Филм: Одмаздници: Војна на бесконечноста (Avengers: Infinity War)

Филм: Одмаздници: Војна на бесконечноста (Avengers: Infinity War)

Одмаздниците и нивните сојузници мора да жртвуваат сè во обид да го победат семоќниот Танос пред тој да уништи половина од универзумот

Режија: Антони Русо, Џоу Русо

Улоги: Роберт Дауни Џуниор, Крис Хемсворт, Марк Рафало, Скарлет Јохансон, Крис Еванс, Крис Прат, Бенедикт Камбербач, Том Холанд, Зои Салдана, Пол Бетани, Елизабет Олсен, Дејв Ботиста…

Времетраење: 149 минути

Премиера: 26 април 2018

Јазик: англиски

Жанр: акција, авантура, фантазија

Наша оценка: 8/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (6 гласа, просек: 9,50 од 10)
Loading...

 

Како огромен љубител на универзумот што ни го изгради Марвел, мора да признам дека овој филм малку ме разочара. Во однос на претходните Одмаздници, третото продолжение делува малку хаотично, развлечено, неповрзано, на моменти досадно и премногу долго за приказната што се раскажува. Недостасуваа бурната акција, неиздржливата неизвесност, урнебесниот хуморот и силните емоциите што изобилуваа во неговите претходници. На моменти дури и забележав како гледав во часовникот за да видам уште колку време има, бидејќи ми делуваше како дејството да се одвива премногу бавно, а времето да лета, што и не беше далеку од вистината.

Што се однесува до самата приказна, иако имаше некои нелогичности и на моменти делуваше како да се губи текот бидејќи неколку настани се случуваа паралелно на повеќе места (не, нема да ги видите сите суперхерои на исто место одеднаш), таа го држеше истиот тон на раскажување како и претходните филмови во франшизата. Секој од актерите одлично ја одигра својата улога, што воопшто не изненадува бидејќи самиот филм изобилува со премногу талент. Единствената забелешка во тој поглед ми е кон Танос, главниот негативец, што во светот на стриповите е познат како чисто зло, а во овој филм делува премногу човечки. Всушност не, зборот што го барам е лигле. Едноставно ви доаѓа да му удрите шамар за малку да го освестите, а не да треперите од страв пред него.

Имајќи го сè ова на ум, ако го одвојам филмот од останатите во франшизата (што ќе мора да ги прегледате бидејќи верувајте ми, имате заборавено повеќе одошто мислите!), самиот по себе не е толку лош. Имаме можност да ги гледаме нашите омилени суперхерои на едно место, да уживаме во нивните квалитети (и да се нервираме поради нивните маани), како и да се смееме и да плачеме заедно со нив. А ако треба да издвојам најдобар момент, според мене, тоа би биле репликите на Дракс – би сакала одново да ги изгледам сите негови коментари, забелешки и шеги на едно место, едно по друго, бидејќи се едноставно урнебесни. Тој успева секоја сцена да ја направи незаборавна и без разлика колку несоодветно делува, сите негови коментари и дејства го прават еден од највредните карактери во целиот филм.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар