Како мозокот избира дали некој настан е позитивен или негативен?

Дали некогаш ви се случило некој настан, на пример прослава или вечерно излегување, да ви биде проследено со голем број непријатни ситуации, но крајниот впечаток сепак да е позитивен, што дури и посакувате сето тоа да се повтори? Оваа појава воопшто не е чудна, всушност е многу нормална, бидејќи нашиот мозок функционира слично како системите за навигација – избира клучни моменти (точки) од некој настан и ги поврзува со директна врска, за да формира спомен, прескокнувајќи ги помалку значајните мигови.

Како мозокот избира дали некоја случка е позитивна или негативна?

Сетете се само на оној концерт кога бевте згазнати, полиени со пијачка, истуркани, но сепак, дома отидовте среќни и задоволни, па дури и проверивте каде следно настапува вашиот омилен бенд. Како наеднаш се смени вашата перцепција? Одговорот е во влијанието на когнитивните предрасуди од долгата листа кратенки што нашиот мозок ги користи за да ни ги оформи однесувањата и сеќавањата. Оваа појава може да се нарече и правило на кулминација и исход, кога впечатокот е формиран од најдобрите моменти во текот на некое случување и крајниот резултат од него.

Како функционира мозокот во вакви случаи?

Нашите мозоци немаат капацитет за активно да ги паметат сите детали од сè што сте виделе и сте искусиле. Еволуцијата помогнала да се сеќаваме на тоа што ни е корисно, како што се и најболните и најубавите моменти. Ваквото помнење помага или да се потсетиме зошто нешто ни било убаво или да се сетиме да избегнеме непријатна ситуација слична на некоја претходна.

Самиот развој на мозокот придонел луѓето да памтат „економично“, односно да имаат кратенки од најдобрите моменти (кулминацијата) и од крајните моменти, односно од исходот.

Моменти на кулминација

Ова се оние спомени кои први ги складираме во меморијата, но и лесно можеме да се сетиме на нив, дури и на чувствата кои сме ги имале во моментот. На пример, по шопинг, се сеќавате само на продавниците каде што сте нашле производ кој ви требал и по цена која ви одговарала, но нема да можете да се сетите во кои од бутиците имало најголема турканица и дали вработениот на каса бил брз или бавен.

Како мозокот избира дали некоја случка е позитивна или негативна?

Моменти на исход

Овие моменти можат да се опишат преку пример со лекарска интервенција, како што е породувањето. Жена која успеала да се породи кратко по добивањето болки и контракции, без потреба од анестезија или дополнителна лекарска интервенција, искуството го опишува како краткотрајна мака која резултирала со голема среќа. За разлика од неа, пак, жена која имала комплицирано и болно породување, кое можеби вклучувало и оперативен зафат, извесен период ќе се сеќава токму на болките и немоќта кои биле присутни неколку дена потоа. Жените од двата примера поминале низ процесот на раѓање дете, кој има ист исход, но различен тек. Она што и двете ќе го паметат се последните неколку минути пред процесот целосно да заврши и врз основа на тоа ќе го пренесуваат своето искуство.

Во случај на негативен исход од некој настан, важи и спротивното. Без разлика колку позитивни моменти имало, она што се случило на крај го формира целиот впечаток.

Како мозокот избира дали некоја случка е позитивна или негативна?

Како правилото на кулминација и исход да го употребите во своја корист?

За да имате подобри спомени, секогаш обидете се да го претпоставите исходот од некоја акција, на пример кога организирате забава. Зачувајте ги најдобрите и најзабавните идеи за на крај, за да оставите посилен впечаток. На тој начин, вашите гости ќе си отидат задоволни од вечерта.

Доколку сте во можност, вклучете повеќе забавни елементи во некоја активност. На тој начин ќе формирате повеќе „врвови“ преку кои ќе си помогнете да имате позитивни сеќавања од некоја прослава, презентација или приватна забава. Секако, овие елементи не мора да бидат долготрајни и нема потреба да бидете забавувач за другите, туку треба да бидат спонтани, а тоа е можно само кога целото искуство е опкружено со драги луѓе и позитивни емоции. Дури и кога послужувате храна, подобро е да ја принесувате на маса во епизоди, наместо да поставите сè што имате уште на самиот почеток на вечерта.

На крај, може да се заклучи дека ова правило на кулминација и исход ни помага да не го преполнуваме мозокот со спомени кои не ни се потребни. Благодарение на него, засекогаш ќе имаме добри спомени од роденденски, новогодишни или какви било други прослави.

Потсетете се и зошто исчезнуваат раните сеќавања од детството.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар