Книга: „Амстердам“ – Јан Мекјуан

Книга: „Амстердам“ – Јан Мекјуан

Погребот на Моли – признат критичар за ресторани, ги собира на едно место угледните личности на Лондон, а Клајв Линли и Вернон Халидеј не можат да ги избегнат љубопитните погледи и трачеви предизвикани од нејзиниот возбудлив живот но и прераната, трагична смрт. И двајцата не можат да замислат како е праведно Моли – блескава шегаџика, одличен фотограф и омилена помеѓу важните фаци од џет сетот, да го заврши својот живот уништена од сурова болест, неспособна да се грижи сама за себе и под постојан надзор од нејзиниот опсесивен сопруг.

Клајв Линли е британски композитор со блескава кариера и со задача да ја напише симфонијата на милениумот, Вернон Халидеј е главен уредник на познат дневен весник кој се труди да го одржи тиражот и сопственото работно место – двајцата се стари пријатели кои дел од својот живот го посветиле на љубовта кон Моли. Иако се обидуваат да се вратат на своите животи после загубата и двајцата сфаќаат дека се длабоко погодени и почнуваат да размислуваат за она што ги чека доколку некогаш доживеат слична судбина. Како најстари пријатели склучуваат пакт – доколку едниот од нив некогаш се најде во слична ситуација, другиот нема да дозволи да страда и ќе му ги скрати маките.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Во меѓувреме Вернон добива одлична и скандалозна приказна за својот весник и тоа токму од сопругот на Моли. Во негови раце се наоѓаат компромитирачки фотографии кои ги направила Моли додека била во љубовна врска со министерот за надворешни работи и кои можат преку ноќ да му ја уништат кариерата. Ако се земе предвид дека министерот има голем потенцијал да стане новиот премиер на државата, Вернон во рацете ја држи политичката иднина на сопствената земја. Воден од верувањата дека министерот би бил ужасен премиер и дека би ја одвел неговата земја во пропаст, Вернон е спремен да ги објави фотографиите но претходно се обраќа кон Клајв за совет кој пак строго се противи на неговата намера. Тој верува дека Вернон го сквернави сеќавањето на Моли па несогласувањето помеѓу двајцата пријатели се претвора во конфликт кој не можат да го надминат, Моли повторно игра огромна улога во нивните животи, но овој пат сеќавањето за неа на некој начин ги уништува. Без нејзиното присуство да го одржува пријателството, Клајв и Вернон сфаќаат дека нивното пријателство било само површно.

„.. Заедничка им беше само Моли, се нанижаа години, а тука беа и навиките на пријателството, но во срцевината на тоа пријателство всушност немаше ништо…“

Во меѓувреме Клајв минува низ сопствена морална сага и Вернон дознава дека не е баш морален лик како што се претставува што пак уште повеќе го разјадува нивниот веќе нарушен однос. Склопот на околности ја сели приказната во Амстердам каде што двајцата „пријатели“ сепак ќе го одржат ветувањето, морничавиот пакт.

Книгата е навистина возбудлива но исто толку и необична, се чита брзо и со уживање. Помеѓу сите бизарни ситуации и ликови со сомнителни морални вредности ќе пронајдете навистина длабоки мисли кои ќе ве допрат. Сигурно ќе се запрашате како би постапиле вие и на чија страна би застанале, а што е добра книга ако нè онаа која не тера да откриеме нешто повеќе за себе?

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 25 декември 2013.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар