Најтешките кражби на овој век во светот

Најтешките кражби на овој век во светот

Досега сме имале можност да погледнеме голем број холивудски филмови, кои ни прикажувале спектакуларни, па дури и невозможни грабежи. Цел биле разни банки, музеи, приватни имоти, државни институции, училишта, возови и што ли уште не. Сепак, од фиктивното до реалното има многу голема разлика. Денешната технологија и сигурносните системи се често нерешлива енигма и за оние највештите, па сè поретко може да се чуе за вакви обиди. Иако според многумина најважно е да имате човек од внатре за да ви помогне, други велат дека генијалноста е клучот за успех при вакви незаконски дејствија. Ова се неколку од најголемите грабежи во светот кои се имаат случено во новиов век.

Најтешките кражби на овој век во светот

Декември, 2002 година, Музејот на наука, Хаг, Холандија

Музејот беше домаќин на изложба на дијаманти, а голем дел од дијамантите беа позајмени од страна на колекционери. Сепак, никој сè уште не е точно сигурен како се случила оваа трагедија. Музејот бил затворен за време на викендот и во понеделникот. Во вторникот наутро вработените нашле 28 празни излози, иако музејот е заштитен со камери, аларм, сензори и неколку чувари. Изложените дијаманти вкупно вределе 12 милиони долари. Сепак, ниту крадците, ниту дијамантите никогаш не биле пронајдени, а криминалното дело е едно од најдобрите нерешливи мистерии на денешницава.

Февруари, 2003 година, Дијамантскиот центар во Антверп, Белгија

Најголемиот број брокери за дијаманти ги чуваат своите камења токму тука кога прават зделки. Четворица крадци, нашле начин како да го пробијат алармниот систем, откако претходно успеале да дојдат до клучевите од трезорот и да направат копија. Тие направиле и снимки за сигурносните камери, на кои се прикажува дека ништо не се случува во центарот и ги пуштиле да течат врз оригиналните снимки. Успеале да испразнат 123 од 160 сигурносни кутии, оставајќи ги останатите, бидејќи не можеле да носат толку товар. Оваа акција била потпомогната од внатрешен човек, а полицијата пронашла примероци од ДНК во сефот, кој им помогнал да ги фатат крадците. Сепак, дијамантите и другите драгоцени камења кои заедно вределе повеќе од 100 милиони американски долари, никогаш не биле пронајдени.

Најтешките кражби на овој век во светот

Слика од сефот после кражбата

Февруари, 2005, Аеродромот Схипхол, Амстердам, Холандија

Овој грабеж не е ни одблизу елегантен како оној од Хаг, иако крадците добиле далеку повеќе, успевајќи да украдат необработени дијаманти во вредност од 118 милиони американски долари. Поради природата на грабежот, дефинитивно станува збор за дело потпомогнато од некој вработен на аеродромот. Ограбувачите се облекле во униформи од аеродромот, успеале да стигнат до сигурносното камионче со аеродромски ознаки кое ги носело дијамантите и избегале заедно со него.

Март, 2007 година, АБН Амро банка, Антверп, Белгија

Употребувајќи го името Карлос Хектор Фломенбаум, еден човек успеал да извлече огромна корист од оваа банка, откако после една година користење на нивните услуги, добил ВИП влез до сефот. Користејќи го неговиот статус, тој непријатно ги изненадил вработените во банката со тоа што слободно влегол во сефот од кој украл дијаманти проценети на 120.000 карати, кои вределе 28 милиони американски долари. Во неговиот лов успеал да собере ретки сини и зелени камења.

Најтешките кражби на овој век во светот

Влезот на банката

Февруари, 2008, Изложбен салон за накит „Damiani“, Италија

Во овој случај крадците решиле да го заобиколат сигурносниот систем и вооружените чувари, преку дупчење на ѕидот кој ги поврзувал подрумот на соседниот дуќан и сефот на салонот. Невооружени и облечени во полициски униформи, крадците ги заврзале вработените и украле дијаманти, рубини и злато кои вределе повеќе од 20 милиони американски долари. Буката која ја предизвикале преку бушењето, не била сомнителна бидејќи во близина на салонот имало градилиште, па никој не забележал разлика во звуците.

Август, 2009, Продавница за накит „Graff“, Лондон, Англија

Двајца вооружени мажи во костуми влегле во продавницата, во која собрале 43 предмети во вреќа и ги заплашиле вработените со неколку истрели во воздух. Избегале со 1.437 дијаманти, кои се наоѓале кај накитот. Тие достигнувале вредност од 40 милиони фунти, а ова претставува најголемиот грабеж во Британската историја. Еден од највредните предмети, бил синџирот направен од злато и платина, кој содржел 272 различни розови и жолти дијаманти.

Најтешките кражби на овој век во светот

Слика од сигурносната камера при влегувањето на крадците

Едниот од крадците, Аман Касаје, се обидувал неколкупати со различни коли, носејќи на себе шминка, да избега од градот, но не успеал. Тој бил фатен и осуден на затворска казна од 23 години во 2010 година. Другите тројца соучесници биле исто така фатени и затворени, но дијамантите никогаш не биле пронајдени. Оваа акција не била потпомогната од никого, бидејќи двајцата крадци кои влегле, биле добро вооружени, а другите ги чекале надвор за брзо бегство, правејќи ја оваа кражба една од најхрабрите во историјата.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран новинар со широк спектар на интереси. Љубител на ТВ серии, фудбал и Цедевита. Статистичар по природа и страстен фан на Јувентус и Роџер Федерер.

Поврзани содржини

Остави коментар