Дали нашата моќ за лекување се зголемува?

Новите истражувања покажуваат дека плацебо лековите стануваат поефективни во третирањето болести. Научниците се навистина збунети од овие резултати. Во меѓувреме науката позната како психонеуроимунологија го повторува она што мистиците и шаманите го кажувале отсекогаш – ние имаме неверојатна моќ самите да се лекуваме.

Дали нашата моќ за лекување се зголемува?

Спојување на науката и духовното

Ова спојување на духовните и научните заедници покажува неверојатна можност за луѓето да прифатат поздрав начин на живот. Неодамнешното истражување за ефектот плацебо доаѓа од Универзитетот Мекџил. Истражувањето ги опфаќа само пациентите во САД, а најверојатно причината е тоа што иако во САД живее само 5% од населението, тамошните луѓе употребуваат 75% од препишаните лекови.

„Шеќерната пилула“ работи

„Анализите открија дека во испитувањата во САД спроведени во 1993-та година, лекарствата за болка биле 27% поефективни од плацебо лековите. Но истражувањата од 2013-та година покажале дека лекарствата за болка биле само 9% поефективни од плацебо лековите. Разликата не е поради намалената ефективност на лековите, туку подобрата реакција на плацебо. Со други зборови, шеќерната пилула станува речиси исто толку ефективна колку и лекарствата“, изјавила Керолин Грегори.

Ова истражување се фокусирало на лековите за болка, но слични резултати биле забележани и кај антидепресивите. Повеќе од 1 на 5 Американци земаат лекови за ментално здравје, а бројот на луѓе кои бараат алтернативни мерки продолжува да расте. Јогата, медитацијата, здравата исхрана и физичката активност не доаѓаат во форма на пилула, но често го подобруваат целокупното здравје на пациентите.

„Иако плацебо лековите можеби не се добра опција за лекување, постојат други третмани кои во просек функционираат исто толку добро како и антидепресивите. Овде спаѓаат физичката активност и психотерапијата. Колку што знаеме, овие алтернативи не ја влошуваат состојбата на луѓето“, изјавил Ирвин Кирш.

Поврзување со траумата

Сето ова укажува на внатрешната способност на нашите тела самите да се регулираат, да воспостават рамнотежа и да се лекуваат. Би требало да го слушаме нашето тело кога ни дава информации преку симптомите, но многу често го правиме спротивното – ја намалуваме болката или го игнорираме она што го чувствуваме.

Питер Левин, авторот на книгата „Будење на тигарот“ (Waking the Tiger) нè советува да се поврземе со нашите тела и нашите емоции со цел да го подобриме здравјето. Во стотици часови поминати со клиенти, Питер почнал да забележува како телата на неговите пациенти ги раскажувале приказните со трауми, дури и кога пациентите немале конкретни сеќавања. Штом Питер ги натерал да ја почувствуваат траумата, телото ја презело контролата и го завршило она што не било завршено. Пациентите имале зголемена свесност за телото, поголема поврзаност со себе и порегулиран нервен систем.

„Зошто луѓето воопшто имаат потреба да бидат водени? Најголемата пречка е колку сме невнимателни и незапознати со физичките сензации. Нашите големи софистицирани мозоци постојано размислуваат и ги прикриваат потребите на нашето тело. Тренирани сме да ги игнорираме чувствата на глад, болка, неудобност, опасност, како и задоволство и исполнетост. Она што е неверојатно е колку телото одговара и ни простува. Штом ќе се поврземе, промената започнува“, вели Питер Левин.

Рецепт за иднината

Умот, нашите верувања, емоции и животен стил имаат многу поголема улога во здравјето отколку што мислиме. Додека истражувачите се прашуваат како да го избегнат ефектот плацебо во тестирањето нови лекови, јавноста препознава дека преземањето контрола над здравјето не мора секогаш да започне со посета на лекар и нови препишани лекарства. Како што изјавила Керолин Грегори:

„Ако плацебо ефектот продолжи по истиот пат, на американските фармацевтски компании ќе им станува потешко да ги натераат потрошувачите да купуваат нови лекови.“

„Со учење на говорот на телото и умот и симптомите, можете да научите што е потиснато и игнорирано во вашата психа и ќе го научите ефектот на ова врз вашето физичко тело“, вели Деб Шапиро, автор на „Вашето тело зборува за вашиот ум“ (Your Body Speaks Your Mind).

Популарните книги како онаа на Шапиро укажуваат дека нè чека нешто ново во областа на медицината. Науката и духовноста, како мозокот и телото, можат да постигнат многу ако ги споделуваат нивните мудрости. Доволно сме созреани за да знаеме дека одговорите што ги бараме не се секогаш едното или другото.

Па посетувајте го вашиот лекар, но преземете ја моќта на здравјето и во вашите раце. Вашето тело ќе ви биде благодарно ако го слушате. Плацебо лековите можеби не се магичниот лек, но тие ни покажуваат дека веќе имаме неверојатна моќ за да се лекуваме самите.

Знаевте ли дека плацебо ефектот може да го излечи скршеното срце?

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар