Прочитајте го овој текст кога ќе се изморите од пораките дека мора да бидете „поубави“

Нѐ прелажаа. Во книгите, филмовите, сериите, списанијата. Нѐ излажаа и ние поверувавме, бидејќи лагите се насекаде околу нас. Каде и да се свртиме сите ни порачуваат дека можеме да бидеме поубави, дека можеме да изгледаме подобро ако се потрудиме малку повеќе, ако ја носиме правилната облека, соодветната шминка, ако се смееме повеќе… Можеме да бидеме поубави ако се промениме малку овде, малку таму, само да го достигнеме оној општоприфатен општествен стандард на убавина доволно за повеќе да не бидеме свои, да не бидеме она што сме.

Прочитајте го овој текст кога ќе се изморите од пораките дека мора да бидете „поубави“

Заборавете. Немојте да бидете поубави. Независно што луѓето велат за нашиот изглед, не мораме да се менуваме за да бидеме убави на кој било начин. Впрочем, што е убавината ако не збир од букви сложени во еден збор на кој му даваме моќ само затоа што сакаме. Да бидеме искрени – постојат стотици други работи кои можеме да ги постигнеме, кои ги сакаме а, кои немаат врска со убавината.

Бидете диви. Бидете личноста со толку слободен дух, што ниту цела војска нема да може да ја скроти. Ризикувајте, отпатувајте на крајот на светот ако тоа е тоа што ви треба.

Бидете интелигентни. Прочитајте ги сите книги што можете, вклучете се во сите знајни расправии, бидете литерат, напишете нешто свое, бидете љубопитни и интересирајте се како работите функционираат, испитајте ги сите откритија. Прашајте за сѐ што не разбирате и не се откажувајте додека не ги добиете одговорите.

Бидете борец. Борете се за оние луѓе кои немаат глас, за оние кои не можат да бидат слушнати. Застанете силно зад она во коешто верувате. Протестирајте за неправдата, заземете став.

Бидете љубезни. Добрината е квалитет кој во денешно време полека, но сигурно се распаѓа. Еден ден добрината и љубезноста ќе ги бараме како игли во сено. Ако сте благословени со добро и несебично срце, тогаш покажете ја добрината кон оние на кои им е најпотребна.

Бидете искрени. Ако ја носите вистината во себе, дозволете искреноста да ви се гледа во очите додека зборувате. Кога сте осамениот глас во купот лажливци, тогаш сте дел од најдоброто нешто што човештвото може да го понуди.

Бидете силни. Бидете забавни, бидете духовити, лојални, по малку луди, спонтани, креативни, вредни, непредвидливи, талентирани и бидете сѐ она што отсекогаш сте сакале да бидете. Но, никогаш не дозволувајте да ги менувате сите ваши квалитети кои ве прават единствени и поинакви, само за да се вклопите во стандардот на тоа што е „убаво“.

Одете и менувајте го светот. Верувајте, вам не ви е потребен изгледот за да пронајдете лек, да се борите со неправдата, одете и правете неверојатни работи користејќи ги сите таленти и дарби кои ги поседувате. Погледнете се повторно во огледало, но не гледајте го ниту лицето, ниту телото. Наместо тоа, погледнете во своите очи и во својата душа. Вие сте нешто полно со магија и не ви е потребен еден збор од 7 букви за да се дефинирате како личност. Бидете својата најдобра дефиниција и свртете го светот наопаку со своите единствени и прекрасни дарови кои можете да ги оставате на секој чекор.

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар