Поучна приказна за самопочитта и моќта на љубезноста

Еден ученик по медитација сакал сожалувањето да стане дел од неговиот секојдневен живот. Живеел сам во стан во некој голем град. На дното на скалите, во ходникот на зградата, живуркал еден бездомник.

Како и поголемиот дел од минувачите, ученикот по медитација секојдневно поминувал покрај бездомникот без да го погледне. Неколку пати му оставил некои ситни пари, најмногу затоа што имал чувство на вина и воопшто не се обидувал да му обрне внимание или да размислува за него. Не бил ниту немилосрден ниту зол, едноставно бил рамнодушен.

Поучна приказна за самопочитта и моќта на љубезноста

Додека учел за медитацијата, набрзо сфатил дека мора да го отвори срцето кон неговите блиски, не само на зборови туку и во реалниот секојдневен живот. Се сетил дека најдобриот почеток за постигнување на таа цел би бил токму тој бездомник.

Еден ден излегол од неговиот стан, се симнал по скалите и го погледнал право во очи како да му е близок пријател. На бездомникот му било непријатно и веднаш го тргнал погледот. Сепак вратите на сожалувањето конечно биле отворени.

Поминувале недели, а ученикот по медитација секој ден поминувал покрај бездомникот и внимателно се обидувал да го погледне во очи. Секое утро, пред да излезе од зградата учтиво му велел:

„Добро утро. Како сте денес?“

И секоја вечер кога се враќал од работа му велел:

„Како го поминавте денот?“

Љубезноста конечно се исплатела. Малку, помалку, бездомникот излегол од неговата удобна зона и почнал да му возвраќа на погледите, а во неколку прилики дури и се насмевнал. Конечно, по извесно време, почнал да му одговара на поставените прашања. Одговарал со:

„Утрово сум прилично добро. А вие?“

А навечер велел:

„Вечерва ми е подобро од утрото. Ви благодарам на прашањето.“

Неговата самодоверба растела.

Со текот на времето тоа прераснало во ритуал во кој ученикот по медитација почнал вистински да ужива. Искрено се радувал на средбата со неговиот пријател и открил дека му е сѐ полесно да се спријателува со непознати луѓе.

Но, еден ден бездомникот исчезнал без трага. Ученикот по медитација се растажил и се прашувал што би можело да биде причината. Деновите минувале, но бездомникот и понатаму му недостасувал. На крајот, едноставно се помирил со неговото исчезнување и сеќавањето почнало да избледува. Продолжил со неговиот вообичаен живот.

Еден ден, месец дена подоцна, кога на враќање од работа влегол во зградата, на скалите седел непознат човек. Кога му се доближил, тој веднаш станал да се поздрави. Не го познавал овој странец, кој сепак како низ магла му бил од некаде познат.

Човекот ја испружил раката и му рекол:

„Извинете што Ви пречам господине, но само сакав да Ви се заблагодарам.“

„Да ми се заблагодарите? За што?“, возвратил ученикот по медитација.

Странецот одговорил:

„Гледајте, некогаш живеев токму тука, под овие скали. Толку се срамев од себе и имав толку мала самопочит што никој не ме познаваше. Со години никој не беше љубезен кон мене. Никој не сакаше ни да ме погледне, ниту да ми посвети време. Немав пријатели и не се ценев самиот себе. Тогаш Вие почнавте да ме забележувате. Бевте љубезен кон мене. На крајот сфатив дека ако Вие можете да бидете љубезни и да ми укажете почит, тогаш и самиот би можел да бидам љубезен и да си покажам малку почит. Така собрав сила и најдов работа и стан. Купив нова облека. Мојот живот се смени. А знаете ли зошто? Поради Вас. Вашата добрина и желба да ме почитувате и да бидете добри кон мене ми го променија животот. Само сакав да Ви се заблагодарам.“

Ништо не е невозможно доколку веруваме во самите себе и се почитуваме. Понекогаш животот може да нѐ натера да заборавиме на нашите способности. Во таков случај доволно е само малку љубезност, внимание и убав збор за да се потсетиме колку вредиме и колку можеме да постигнеме. Никогаш не смееме да ја заборавиме нашата вредност. Секогаш бидете љубезни, бидејќи не знаете кому тоа може да му го смени животот.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар