Како се освојува Нобелова награда? 5 работи што треба да ги знаете

Актерите добиваат Оскари, спортистите злато на Олимписките игри, но за научниците, писателите и борците за мир во светот не постои поголемо одликување од Нобеловата награда. На почетокот на оваа недела почнаа да се објавуваат добитниците на Нобелова награда за 2016 година, каде што секојдневно се открива име на еден од нив, почнувајќи од областа на медицината. Во продолжение ви прикажуваме пет работи кои треба да ги знаете за оваа престижна награда која е создадена од шведскиот хемичар во деветнаесеттиот век.

Како се освојува Нобелова награда: 5 работи кои треба да ги знаете

1. Во што се состои најголемата важност на Нобеловата награда?

„Репутацијата на Нобеловата награда се сведува на историска и парична вредност“, вели кураторот на Нобеловиот музеј во Стокхолм, Густав Калстранд.

Моментално секоја статуа е вредна 8 милиони шведски круни (околу 830.000 долари), што ја прави оваа награда една од најпрофитабилните во светот. Калстранд вели дека кога прв пат ја предале Нобеловата награда во 1901 година, паричната награда изнесувала приближно колку сите плати на професорите во рок од 20 години. Денес парите се на второ место. Имено, за многумина најголема награда е да се приклучат на групата Нобелови лауреати како што се Алберт Ајнштајн, Марија Кири, Мартин Лутер Кинг и Ернест Хемингвеј.

2. Зошто е толку таинствена?

Ако ги прашате судиите за Нобелова награда кои се нивните фаворити, тие ќе се повлечат како да кријат голема светска тајна. Всушност, Нобеловиот статус им забранува половина век да коментираат за номинираните (освен за победниците). Кураторот Калстранд вели дека постојат две причини за тоа. Првата е што судиите сакаат да ги поштедат оние кои биле номинирани, а не победиле. Сакаат да ги заштитат од стрес и од лошо чувство дека изгубиле.

„Нобеловата награда не е натпревар во таа смисла“, вели Калстранд.

Втората причина е затоа што треба да се сочува независноста на судиите. Кога почнала да се доделува Нобеловата награда, светската научна заедница била многу мала, при што судиите честопати ги знаеле номинираните и оние кои ги номинирале.

3. Кои се судии?

Во својот тестамент во 1895 година Нобел одредил кои институции би требало да ги одредуваат победниците. За наградата во областа на медицината, задачата ја предал на Каролинскиот институт во Стокхолм. Кралската шведска академија на науките ја доделува наградата за физика и хемија, а шведската академија, со сосема различен тим, ја доделува наградата за книжевност. Иако многу Швеѓани се жалат, Нобеловата награда за мир ја доделува собранието на соседна Норвешка. Таквата одлука Нобел никогаш не ја објаснил.

Како се освојува Нобелова награда: 5 работи кои треба да ги знаете

4. Дали постои Нобелова награда за економија?

Нобел во својот тестамент не споменал Нобелова награда за економија. Неа почнала да ја доделува централната банка на Шведска во 1968 година во знак на сеќавање на Нобел. Таа се доделува како и другите награди, на годишното доделување награди на 10-ти декември, кога се одбележува годишнината од смртта на Нобел. Меѓутоа, Нобеловата фондација одбива да ја нарекува Нобелова награда. Официјално станува збор за награда на шведската банка за економски науки во знак на сеќавање на Алфред Нобел.

5. Како може да се освои Нобеловата награда?

На лауреатите честопати им се поставува ова прашање, а нивниот најчест одговор е дека треба да работите вредно и напорно и да ја следите својата страст. Секако дека помага ако направите револуционерно откритие како што се рендгенските зраците или пеницилинот. Во научните категории победниците најчесто чекаат со децении пред судиите да проценат дали нивното откритие го издржал тестот на времето. Сосема друго е при доделувањето на Нобеловата награда за мир која обично се доделува некому во средина на борбата за мир и демократија. Тоа објаснува зошто некои Нобелови награди за мир од оваа перспектива изгледаат како да се малку прерано дадени, како што е на пример наградата од 1994 година за блискоисточниот мировен договор кој сега е во распад.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар