Предности и недостатоци од пиењето кафе

Ако сте како поголемиот дел од населението, сигурно сте го започнале денот со барем една шолја кафе. Но, од здравствена гледна точка, репутацијата на кафето не е најдобра. Тврдењето дека животот без кафе е поздрав потекнува, барем делумно, од истражувања од 70-тите кои го поврзале консумирањето кафе со болести на срцето и некои видови рак. Но подоцна овие резултати биле побиени бидејќи не се земале предвид другите нездрави навики, како пушењето цигари, кои биле поврзани со пиењето кафе во тој период.

Предности и недостатоци од пиењето кафе

И покрај поквалитетните истражувања кои понекогаш дури и го сметаат кафето за здраво, гуруата за здравје продолжуваат да ја критикуваат оваа навика. Сепак, кафето си има и добри и лоши страни, па добро е да бидете информирани за двете со цел да можете да донесете подобра одлука дали да продолжите со оваа навика или не…

Добри страни

Науката во изминатите децении укажува на неколку здравствени придобивки од кафето. Во многу истражувања луѓето кои пијат кафе имале помал ризик од дијабетес тип 2, мозочен удар, болести на срцето, деменција и одредени видови рак.

Две нови истражувања од јули минатата година покажале дека луѓето кои пијат кафе имаат пониска стапка на смрт од која било причина, вклучувајќи рак, дијабетес и болести на бубрезите. Покрај тоа, оние кои пиеле 2-3 шолји кафе дневно имале помал ризик од смрт за разлика од оние кои пиеле само 1 шолја дневно. Кафето е всушност водечки извор на антиоксиданси во модерното општество. Сепак, овие истражувања треба да се толкуваат внимателно.

Според доктор Карла Клокејд, постои поголема веројатност здравите луѓе да одберат кафе или други кофеински пијалаци за разлика од помалку здравите. Со други зборови, истражувањето можеби одбирало луѓе кои имаат општо подобро здравје, па ова го отежнува одредувањето на влијанието на кафето.

Сепак, многу експерти тврдат дека врската помеѓу кафето и здравјето е научно возможна поради високото количество антиоксиданси. Иако и обичното и безкофеинско кафе имаат антиоксиданси, кафето со кофеин има и уште некои придобивки. Кофеинот има и неколку краткотрајни придобивки – ги зголемува концентрацијата, менталната енергија и вниманието. Ова сигурно им е познато на сите кои не можат да се расонат без шолја кафе.

Лоши страни

Кафето, со или без кофеин, е познато дека ги влошува болестите на гастроинтестиналниот тракт. Па, ако имате киселини или болки во стомакот кога пиете кафе, подобро е да се држите настрана од него. Оние кои имаат проблеми со спиењето исто така треба да бидат повнимателни. Едно истражување покажало дека пиењето кафе 6 часа пред спиење може да има лошо влијание на сонот.

Секој љубител на овој пијалак може да ви каже дека друга лоша страна на кафето е зависноста. Ако овие луѓе ја прескокнат утринската доза, може да имаат главоболки, како и да чувствуваат замор и раздразливост. Но само мал дел од љубителите на кафе велат дека оваа зависност ги тера да престанат да пијат кафе. Оние кои се откажуваат од кафето се ослободуваат од симптомите за неколку денови.

Исто така постои опасност од премногу кофеин. Предозирањето со кофеин може да води до анксиозност, проблем со стомакот и нерамномерно чукање на срцето. Во главно овие ефекти се гледаат по консумирани 400 милиграми кофеин, односно 4 шолји кафе.

Накратко, пиењето кафе е безбедно. Иако многу критичари тврдат дека кафето со кофеин може да предизвика дехидратација, оваа појава трае кратко и не се јавува кај луѓето кои редовно пијат кафе. Истото важи и за крвниот притисок. Кофеинот може да го покачи крвниот притисок кај луѓе кои не го консумираат редовно. Луѓето кои постојано пијат кафе речиси и да не чувствуваат ефект на крвниот притисок од кофеинот.

Заклучок

Можете да уживате во утринската шолја кафе без грижа на совест. Сепак треба да имате на ум дека нема доволно докази кои би го охрабриле консумирањето кафе. Потребни се повеќе истражувања за да се утврди какво е навистина влијанието на кафето врз здравјето на човекот. За мнозинството луѓе, умереното консумирање е навика со мал ризик која можеби ќе се претвори во едно од поздравите нешта што ги прават.

Дали знаете како влијае кафето на здравјето и изгледот на вашата кожа?

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар