Поучна приказна: Врабецот на психијатар

Поучна приказна: Врабецот на психијатар

Еден ден еден врабец решил да оди на психијатар. Кога пристигнал таму, психијатарот најпрво се зачудил, но потоа брзо се поздравил со него и пријатно го пречекал.

Поучна приказна: Врабецот кај психијатар

„Што ве доведе кај мене?“ прашал докторот, обидувајќи се да го сокрие својот изненаден лик.

„Господине доктор, верувам дека само уште вие можете да ми помогнете“, рекол врабецот и слетал на столот за прием на пациенти.

„Па, да видиме. Кажете ми господине врабец, зошто доаѓате кај мене?“

Врабецот ја наведнал својата глава, со едното око го погледнал докторот и му рекол: „Мојата мајка беше врабица од село и јас израснав таму, но подоцна, по нејзината смрт, се преселив во град, сакав повеќе да видам, да научам, а сега сум многу несреќен“.

„Значи, градскиот живот не ви донел ништо добро?“ прашал докторот.

„Животот во град е добар, во основа и не е нешто поразличен отколку животот на село. Тешкотиите кои не можам да ги совладам овде се исти како и таму. Мојата мајка беше многу весела. Таа го сакаше секој нов ден и целиот свој живот. Се грижеше за наше добро, секогаш имавме доволно за јадење, но исто така имаше време да пее со другите врапци, да лета по светот и да нѐ учи нови песни. Јас секогаш мислев дека тоа е нормален начин на живот, затоа што таа нам често ни зборуваше за некој човек кој ѝ рекол: ‘Небесниот Татко нам секогаш ни дава доволно за јадење и ние не треба да се грижиме’. Јас и никогаш не се грижев. Летав онаму каде што сакав, пеев како што сакав, застанував онаму каде што сакав, затоа што знаев дека Небесниот Татко се грижи за мене. Меѓутоа, колку што повеќе запознавав други врапци, толку повеќе сфаќав дека сум поразличен од останатите. Тоа досега не ми беше пречка, затоа што сите ми завидуваа на мојата радост. Јас живеам и можам на сите да им кажам колку е прекрасно да се биде на овој свет. Ви кажувам во доверба, јас сум познат како композитор на многу нови врапчешки песни“.

Потоа малиот врабец со загрижен израз на лицето, продолжил:

„Сега запознав една врабица која многу ми се допаѓа. За мене е важно што мисли таа, а таа мисли како и многу други, дека мора да гледаме на иднината, да штедиме и да собираме црви, да изградиме големо гнездо (по можност со тераса) за сигурна иднина. Тоа ме направи многу несигурен. Таа ми вели дека треба да се прилагодам на другите и дека целиот свет се грижи за иднината, а дека јас не сум сосема нормален што живеам на ваков начин. Затоа и сум овде кај вас господине доктор, затоа што и јас би сакал да станам нормален, но никако не можам да заборавам како досега живеев среќно, без некакви тешкотии и бев среќен, а сега воопшто не сум. Можете ли да ми помогнете?“

Откако поминал подолг момент на молчење, психијатарот рекол:

„Не. Не можам да ви помогнам затоа што ви завидувам“.

„Ми завидувате? Мене?“ прашал изненадено врабецот.

„Да. Во мојата пракса секојдневно разговарам со луѓе кои избрале друг пат, кои мислат исто како и вашата врабица. Повеќето од нив веќе имаат изградено гнездо за својата иднина. Па поради самиот труд и напор, заборавиле на смеењето и пеењето. Заборавиле да гледаат подалеку од работ на нивното гнездо и дека светот е голем и полн со прекрасни работи. Тие се трудат нивното гнездо да биде сѐ поголемо и пораскошно, а им се лутат на своите деца кои се љубопитни и седат на работ од гнездото, обидувајќи се од таму да одлетаат. Морам искрено да ви кажам дека за нас луѓето не е едноставно да веруваме во еден Татко. Ние премногу сакаме удобност и сигурност. Затоа ви завидувам на таа сила да живеете во надворешна несигурност, а во внатрешна радост. Јас може само да ви дадам еден совет: Останете онакви какви што сте, затоа што вашата врабица од вас има многу што да научи“.

Докторот го погледнал врабецот преку работ на своите очила, а тој ја спуштил главата и се обидел да ја сокрие радоста во своите очи, па одеднаш прашал: „Значи јас сум сосема нормален?“

„Најнормален!“ потврдил професорот додека го испраќал до вратата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар