Дали овој едноставен тест ќе го погоди вашиот карактер?

Дали овој едноставен тест ќе го погоди вашиот карактер?

Секоја личност е уникатна на свој начин. Психолозите веруваат дека секој од нас си има оригинален потпис, а нашите цртежи и чкртаници се уникатен извор на информации кои кажуваат многу за нас.

dali-ovoj-ednostaven-test-kje-go-pogodi-vashiot-karakter-kafepauza.mk

Кога цртаме, ние потсвесно ги проектираме нашите особини на лист хартија. Поради ова тие мали цртежи се толку важни. Овој едноставен тест е техника дизајнирана да ги открие главните карактеристики кај личноста. Многу често се користи кај интервјуата за работа и за други рани евалвации. Сè што треба да направите е да нацртате куќа, дрво и човек.

Што се анализира во вашиот цртеж?

Димензиите на цртежот ја претставуваат вашата самодоверба. Линиите и потезите (нивниот притисок, јакост или нежност) го покажуваат нивото на посветеност и колку удобно се чувствувате кога донесувате одлуки. На пример, ако два пати ја цртате истата линија, тоа е знак на несигурност, незадоволство и перфекционизам.

1. Цртежот од куќата

Куќата ги претставува семејните врски, како го гледате и интерпретирате семејниот живот. Ова кажува многу за вашето мислење за семејните вредности и за вашето семејство.

Линии и ѕидови: Тие ги претставуваат границите и силината на вашето его. Тенките линии укажуваат на слабо его, додека дебелите укажуваат на проблеми со анксиозноста и потребата од поставување граници.

Покрив: Покривот ја прикажува вашата фантазија. Недовршен, мал или покрив кој гори значи дека ги избегнувате вашите фантазии кои некогаш ве застрашуваат. Ако сте посветиле повеќе внимание на покривот, тоа значи дека обрнувате многу внимание и на вашите фантазии и идеали.

Прозорци, врати и патеки: Сите три се начин за влегување во куќата, па тие се поврзани со вашата отвореност и вашата желба за интеракција со другите. Доколку прозорците се прекриени или со решетки, патеката е многу долга и има ограда, тоа значи дека не сакате да откривате премногу работи за себе. Доколку сте нацртале светилки, тие покажуваат дека посетителите се добредојдени во вашиот живот. Отворените врати и прозорци може да бидат знак за потреба од интеракција со другите. Големите прозорци може да укажуваат на егзибиционистички желби.

2. Цртежот од дрвото

Дрвото ги претставува најдлабоките и несвесните аспекти од вашата личност. Тоа ги претставува работите кои обично ги чувате за себе.

Стебло: Стеблото го претставува вашето его. Темните и дебели линии на стеблото укажуваат на анксиозност поврзана со вашата личност. Малото стебло е ограничена сила на егото, а големото е голема сила на егото. Дрво кое е поделено на половина, како да е удрено од гром, може да укажува на ментална болест.

Гранки: Гранките ја претставуваат „желбата“ на вашето его да излезе надвор и да ве поддржи. Малите гранки покажуваат ограничување на способностите за да постигнете нешто, додека големите се знак за претерано обидување да постигнете нешто. Гранките кои се премногу исправени укажуваат на агресивност. Мртви гранки без листови се знак на празнотија и безнадежност.

Листови: Листовите се знак дека вашите обиди за нешто се успешни. Ако недостасуваат лисја, тоа значи дека се чувствувате празно, додека листовите на земјата покажуваат дека она што го правите нема предвидливи резултати. „Остри“ листови се знак на агресија, а понекогаш и знак на опсесивно компулсивно растројство.

Корења: Корењата се оние кои ги приземјуваат и дрвата и луѓето, па најчесто се поврзани со контактот со реалноста и ориентацијата. Ако не сте нацртале корени, можеби имате чувство дека не сте приземјени. Преголемите корења укажуваат на грижа, а мртвите корења се знак за неповрзаност со реалноста, празнотија и очај.

Други детали: Божиќно дрво надвор од неговата сезона може да укажува на потиснати фантазии. Ако на вашето дрво има некое животно, тоа значи дека некои делови од вас се ослободени од контролата на егото. Врбите се знак на депресија, а луѓето кои имаат потреба од негување често цртаат јаболкница.

3. Цртежот од човек

Човекот ја прикажува вашата идеална верзија. Го покажува вашиот став кон светот и начинот на кој вашиот социјален и приватен живот коегзистираат.

Раце: Со рацете посегаме кон нашето опкружување, а со дланките го чувствуваме. Отворените раце укажуваат на желба за дружење, додека затворените раце се знак на одбрана. Насочени прсти или тупаници се знак на агресија, а скриени или дланки со ракавици се знак за анксиозност или асоцијалност.

Нозе: Нозете и стапалата се како корењата на дрвото, па и тие претставуваат приземјување. Ако нема стапала, тоа знак на недостаток на автономија. Ако стапалата се мали или премногу големи, вие имате потреба од некаква заштита.

Врат: Вратот ги дели главата (размислување) и телото (нагони и потреби), па ако нема врат, значи нема поделба. Ако вратот е премногу долг, сакате поголема поделба.

Уста: Со устата ги искажуваме нашите потреби, па отворената уста укажува дека имате потреба од нешто. Полните усни се знак за сексуални потреби. Тесната и затворена уста укажува на некаква агресија, а насмевката значи токму тоа, насмевка и среќа.

Гениталии, гради и слично: Овие делови ретко се цртаат и укажуваат на грижа и неудобност.

Други детали: Кловнови (скриено лице), роботи (губење на емоции), каубој (мажествени потреби), човече од линии (детски теми) и слично може да ги означуваат работите во заградите. Преголемиот број на детали може да укажува на опсесивност и анксиозност. Премалку детали укажуваат на недостаток на енергија или досада.

Погледнете го и овој тест за емоционалната интелигенција.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар