Музички радар: 5 нови песни кои треба да ги слушнете овој викенд

Музички радар: 5 нови песни кои треба да ги слушнете овој викенд

Петок е обично голем ден за музичкиот свет – многу од нашите омилени артисти го одбираат баш тој ден за издавање нови песни, албуми, видеа… Но во светот на Јутјуб, Спотифај, Саундклауд и останатите услуги за стриминг, може да стане навистина тешко да се следат сите нови изданија.

Тука доаѓаме ние. Секоја недела, Кафе пауза избира албуми и песни – обично нови, понекогаш стари, но релевантни – за кои веруваме дека го заслужуваат вашето внимание.

Пред една недела, пејачката Нормани ги изненади фановите со енергичен музички запис за нејзиниот последен сингл „Motivation“. Исто така, можете да го слушнете и најновиот сингл на Тејлор Свифт насловен „Lover“, „Slide Away“ на Мајли Сајрус, и многу повеќе.

Продолжете да читате за да дознаете кои песни ги спремивме за вас и зошто мислиме дека ќе уживате во нив.

1. Нормани – ,,Motivation’’

Во исчекување на дебитантскиот соло албум на Нормани, таа се појави со уште еден привлечен настап за песната „Motivation“ во новиот видео запис инспириран од раните 2000-ти години. Со белези од РНБ музиката, оваа поп песна го прикажува извонредниот вокал на Нормани, додека трубачите изведуваат зачудувачки ритам – кој пејачката го користи за да ги покаже нејзините одлични танцувачки способности. Видео записот за „Motivation“ е исто така полн со моменти кои оддаваат почит кон некои од најдобрите музички видеа од раните 2000-ти години (вклучувајќи ги „Crazy In Love“ од Бијонсе и „I’m real“ од Џенифер Лопез).

2. Тејлор Свифт – ,,Lover’’

Тејлор Свифт го издаде третиот по ред сингл насловен ,,Lover”, од истоимениот долго очекуван седми албум. Романтичната поп песна со примамлив текст, содржи интимни стихови за тоа како е да се биде заљубен во некого, а тоа да остане така засекогаш. Видео записот ја прикажува Свифт како ја гради својата сопствена куќа од соништата – разнобојни соби и многу фантазија. Целата куќа потсетува на возрасна верзија на романтичните бајки на Тејлор, кои се расплетуваат низ целата нејзина дискографија.

3. Мајли Сајрус – ,,Slide Away’’

Мајли Сајрус ги изненади своите фанови со објавувањето на новата песна насловена „Slide Away“. Емотивната поп-рок песна навидум се осврнува на неодамнешната разделба од сопругот Лиам Хемсворт. Мајли пее за долгогодишна врска која завршува, а таа пробува да продолжи понатаму со својот живот. Песната, проследена со гранџ меланхолија, како и насловната слика за истата – не се суптилни за она што се случило зад затворените врати.

4. Ава Макс – ,,Torn’’

Поп пејачката Ава Макс издаде низа привлечни песни веднаш по нејзиниот голем успех со „Sweet but Psycho“ – една од најпопуларните песни за оваа година. Но таа не застанува овде – нејзиниот нов сингл насловен ,,Torn” звучи како уште еден потенцијален хит. Во диско-инспирираната песна, Макс пее за подемите и падовите на врската во која се наоѓа. Заедно со песната, Макс објави и ново видео за истата, кое е доста примамливо поради буквалното толкување. Во него се прикажани зборови и слики извадени од стрипови, со цел да се прикажат стиховите на песната на креативен начин.

5. Мејбел – „OK (Anxiety Anthem)“

Мејбел го издаде видео записот за нејзината нова песна „OK (Anxiety Anthem)“. Уште од објавувањето на нејзиниот деби-албум „High Expectations“, обожавателите на Мејбел се особено наклонети кон оваа песна, што важи за нејзина најискрена досега. Отворајќи се за сопствените искуства со анксиозноста и депресијата, оваа песна резонираше со големи благодарности кон Мејбел за нејзината инспиративна порака. Во режија на Џејд Џекмен, црно-белото видео кое навидум изгледа доста симплистичко, успева да ја долови пораката дека анксиозноста може да влијае на секого, без оглед на околностите. И покрај универзалноста на тие чувства – добро е да ги имате.

Автор: Христијан Киров


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар