Џентлмени – загрозен вид во изумирање
Последен пат кога видов совршен џентлмен беше пред неколку години во филм, и тоа нему му било платено да глуми, а Бог знае каков е во реалноста. Имам прашање: Каде се џентлмените? Се кријат негде, зафатени се или се во мнооогу мал број? Поточно, јас би рекла дека се толку ретки, речиси во истребување. Зарем никој повеќе не отвора врата од кола, не помага во носењето на тешките ќеси, каде се оние кои им даваат предност на припадничките на „понежниот“ пол?

Вистина е дека модерните жени се залагаат за еднаквост меѓу половите, но да разграничиме омаловажување од добронамерни џентлменски гестови. Моето его нема да биде повредено ако некој ми отвори врата и ми дозволи да влезам прва. Тоа не го прави бидејќи јас не сум способна да си ја отворам вратата, туку тоа е знак на внимание. Како што ние можеме да бидеме женствени, вие истакнете ја машкоста!
Ми недостигаат сите оние ситници кои одат во „пакет“ на совршениот џентлмен, не сакам да го гледам само на филм. Некогаш дури ми се јавува желба да можам да се вратам во времето, да си живеам во Англија во 19 век, и да уживам во друштво на прав џентлмен. Чудно, во денешно време, оној кој изгледа како џентлмен го прави тоа со некоја „задна“ намера и некаква цел.
Па не мора да имаш никаква, ајде да речеме, корист од девојката или жената на која ù помагаш. Можеш едноставно да го направиш тоа добронамерно, ама како што тргнале работите, новиве генерации зборот „џентлмен“ ќе го пребаруваат во речник. Зошто мажите знаат да бидат џентлмени само на првиот состанок и на наредните неколку (некои дури ни тогаш). Секоја чест на исклучоците! На оние кои знаат дека не си „папучар“ ако си вистински џентлмен кон својата девојка, мајка, пријателка…
Зошто да не ѝ дозволиш на жената да влезе пред тебе во автобусот, или да ù отстапиш седиште, што ќе ти се случи? Или можеш да ù помогнеш на старата женичка која се витка носејќи ги ќесите. Тоа веќе се граничи со нивото на култура, кое во нашето општество е многу ниско. Не сакам да бидам една од оние мрчаторски настроени луѓе, не мислам дека сè тргнало „по ѓаволите“, ама со недостигот на џентлмени не можам да се помирам!
Кога последен пат јас и Ена буквално се влечевме по улица носејќи го тешкиот багаж, помина група момчиња и само нè одминаа. Паметам кога пред извесно време излегов на состанок и типов ко од пушка порача прв. Добро, си кажа човекот, ама олабави малку, никој не ти го зема пијалокот, ќе се најадеш и ќе се напиеш, наспроти тебе седи дама. Па свесни сте колку плус поени добивате со џентлменски гестови? Оние кои се свесни, само го злоупотребуваат тоа и ништо повеќе, џентлменското кај нив не трае долго.
ОК значи, официјално распишуваме оглас за џентлмени:
Се бараат вистинските џентлмени, оние ретките останати, со добри намери, силен карактер, желба за помош и оние кои поседуваат сè што содржи „џентлменскиот пакет“. Јавете се, не се кријте, слободно излезете по улиците, зашто сте толку ретки, што за нас дамите претставувате вистинска премија!
