10 цитати кои ќе ве мотивираат кога сте соочени со големи предизвици

Кога ќе наидете на препрека на патот, нешто во вас ви кажува да се откажете бидејќи предизвикот е просто преголем. Не заборавајте дека секој што се соочува со некаков предизвик понекогаш се чувствува исто како вас. Во тие моменти потребна ни е мотивација. Овие цитати ќе ви помогнат да ја промените вашата перспектива и да ги видите потешкотиите како можности, а не како пречки преку кои не можете да поминете.

10 цитати кои ќе ве мотивираат кога сте соочени со големи предизвици

 

„Не го знам клучот до успехот, но клучот до неуспехот е да се обидуваш секому да му угодиш.“ – Бил Козби

Неретко многу стресни ситуации со кои се соочуваме вклучуваат други луѓе. Тоа се оние кои не ги одобруваат вашите животни одлуки и избори, оние кои пробуваат да ви кажат како да го живеете вашиот живот, па дури и да ве променат како личности.

Невозможно е да му угодите секому. Секогаш ќе постојат луѓе кои нема да се согласуваат со вашиот начин на живот, и тоа е во ред. Ако се фокусирате да им угодите на сите и се обидувате сите да ве разберат, сакаат, почитуваат или прифатат во нивното друштво, целосно ќе ги занемарите вашите цели како и луѓето кои ве прифатиле такви какви што сте. Ако мислите дека ја правите вистинската работа во моментов, поодолжете, луѓето секако ќе зборуваат, а неретко на крај сепак се фокусираат на самите себе. Никогаш никој не го постигнал тоа да биде сакан, прифатен, разбран и почитуван од сите.

„Ништо не е помоќно од тоа да си дозволите себеси вистински да ве понесат чувствата.“ – Зои Дешанел

Во ред е некогаш да бидете тажни или пак среќни. Случувањата околу вас влијаат многу на вас и некогаш ќе посакате да вриснете во плач а некогаш да се виткате од смеа. Не воздржувајте се. Вие сте луѓе и во ред е да покажете емоции, посебно кога се соочувате со предизвици.

Во популарната серија „Нова девојка“, ја гледаме Зои како го практикува токму ова што го кажала. Џес е неретко избувлива, тажна, расплакана или хиперактивно среќна. Со својата улога таа нè учи дека не сме камења. Треба да се бориме за она што го сакаме, да се противиме на она што не ни одговара, да пробаме да направиме некоја промена залагајќи за се она што ни е важно и најбитно од сè, едноставно да дозволиме понекогаш да нè понесат чувствата.

10 цитати кои ќе ве мотивираат кога сте соочени со големи предизвици

 

„Ако нешто ве плаши, можеби е најдобро да го направите тоа.“ – Сет Годин

Сите се плашиме од предизвици. Поточно, се плашиме од неуспех и лош резултат, како и од тоа што слетуваме на нова територија на која немаме искуство. Но, тоа што сте исплашени не е знак дека нема да успеете или дека не треба да се обидете, напротив. Ако нештото ве плаши значи дека вреди да се направи. Подоцна во животот нема да жалите за тоа што сте пробале, туку за тоа што воопшто не сте се обиделе.

„Секој цвет за да расцвета мора да се издигне од земја.“ – Непознат

Толку едноставно а толку мотивирачки. Ако сакате да растете, да се издигнете, да се унапредите, прво мора да се изборите со правот од земјата.

10 цитати кои ќе ве мотивираат кога сте соочени со големи предизвици

 

„Неуспехот е модрица, не тетоважа.“ – Џон Синклер

Еве што се големите предизвици во животот: учење да се вози велосипед. На почеток ќе паднете неколкупати, можеби и повеќе од неколкупати. Ќе имате гребнатини и модринки кои ќе исчезнат за месец-два. Не постои човек кој успеал во сè од прва. Ако прочитате нешто повеќе за познатите на кои можеби им се восхитувате ќе сфатите дека на почетокот на нивните кариери сите се соочиле со потешкотии. Неуспехот е задолжителен дел до сечиј живот, но не плашете му се. Неуспехот не остава трајно обележје на вас, само привремен знак дека еднаш сте паднале и веќе ја знаете лекцијата.

„Реков: ,Некој би требало да направи нешто во врска со тоа.’ Потоа сфатив дека тој некој сум јас.“ – Лили Томлин

Понекогаш светот изгледа толку голем и комплициран што ве прави да се чувствувате целосно безначајни. Но, запомнете тоа никогаш не е вистина. Да, постојат многу нешта кои не одат како што треба и некој би требало да се потруди да ги промени. Почнете од човекот кој го гледате во огледалото и направете промена. Вие може да го промените светот.

10 цитати кои ќе ве мотивираат кога сте соочени со големи предизвици

 

„Сè додека не се изгубиме нема да почнеме да се разбираме самите себе.“ – Хенри Дејвид Торо

Во ред е да бидеме среќни и сигурни, но тешките времиња покажуваат кои сме ние навистина. Можеби мислите дека сте направени од стакло и сте така кршливи и осетливи. Но, сè додека не се соочите со голем предизвик и не излезете од безбедната зона, нема да сфатите дека всушност, вие сте направени од цврст материјал кој може да поднесе многу, но и да го возврати ударот.

„Што правам јас?! А, да, ги следам моите соништа. Во ред, само смирено.“

Еве една малечка мисла од Пинтерест. Факт е дека секој, дури и најхрабрите меѓу нас понекогаш се сомневаат во себе и во патот кој го одбрале. Застанете за миг и земете здив. Дали се движите таму каде што ве носи срцето? Во ред е, продолжете. Можеби на моменти патот ќе ви изгледа недостижен, без цел и ќе се сомневате во себе и својот потенцијал. Но сè додека го правите она што го сакате и она за што сте сонувале, само продолжете.

10 цитати кои ќе ве мотивираат кога сте соочени со големи предизвици

 

„Не споредувајте го вашето прво поглавје со нечие дваесетто.“ – Непознат

По патот кон нашите цели знаеме да се споредиме со некој кој веќе успеал. Тоа се нашите идоли, нашите родители, роднини, пријатели и сл. Се обесхрабруваме себеси мислејќи дека никогаш не би стигнале таму каде што се тие. Но, факт е дека не треба да се споредувате со никого освен со вас самите. Сите имаат различни можности, сфаќања, околности, во основа, различни животи. Никогаш не можете да знаете како им е на луѓето и што морале да сторат за да стигнат до таму. Единствената личност со која треба да се споредувате е минатата верзија од вас самите. Дали сте подобри, со повеќе знаење и искуство од вчера?

„Не можете секогаш да го добивате она што го сакате. Но, ако пробате може да го најдете токму она што ви треба.“ – Ролинг Стоунс

Нешто што навистина го сакате во моментов можеби нема да го добиете. Нормално, ќе ви биде криво и ќе мислите дека животот е нефер кон вас. Но, можеби она што не сте го добиле не ви било навистина потребно. Животот секогаш дава нови можности и ви отвора нови врати. Кога во иднина ќе се навратите наназад ќе сфатите дека тоа што не сте го добиле она што навистина сте го сакале во моментот, можеби е најдобрата работа што ви се случила.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар