Како се разликува модерниот човек од нашите предци?

Ако некогаш сте се обиделе да направите ваше семејно стебло, сигурно сте забележале колку е тешко да се најдат информации за вашите предци. Замислете тогаш колку е тешко да се направи семејно стебло кое почнува пред милиони години во историјата, долго пред хомо сапиенс да зачекори на планетата.

Како се разликува модерниот човек од нашите предци?

Сепак научниците и археолозите успеале да научат многу за нашите предци благодарение на фосилите и географските откритија од развојот на Дарвиновата теорија за еволуцијата. Со секое откритие подобро разбираме колку слични и колку поразлични биле нашите предци од нас.

Некои од нашите најпрви предци, кои воглавно се познати како хоминиди, биле дел од родот аустралопитекус. Со нивните дебели веѓи и влакнести тела, тие многу малку наликувале на денешниот човек. Жените биле високи помеѓу 1,1 и 1,2 метри, а мажите достигнувале висина од 1,5 метри. Луси, познатиот скелет откриен во Етиопија кој е стар 3,2 милиони години, има висина од само 1,1 метар.

Овој вид луѓе живееле во шумите и полињата на Африка пред околу 4,4 милиони години и исто како нас се движеле исправено на две нозе. Научниците мислат дека ова прилагодување им овозможило на нашите предци да наоѓаат храна во саваните на Африка, додека горилите и шимпанзата биле заробени во шумите. Како резултат на ова, нашите предци можеле да консумираат риба, желки, па дури и крокодили, односно храна богата со масни киселини. Без разлика дали нашите предци ги ловеле овие животни или ги собирале остатоците од туѓите пленови, месото се покажало како одличен додаток во исхраната покрај овошјето, зеленчукот, корењата и инсектите кои најверојатно ги јаделе.

Според неодамнешно истражување, можеби овој начин на исхрана објаснува зошто пред 2 милиони години мозокот на нашите предци почнал забрзано да се зголемува. На почетокот, овие видови имале мозок кој бил третина од големината на човечкиот мозок, а подоцнежните видови покажуваат знаци на поразвиени когнитивни способности.

Како и луѓето, така и нашите предци развивале и користеле алатки, без разлика колку биле примитивни. На пример, археолозите пронашле знаци на коските на животните кои покажуваат дека тие биле убивани. Предците веројатно користеле камен со остар врв за да го исечат месото, но нивните алати биле толку примитивни што понекогаш е тешко да се разликуваат од обичните камења.

Доказите укажуваат дека нашите предци биле социјални битија, исто како и нас. Граделе засолништа во кои собирале храна и ја делеле помеѓу себе. Некои научници сметаат дека додека мајките се грижеле за малечките, мажите помагале со другите задачи.

Иако сè уште имаме безброј прашања за животот на нашите предци, секое ново откритие само го потврдува нивното место во нашето огромно и комплицирано семејно стебло.

Погледнете и како навистина изгледале нашите предци.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар