Дали месецот на раѓање може да го предвиди вашето ментално здравје?

За многумина, хороскопите се мало и забавно губење време или интересен начин за почеток на разговор. Токму затоа и за време на неделното утро, вие погледнувате во весникот или проверувате на интернет со цел да откриете што ви вели хороскопот за следната недела. Тој можеби ќе ви укаже на среќа во вашата иднина, но и дека би требало да бидете внимателни за да ги прецените вашите способности, особено кога станува збор за нов проект на работа. Вие можеби и верувате дека сè ова е поврзано со вашиот знак, бидејќи знаете дека и во минатото сте имале тенденција да се прецените.

Дали месецот на раѓање може да го предвиди вашето ментално здравје?

Но, долгогодишните истражувања покажале дека хороскопот не е поврзан со однесувањето. Ова најјасно се видело во една многу важна студија од 1985 година, каде што се заклучило дека предвидувањата базирани врз астрологијата не се ништо повеќе од случајност. Без разлика на тоа што митот за астрологијата е разоткриен, сепак научниците откриле дека здравјето на одредена личност може да биде поврзано со неговиот или нејзиниот роденден. Месецот во кој луѓето се родени може да влијае врз нивната иднина, од должината на животот, па сè до професијата.

Менталното здравје и месецот на раѓање

Во една студија од 2012 година, група истражувачи од Лондон, се обиделе да откријат дали ризикот од шизофренија, биполарно нарушување и депресија има некаква поврзаност со месецот на раѓање. Овие истражувачи погледнале повеќе од 29 милиони луѓе од Англија, меѓу кои 58.000 биле дијагностицирани со една од овие состојби.

Тие откриле дека бебињата родени за време на зимата имаат поголем ризик за развивање шизофренија или биполарно нарушување, со јануари како клучен месец. Од друга страна, пролетните бебиња имаат најголем ризик за развивање депресија, со клучен месец мај. Шизофренијата била значително ниска кај оние родени во јули, додека пак, биполарното нарушување било едвај забележливо кај индивидуите родени во август и септември. Луѓето родени во ноември имале најмали шанси за развивање депресија.

Самоубиствата и месецот на раѓање

Според Националната алијанса за ментално здравје, 90% од самоубиствата настануваат под влијание на ментална болест. Тоа не изненадува воопшто, но она што е навистина интересно е дека суицидното однесување исто така може да биде поврзано со месецот на раѓање. Друг британски тим истражувачи испитувале податоци од скоро 27.000 самоубиства во периодот помеѓу 1970 и 2001 година и откриле дека индивидуите родени во април, мај и јуни имаат највисок ризик од посегнување по својот живот. Нивниот ризик бил 17 пати повисок од оној на луѓето родени за време на есента или зимата.

Зошто е важна сезоната?

Научниците не се сигурни зошто некои месеци се поврзуваат со поголеми случаи на ментални нарушувања, но сепак имаат неколку теории. Една од можностите е дека месецот на раѓање влијае на нашиот биолошки часовник. Во 2010 година, научниците откриле дека глувците родени во зима помалку можеле да се адаптираат на летните циклуси на светлина отколку глувците родени во другите сезони. Нашата способност да го регулираме биолошкиот часовник е силно поврзана со расположението. Истражувачите шпекулирале дека потешкотиите со овие биолошки ритами можат да го зголемат ризикот од ментални нарушувања кај луѓето родени во зима.

Друго можно објаснување е количината на витаминот Д во нечие тело. Овој витамин се создава кога нашите тела се изложени на сончева светлина и многумина знаат дека неговиот недостаток може да ги ослаби коските, но неодамнешни истражувања откриле уште една негова улога во нервниот систем: пониските нивоа витамин Д можат значително да влијаат врз развојот на мозокот, потенцијално објаснувајќи ги повисоките случаи на ментални заболувања кај луѓето родени за време на студената зима или облачната пролет. Една студија од Данска, открила дека индивидуите со намалени количини на витамин Д имале поголема шанса за развивање шизофренија подоцна во животот.

Исто така и инфекциите можат да бидат делумно обвинети. За време на зимата, мајката има поголеми шанси да се разболи. Дали грипот има потенцијално влијание на бебето во развој? Различни сезони содржат и различни алергени кои исто така можат да влијаат врз системот на мајката и да го сменат развојот на фетусот. Дури и сезонските промени во диетата на мајката може да бидат доволна причина за понатаму да се појават проблеми.

Што можеме да направиме?

Дали луѓето кои се родени во пролет и зима треба да почнат да се грижат за своето ментално здравје? Дали идните родители треба да го имаат предвид ова пред да одлучат да имаат дете? Научниците целат дека нема потреба од паника.

Ефектите кои се забележуваат во ова истражување се релативно мали и во никој случај не значи дека запечатуваат нечија судбина. Во иднина, докторите можеби ќе можат да овозможат дополнителни количини витамин Д за новороденчињата или терапија со светлосна кутија. Мајките исто така можеби ќе добиваат посебни третмани за да се заштитуваат од инфекции и алергени. Како што невронауката расте и се развива, така повеќе фактори ќе бидат идентификувани и повеќе решенија ќе бидат пронајдени. Во меѓувреме, вие сепак би требало повремено да обрнувате повеќе внимание на вашето ментално здравје така што повеќе ќе се грижите за себе.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар