Науката и пијанството: 5 најглупави грешки кои ги правиме кога сме пијани и зошто

Сечие пијанство е приказна за себе. Секој има свои граници до кои може да го поднесе алкохолот и секој има свој начин на однесување кога ќе ги премине тие граници. Плачење, смеење, спиење… Колку и да ни е забавно вечерта, следното утро сме мамурни и приморани да се соочиме со глупостите кои сме ги направиле во пијана состојба. Но не е сѐ наша вина. Науката вели дека сепак алкохолот е виновен за глупостите кои ги правиме пијани. Еве ги најчестите пет.

(1)-naukata-i-pijanstvoto-raka-pod-raka-5-najglupavi-greshki-koi-gi-pravime-koga-sme-pijani-i-zoshto-kafepauza.mk

1. Кажуваме работи кои не ги мислиме

Ова им се случува без исклучок на сите пијани луѓе. Се караме за безначајни нешта и кажуваме многу работи кои всушност не ги мислиме. Зошто? Пијанството прво го зафаќа фронталниот кортекс од мозокот каде се наоѓаат поголемиот дел од посложените функции на мозокот, односно, логика (пр. разбирање на непишани правила на социјално однесување), контрола на импулси, интелигенција (пр. способност за решавање математика) и слично. Со други зборови, колку повеќе алкохол внесуваме во организмот, толку помалку сме свесни за своите постапки. Овие функции се оние кои нè спречуваат да се однесуваме како примитивци, па под дејство на алкохол она што го кажуваме произлегува чисто од нашите емоции и импулси и знае да биде доста насилно, непромислено и емоционално.

2. Јадеме големо количество нездрава храна

Алкохолот отвора апетит, но ретки се оние кои јадат здрава храна кога се пијани. Наместо тоа, сите се фрлаат на сендвичи, пица и чипсови.

Едно истражување од Холандија објаснува како алкохолот го зголемува количеството храна кое го конзумираме пијани и влијае на желбата за уште пиење. Во истражувањето биле вклучени 24 здрави мажи кои биле поделени во две групи: на првата група мажи им било дадено да испијат вотка со сок од портокал, додека мажите од втората група пиеле само сок од портокал. Потоа и на двете групи им било понудено да јадат 4 вида храна: благо со многу масти, благо со малку масти, солено со многу масти и солено со малку масти. Следниот ден, групите ги смениле местата и сега првата група мажи пиеле само сок од портокал, додека мажите од втората група пиеле вотка измешана со сок од портокал и повторно на сите им била понудена истата храна.

Резултатите покажале дека оние мажи кои го пиеле алкохолот изеле помеѓу 11% и 19% повеќе храна од оние кои пиеле сок од портокал, односно 24% повеќе блага храна со многу масти. Од ова истражување јасно се гледа дека алкохолот не само што влијаел на количината храна која ја бара организмот под влијание на алкохол, туку влијае и на типот на исхрана.

(2)-naukata-i-pijanstvoto-raka-pod-raka-5-najglupavi-greshki-koi-gi-pravime-koga-sme-pijani-i-zoshto-kafepauza.mk

3. Пишуваме пораки на бившиот/ата

Ова е можеби и најголемата глупост која ја правиме пијани, односно онаа глупост за која најмногу жалиме следното утро. Сѐ уште мамурни го земаме телефонот во рака и ги читаме пораките кои сме ги составиле пијани (половина од зборовите се целосно нејасни), па се молиме да се отвори земјата и да нè проголта. И секако, се прашуваме кој ѓавол ли нè тераше да пишуваме пораки на бившиот/ата.

Одговор за тоа постои во науката. Професорот по психологија Брус Батолоу од универзитетот во Мизури дава објаснување за овие наши непромислени постапки според кое алкохолот влијае на таков начин што го стишува сигналот кој нашиот мозок го испраќа во моментот кога правиме грешка. Во неговото истражување учествувале 67 луѓе на возраст меѓу 21 и 35 години кои пиеле чист алкохол, пласибо алкохол или неалкохолно пиење. Потоа тие имале задача да решат компјутерски задачи, при што професорот Баталоу ја мерел нивната мозочна активност (како се чувствувале, колку добро ја решиле задачата и нивната перцепција за тоа колку добро ја решиле зададената задача).

Резултатите покажале дека оној сигнал, кој се пали како светилка кога правиме некоја грешка, бил значително потиснат кај оние кои пиеле алкохол и тоа без разлика на фактот дека сите три групи биле исто свесни за тоа дека правеле грешки. Ова со други зборови значи дека дури и пијани, точно знаеме што правиме, но со таа разлика дека не ни е важно.

4. Се плеткаме со непривлечни луѓе

Кому не му е познато отворањето очи во сосема непознат стан и чудењето кое доаѓа секунди подоцна кога покрај себе здогледуваме човек кој, не само што не се сеќаваме кој е, туку и воопшто не е наш тип. По ова, следува долго освестување и слабо успешни обиди да се сетиме каде сме биле и како по ѓаволите сме завршиле таму каде што сме. Но она што веројатно ни е најмногу нејасно е како сме можеле да се сплеткаме со некој кој изгледа како тој човек покрај нас. Науката вели дека постои објаснување зошто тој човек ни бил привлечен додека сме биле пијани.

Потврдено со безброј истражувања на оваа тема, луѓето повеќе ги привлекуваат луѓе со симетрично лице. Сите ние имаме билатерална симетрија, кај некои посовршена отколку кај други, што значи дека имаме само една линија на симетричност по целата должина на вертикалниот центар на нашето тело.

Според истражувања направени на Универзитетот Рухамптон во Лондон, алкохолот влијае на нашата способност да ја детектираме таа симетрија, односно да согледаме колку некоја личност е навистина привлечна. Истражувањето било направено на повеќе од 100 луѓе кои пиеле алкохол, пласибо алкохол или некој сок, а на кои потоа им биле покажани 20 слики со по две различни верзии на лицето на една иста личност (симетрична и асиметрична слика).

Според нивните одговори, на сите луѓе им била попривлечна симетричната верзија на лицето на човекот на сликата, но оние кои не биле под дејство на алкохол подобро разликувале дали верзијата е симетрична или асиметрична. Односно, пијаните луѓе можеле сосема лесно да ја видат непривлечната верзија како привлечна бидејќи им било тешко да ја согледаат разликата.

(3)-naukata-i-pijanstvoto-raka-pod-raka-5-najglupavi-greshki-koi-gi-pravime-koga-sme-pijani-i-zoshto-kafepauza.mk

5. Губиме работи

Уште една од работите кои неминовно ни се случуваат кога сме пијани е губењето работи. Целосно сме дезориентирани и несвесни што сѐ имаме со себе, па ги забораваме работите позади нас и потоа не можеме да се сетиме каде сме ги оставиле.

Научно гледано, ова наше однесување се објаснува така што алкохолот влијае на малиот мозок кој ја контролира нашата способност да ги движиме мускулите и да одржуваме рамнотежа, односно да балансираме, што крајно резултира со губење координација кога сме пијани. Како пример може да го земеме наједноставниот – способноста да си го допреме врвот на носот со затворени очи. Кога сме трезни ова е многу лесно, но кога сме пијани е многу тешко. Ова кажува дека кога сме под дејство на алкохол, тој влијае на нашиот мозок, па дури и најосновните движења ни стануваат тешки и некоординирани. Затоа при движење често се сопнуваме и сме сосема невешти со рацете. Оттука следува дека не е воопшто чудно што несвесно при вадење една работа од чантата или џебот, попатно сме потфатиле и нешто друго и не сме ни забележале дека паднало на земја. А бидејќи меѓу другото, алкохолот влијае и на способноста на мозокот да формира сеќавања, сосема сме заборавиле дека сме чепкале во чантата и џебот, што повлекува дека сигурно не се сеќаваме каде може да се наоѓа тоа што сме го изгубиле.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар