Ќе ве обземе носталгија: Кои работи им недостасуваат на луѓето од времето кога немале Интернет?

Ќе ве обземе носталгија: Кои работи им недостасуваат на луѓето од времето кога немале Интернет?

Современата технологија толку многу ни ги има олеснето работите, што сосема сме заборавиле каков ни бил животот претходно. Денес не можеме ни да си замислиме како сме стигнувале до подалечни дестинации без „Google Maps“ и без уреди за навигација. Се вадиме од памет ако случајно ни заѕвони фиксниот телефон, бидејќи сме заборавиле дека воопшто постои такво нешто, а новите генерации не ни знаат што значи тоа да подигнеш слушалка без да го видиш бројот што ѕвони. Најновите информации ни се достапни кога и да посакаме, а поимот „приватност“ полека се губи од нашиот живот бидејќи денес нема што не се објавува на социјалните мрежи. Поминати се деновите кога сме можеле да ја напуштиме Земјата без да оставиме трага. Секој наш чекор се снима и сѐ што ќе објавиме на Интернет останува запечатено засекогаш. Па, кои работи најмногу им недостасуваат на луѓето од времето кога немале Интернет? Сигурно ќе се пронајдете во повеќето од нив…

Ќе ве обземе носталгија: Кои работи им недостасуваат на луѓето од времето кога немале Интернет?

Не можеше да се најде решението за тоа како да се помине некоја видео игра

„Поминувавме со часови во решавање загатки и правевме свои мапи за видео игрите само за да го најдеме излезот од некое ниво. Звучи напорно, но токму во тоа лежеше забавата. Некои нивоа ги поминувавме дури по неколку месеци постојано играње. Денес, Интернетот ги сервира решенијата на тацна и ретко кој може да им одолее.“

Порано моравме да бидеме упорни и да играме сѐ додека не го најдеме решението. Честопати се консултиравме со пријатели и замолувавме некој да ни го помине несовладливото ниво. Денес, можеме да ги побараме решенијата на Јутјуб и да ја поминеме играта за неколку часа. Ќе мора да се согласите дека тоа малку ја уништува забавата.

Не бевме секогаш достапни

„Полесно беше да се одбегнат некои луѓе.“

Денес не можете да ги одбегнете вашите пријатели или кого било. Социјалните мрежи го следат секој ваш чекор и секоја информација е многу лесно достапна. Доколку сакате да избегате од сите, ќе мора да отидете на планина каде што нема Интернет и целосно да се изолирате.

Факултетскиот живот бил сосема поинаков

„Не можам да си замислам какво било учењето на факултет. Сигурно студентите не биле затрупани со толку многу имејлови, онлајн задачи и слично. Веројатно било многу поедноставно.“

Порано луѓето морале да одат во библиотеки и да читаат книги за да добијат потребни информации за семинарски и проекти. Информациите биле многу поверодостојни, а денес никогаш не можеме да бидеме сигурни дали веб-сајтот што сме го нашле на Интернет е соодветен извор на податоци.

Гледавме музички програми

„По цел ден ги вртевме музичките програми со надеж дека ќе ја начекаме нашата омилена песна.“

Доколку сакавме да бидеме во тек со најновите музички видеа, моравме да гледаме музички програми. По цели денови сме седеле пред телевизорите со надеж дека ќе го пуштат најновиот спот од нашиот омилен пејач, пеачка или група.

Изнајмувавме ДВД филмови

„Секој петок се собиравме со друштвото, одевме во маалската видеотека и баравме кој филм да го гледаме. Па, ќе се испокаравме дали да гледаме хорор или комедија, заборававме да го вратиме филмот па моравме да плаќаме повеќе… Убави времиња.“

Симнувањето филмови од Интернет беше незамислив поим. Моравме да изнајмуваме филмови доколку сакавме да ги погледнеме најновите филмски хитови.

Ќе ве обземе носталгија: Кои работи им недостасуваат на луѓето од времето кога немале Интернет?

Измислувавме работи и луѓето ни веруваа

„Можевме да измислуваме работи, бидејќи никој не можеше да ги провери информациите на Википедија. Со часови сме дебатирале на најразлични теми затоа што не сме имале Интернет да ни докаже кој е во право.“

Можевте да бидете најпаметниот човек во друштвото само затоа што сте имале бујна имагинација и добри говорни вештини. И онака никој не носеше енциклопедија со него цело време.

Рачно напишани писма

„Ми недостасуваат рачно напишаните писма.“

Порано си праќавме писма со роднините и пријателите од странство. На училиште постојано добивавме љубовни писменца од тајни обожаватели. Денес, социјалните мрежи многу ја имаат олеснето комуникацијата и нема повеќе потреба од такво нешто.

Чекавме по цели недели за да ја гледаме следната епизода

„Ми недостасува неизвесноста кога ја чекав следната епизода од мојата омилена серија секоја недела. И денес треба да се чека една недела за да излезе нова епизода, ама сите чекаме прво да излезе цела сезона за да ги изгледаме сите епизоди наеднаш.“

Сите се редевме пред телевизорите за да ја гледаме најновата епизода од нашата омилена серија. Тој час беше резервиран само за тоа и не смееше да се направат никакви други планови. Денес, луѓето ги гледаат епизодите кога им одговара, обично сите наеднаш.

Не бевме зависни од технологија

„Порано не ми беше тешко кога немав никаков допир со технологија подолго време.“

Денес не можеме да издржиме ниту секунда без да погледнеме во нашите телефони. Тоа создава голем стрес и анксиозност. Ако немавме телефони, со што ќе се занимававме додека го чекаме друштвото да се појави на договореното место?

Комуникација очи во очи

„Моравме лично да се видиме со луѓето за да завршиме некоја работа. Денес, сѐ можеме да средиме онлајн или со помош на неколку имејлови.“

Денес речиси сѐ функционира автоматски. Не мораме да мрднеме од дома за да ги завршиме повеќето работи.

Ќе ве обземе носталгија: Кои работи им недостасуваат на луѓето од времето кога немале Интернет?

Почесто го слушавме гласот на луѓето

„Ми недостасува тоа што порано постојано им се јавуваме на луѓето, наместо да им праќаме пораки.“

Луѓето не се слушаат повеќе. Сѐ се врти околу пораките. Попрво ќе му пратиме порака некому на Вајбер или Фејсбук отколку да се јавиме да му го чуеме гласот.

Полесно се договаравме

„Ќе направевме план и ќе го реализиравме. Не моравме да испратиме 200 пораки само за да се договориме за едно кафе.“

Пред Интернетот не праќавме по илјада пораки за да ни потврдат пријателите дека ќе дојдат на некој настан. Едноставно се договаравме со друштвото да се чекаме некаде во одредено време и толку. Потоа одлучувавме каде ќе одиме и што ќе правиме.

Слушавме музика на цедиња

„Моравме да режеме цедиња за да слушаме музика. Па, цедето ни „скокаше“ баш на омилената песна, па режевме ново… Пуштавме радио за да ги чуеме најновите хитови.“

Посебно задоволство е кога ќе го купите цедето со омилените песни од музичка продавница. Денес едноставно симнуваме песни од Интернет. Само кликаме и слушаме. Искуството не е толку интимно и посебно како претходно.

Го гледавме лицето на луѓето

„Луѓето не зјапаа постојано во телефоните кога се излезени со пријателите. Тие едноставно разговараа едни со други.“

Во денешно време сите постојано зјапаме во телефоните. Премногу сме зафатени со впивање нови информации што немаме време да се гледаме во очи. Кога ќе излезете нареден пат, погледнете околу себе. Ќе забележите дека речиси сите гледаат во нивните мобилни телефони. А тоа е многу тажно.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар