Цитати од Марлон Брандо - актер над актерите

Цитати од Марлон Брандо – актер над актерите

„Ако не знаеш да живееш, тогаш не ни живееш“ – вака гласело животното мото на филмската легенда, Марлон Брандо (3 април 1924 – 1 јули 2004), испишано на еден од ѕидовите во неговата соба. Познат е како холивудската икона која се бореше за правдата и еднаквоста на „обоените“. Човековите права му беа пред парите и славата, а тоа го потврди и со одбивањето да се појави на Оскарите и да го подигне признанието за најдобар актер за улогата во култниот „Кум“.

Брандо бил дрзок и одбивал послушност, особено кога станувало збор за неговото образование. На оваа тема велел: „Ми пречеше дисциплината. Морав да им изразувам почит на оние кои не ги почитував. Го мразев ѕвончето. Сакам живот во кој времето не значи ништо.“

Марлон Брандо - актер над актерите

Се обидел и да режира, откако Стенли Кјубрик се откажал од таа задача во „Едноокиот Џек“ (One-Eyed Jacks, 1961), заради несогласувања со него и со продуцентот. За да не пропадне филмот, на сцена стапил темпераментниот Брандо. По шест месеци импровизација создал 5-часовно дело, но бидејќи никој не сакал да го прикаже, бил принуден да го скрати на 2 часа и 20 минути. Никогаш повеќе не се обидел да режира, но затоа пак, е прогласен за четврта најголема филмска ѕвезда во историјата, од страна на Американскиот филмски институт.

Покрај во „Кум“ и во „Едноокиот Џек“, познат е и по улогите во: „Трамвајот наречен желба“, „Јулиј Цезар“, „Млади лавови“, „Буната на бродот Баунти“, „Грофицата од Хонг Конг“, „Последно танго во Париз“. Повеќе за ставовите на филмската легенда, дознајте преку следните цитати:

„Телевизијата е измислена за и неписмените да имаат причина да носат очила.“

„Единствената причина што сум во Холивуд е тоа што немам морална храброст да одбијам пари.“

„Актер е човек кој ако не зборувате за него, нема да ве слуша.“

„Јас само сакам да сум нормално луд.“

„Човекот се раѓа, живее и умира сам. Љубовта и пријателите само создаваат илузија дека тоа не е така.“

„Постарите веруваат во сè, средовечните се сомневаат во сè, а младите знаат сè.“

„Само затоа што велат ‘акција!’ не значи дека треба да правите нешто.“

„Каењето му припаѓа на минатото.“

„Би ми аплаудирале ли луѓето и ако сум добар водоводџија?“

Марлон Брандо - актер над актерите

 

„Единствената работа која актерот ѝ ја должи на публиката е да не ѝ здодее.“

„Актерството е израз на невротичен импулс. Скитнички живот. Неговото напуштање е знак на зрелост.“

„Никогаш не мешајте ја големината на вашата плата, со големината на вашиот талент.“

„Актерството е празна и бескорисна професија.“

„Јас сум од оние луѓе кои веруваат дека ако се доволно добри во овој живот, кога ќе умрат, ќе одат во Франција.“

„Да ја разбере суштината на животот е должност на еден актер, да ја протолкува е негов проблем, а да ја изрази мора да е посветен.“

„Доаѓам од семејство на ирски пијаници.“

„Сите што глумат во еден филм заслужуваат награда, а не само една личност.“

„Имам очи како на мртва свиња.“

„Не ми пречи што сум дебел. Сè уште ги добивам истите пари.“

„Ако веќе не сме чувари на нашите браќа, да не бидеме барем нивни егзекутори.“

Погледнете и дел од најпознатите филмски сцени и реплики на легендарниот актер:




Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Минималист ;)

Поврзани содржини

Остави коментар