не забележавте, можеби ве збунив, но токму тоа ви го зборувам цело време! Што е љубовта ако не нашиот најдлабок корен? Љубовта продира длабоко, длабоко до самиот извор кој ги поврзува сите луѓе и сите живи битија на овој свет. За да сакате чисто, искрено и вистински, мора да ја познавате тишината на сопственото срце. Од длабочината на човечката душа настануваат среќата, мирот, силата, мудроста, радоста и здравјето. Тој извор, таа тишина, тоа е љубовта чие име сѐ уште е непознато.

Запаметете дека љубовта исто како и вистината, љубовта и сочувството немаат имиња, род, пол, раса или националност. Љубовта е сила која најдобро нѐ поврзува во тишина.

Од сѐ срце ви го посакувам токму тоа: Тишина. Ако доволно ја познавате, од неа ќе никне живот каков што отсекогаш сте посакувале.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар