10-те најдобри филмови за 2015-та

10-те најдобри филмови за 2015-та

2015-та беше година на големи победи, но и на големи загуби во филмската индустрија. Едни филмови ги срушија рекордите на распродадени карти во кината низ светот во премиерниот викенд, додека други не се продаваа толку добро ниту во текот на сите нивни кино-проекции.

10-те најдобри филмови за 2015-та

Со толку интересни филмови, оваа година беше доста тешко да се издвојат омилените, но ова се најдобрите 10 филмови за 2015, според мислењето на редовните посетители на кината и љубителите на филмот.

10. „Војна на ѕвездите: Силата се буди“ (Star Wars: The Force Awakens)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Да се каже дека „Војна на ѕвездите“ не предизвика голема еуфорија, би било голема лага. Седмото продолжение на франшизата „Силата се буди“ ја прикажува борбата помеѓу Бунтовниците, овој пат наречени Отпорот и Империјата, овој пат прикажана како Првиот ред, 32 години после „Враќањето на Џедаите“. Филмот ги сруши сите рекорди во првиот викенд на неговото емитување во кината, со 247 милиони долари заработка на домашното филмско платно, т.е. во САД, и 528 милиони долари низ светот. Иако сите епизоди на „Војна на ѕвездите“ отсекогаш правеле и ќе прават пари, она што е различно за „Силата се буди“, е тоа што режисерот Џ. Џ. Абрамс ја сработи тешката задача да нè возбуди со новото и за она што допрва ќе се случува во идните епизоди, паралелно будејќи ја нашата носталгија за оригиналната трилогија.

9. „Крид“ (Creed)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Исто како што Абрамс прави со „Силата се буди“, само со помалку притисок од благајните, режисерот Рајан Куглер ни нуди една елитна франшиза со современ вкус. Нуркајќи во најдобрите и најомилените делови на „Роки“, но фокусирајќи се на наследството на споредните ликови, филмот ја има слободата да истражува нови територии. Иако Куглер го обожава изворниот материјал и способноста на камерманот Марис Алберти е во топ форма, сепак Мајкл Б. Џордан како младиот Крид е оној кој го носи филмот и филмското дејство на својот грб. Џордан го толкува ликот со изразита агресивност и посветеност за да го импресионира таткото кој никогаш не го запознал, давајќи му на новиот „Роки“ задоволителен опсег на емоции.

8. „Љубов и милост“ (Love & Mercy)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Вториот режисерски проект на ветеранскиот продуцент Бил Полад е еден исклучителен поглед на животот на лидерот на групата Бич Бојс, Брајан Вилсон (во неговата млада верзија игран од Пол Дано). Тој се концентрира на највисоките успеси на пејачот, паралелно префрлајќи се и на неговите најниски моменти, неколку декади подоцна, каде овој пат ликот на Брајан го толкува Џон Кјузак. Истражувајќи го менталното здравје на Вилсон, Полад влече и прикажува моќни изведби на двајцата актери и го користи звучниот дизајн до максимум, совршено прикажувајќи го она што се случува во главата на Брајан Вилсон.

7. „Сикарио“ (Sicario)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Она што на хартија делува како веќе слушната приказна за војната со дрогата, всушност претставува една непростлива драма која ги доловува досега најдобрите изведби на Емили Блант и Бенисио Дел Торо. Режисерот Денис Веленув („Затвореници“, „Емили“) докажува дека може да се смета за еден од најдобрите на денешницата. Со одличната кинематографија од легендарниот Роџер Дикинс, филмот постојано ве држи во искушение и ве тера да одите онаму каде што ве носи приказната.

6. „Екс машина“ (Ex Machina)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Она што е позитивно за научно-фантастичните филмови е тоа што ако се изработени како што треба, тогаш никогаш не се забораваат. Но, тоа не значи дека тоа го олеснува начинот да се раскаже една приказна. „Екс машина“ успева да ги искористи нашите најголеми стравови за интернетот и пристапот до информации како основа за иднината: вештачка интелигенција која чекори, живее и општи со нас. Во филмот, ние сме во една прототип фаза, каде еден гениј (Оскар Ајзек) сѐ уште работи на неговата креација (Алиша Викандер). Но, крајниот резултат е таков што ученикот го надминува учителот.

5. „99 домови“ (99 Homes)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Можеби едни од најдобрите актерски остварувања за годината се случуваат токму во оваа тешка драма. Ендру Гарфилд ја толкува улогата на самохран татко кој откако ќе биде избркан од својот дом, започнува да работи за брокерот за недвижнини, Мајкл Шенон, кој е оној што го избркал од домот. Во процесот на учење и разбирање, започнуваме да гледаме колку сомнителни можат да бидат работите кога пазарот на имот ќе пропадне. Режисерот Рамин Барани создава еден модерен „Вол Стрит“ и Мајкл Шенон го игра неговиот Гордон Геко.

4. „Големиот кусок“ (The Big Short)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Режисерот Адам МекКеј создава една одлична драма која дејството го влече од истоимената книга на Мајкл Луис. Феноменалната актерска екипа составена од Бред Пит, Рајан Гослинг и Стив Карел ги претставува луѓето кои први гледаат како се распаѓа куќата од карти, пред сите останати. Но, она што се издвојува од сѐ е нековенцијалното раскажување на приказната, користејќи рачно држена камера, импровизиран дијалог и комплексен жаргон – при што сѐ заедно резултира со забавен и интересен филм.

3. „Центарот на вниманието“ (Spotlight)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Том МекКарти ја помина неговата кариера паралелно пливајќи и низ режисерските и низ актерските води. Овој пат ни го нуди неговиот нов режисерски проект каде група новинари откриваат скандал со злоставување на деца во редовите на Католичката архиепископија во Бостон. „Центарот на вниманието“ е вешто сработен филм, не само поради глумењето и режијата, туку и поради сценариото, продукцијата и оригиналната музика – што всушност сведочат за напредокот на МекКарти.

2. „Повратник“ (The Revenant)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Овој филм сигурно не е за сечие око и не е направен за да ја задоволи публиката. Режисерот Алехандро Гонзалес Ињариту („Човекот птица“) продолжува да напредува во правењето филмови, создавајќи едно автентично поставување на „Повратник“ во 1800-тите, исполнето со комплексни сцени со борби сработени во еден кадар, притоа потпирајќи се на визуелните ефекти, кои ги прават ваквите сцени уште повпечатливи. Леонардо Дикаприо го дава своето најдобро досега, вклучувајќи го и јадењето жив црн дроб од бизон и можеби ова ќе биде првиот пат кога ќе добие Оскар за тоа.

1. „Соба“ (Room)

10-те најдобри филмови за 2015-та

Ниеден друг филм од оваа година нема да ве исполни со тага, страв, анксиозност, радост и ред други збунувачки емоции, како што тоа ќе го направи „Соба“. Конекцијата која ја имаат Бри Ларсон и Џејкоб Тремблеј како мајка и син е добитна актерска комбинација, додека адаптацијата на Ема Донохју на сопствената истоимена новела е дар кој ретко се случува во филмската индустрија. Но, љубовта на режисерот Лени Абрахамсон кон материјалното и разбирањето како тоа да се пренесе на филмското платно се вистинскиот триумф.

Пофалница за филмовите кои оставија добар впечаток, но не успеаja да се пласираат на листата:

„Спиејќи со други луѓе“ (Sleeping with Other People) е романтична комедија која ги анализира вистинските луѓе во вистинските љубовни врски.

„Ѕверови од ниедна нација“ (Beasts of No Nation) е моќен филм кој покажува дека режисерот Кари Фукунага може да прави што сака.

„Курт Кобејн: Монтажата на подлецот“ (Kurt Cobain: Montage of Heck) е најдобриот документарец за 2015-та, посебно затоа што режисерот Брет Морган конечно ја најде совршената тема за работа која прилега на неговиот неконвенцијален стил.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар