Ученици од „Нова“ организираат концерт за поддршка на лицата со интелектуална попреченост

Ученици од „Нова“ организираат концерт за поддршка на лицата со интелектуална попреченост

Настанот ќе се одржи во среда (12 април) во 19 часот во денсинг – салата на Младинскиот културен центар и ќе свират: „Ареа“, „ПМГ колектив“, „Фанк шуи“, „Кара“ и „Линколн летер“

1-uchenici-od-nova-organiziraat-koncert-za-poddrshka-na-licata-so-intelektualna-poprechenost-kafepauza.mk

Група средношколци од меѓународното училиште „Нова“ организираат хуманитарен концерт насловен Teenage Riot на кој ќе настапат повеќе домашни изведувачи, а собраните средства ќе бидат наменети за Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“. Настанот ќе се одржи во среда (12 април) во 19 часот во денсинг – салата на Младинскиот културен центар и ќе свират: „Ареа“, „ПМГ колектив“, „Фанк шуи“, „Кара“ и „Линколн летер“. Цената на билетите во препродажба е 250 денари, а на денот на концертот на врата ќе чини 300 денари.

На 12 април организирате хуманитарен концерт, а собраните пари ќе бидат насочени кон Центарот за поддршка на лица со попреченост „Порака“. Како се роди идејата токму на концерт да се собираат средства?

Овој концерт го организираме како дел од ЦКА-ПХВ програмата на Црвениот Крст на Република Македонија. Тоа е национална програма која се имплементира во сите Општински организации на Црвениот крст и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 дисеминатори кои работаат со младинците. Како дел од неа, ние добиваме обука за вредностите на Црвениот крст, учиме за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Воедно добиваме и практични знаења како да изработуваме мали проекти за доброто на заедницата во која живееме, проекти преку кои помагаме на ранливото население. Поради тоа на почетокот ни беа потребни средства за да започнеме со проектот, помисливме дека е добра идеја да собереме средства на некои од концертите во нашиот град, па тоа и го направивме на трите концерти на Масимо во МОБ. Помина многу успешно. И тогаш се запрашавме зошто и сами да не направиме концерт на кој можеме, и се надеваме дека ќе собереме уште поголеми средства, а воедно и ќе ја подигнеме свеста за постоењето на овие ранливи групи во нашето секојдневие.

Зошто одлучивте средствата да бидат насочени токму кон „Порака“?

Иако во центарот „Порака“ се работи во добри услови, сакаме истите уште повеќе да ги подобриме за корисниците кои го поминуваат поголемиот дел од денот таму. Освен помош со средства кои ќе бидат наменети за реконструкција на некои делови од центарот, идејата на овој проект е да ја подигнеме свеста за лицата со интелектуална попреченост и да ја рашириме идејата дека треба што повеќе да се интегрираат во општеството.

3-uchenici-od-nova-organiziraat-koncert-za-poddrshka-na-licata-so-intelektualna-poprechenost-kafepauza.mk2-uchenici-od-nova-organiziraat-koncert-za-poddrshka-na-licata-so-intelektualna-poprechenost-kafepauza.mk

На концертот ќе настапат повеќе реномирани изведувачи меѓу кои „Ареа“ и „ПМГ колектив“. Колку беше комплицирано да ги ангажирате токму нив?

Имајќи предвид дека се работи за хуманитарен настан чија главна цел е да се помогне на тие на кои им е потребно, воопшто не беше тешко и комплицирано. Сè што беше потребно е да им ја презентираме нашата идеја и цел за тие да се согласат да настапат и воедно да помогнат.

Организацијата на концерти е комплицирана и макотрпна работа. Како се снајдовте во новото задолжение?

Наидовме на некои потешкотии, но oпкружени сме со луѓе кои се тука да ни помогнат нашата идеја да ја претвориме во реалност.

Со која порака би ги повикале луѓето да дојдат на 12-ти на настанот?

Би сакале, пред сè, да упатиме порака до младите како нас, да дојдат и да видат дека оние кои мислиме дека се поразлични од нас, имаат исти интереси како нас и дека имаат многу да покажат и да споделат со светот. Ги покануваме на добра забава со одлична музика, на која се надеваме дека ќе ја разбудиме нивната хумана страна.

Дали веќе планирате и некоја следна хуманитарна активност?

Со оглед на тоа дека овој концерт го организираме како дел од ЦКА-ПХВ програмата, веќе имавме неколку активности со центарот „Порака“ и планираме да продолжиме со истите и после завршувањето на проектот во април.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар