Урнебесен хороскоп кој ќе ве насмее до солзи - Part 2

Урнебесен хороскоп што ќе ве насмее до солзи

Урнебесен хороскоп што ќе ве насмее до солзи

Вага

Уште од мала возраст не можат да се одлучат помеѓу две парчиња облека, ги меркаат минувачите на улица и шлапкаат додека јадат – тоа се Вагите. Доколку некоја личност во друштвото тврди дека зебрата не е бела со црни пруги, ниту пак црна со бели пруги, туку зелена со црно-бели пруги, тогаш таа личност покажува карактеристики на Вага. Омилена забава им е гледање тенис: лево – десно, лево – десно, лево – десно… Во љубовта паѓаат на цитати, а во сексот на диктати.

Работи во кои Вагите покажуваат најдобри резултати: монтирање хауби во фризерски салони, поставување сообраќајни знаци во жив песок и вградување шпионски уреди на чепкалки за заби.

Здравје: промаја во глава.

Најмногу ги возбудува: бакнеж во колено, чешкање на глуждот и мрморење.

Личностите во овој знак најлесно можете да ги освоите со галење и разгалување.

Скорпија

Скорпијата прегазена со валјак остава најмногу дамки на бетонот од сите хороскопски знаци. Инаку, Скорпиите обожуваат да се искачуваат на листопадни дрвја, сакаат долги прошетки низ купатилото и кујната, на вратите на кои пишува „повлечи“ – секогаш туркаат и страдаат од телефонски разговори кои се нешто пократки од вечноста. Тие се заљубуваат на прв поглед само на нудистичка плажа. Склони се да подбуцнуваат.

Работи во кои Скорпиите покажуваат најдобри резултати: сите работи кои подразбираат употреба на пинцети, чекање ред пред шалтери, гасење свеќи од роденденски торти и крпење ракавици.

Здравје: минливо добро.

Најмногу ги возбудува: гушкање околу половината, напрчени усни и чешкање на скалпот.

Личностите во овој знак најлесно можете да ги освоите доколку постојано им подарувате ситници.

Стрелец

Доколку сите места во автобусот се слободни, Стрелецот ќе седне на она кое е резервирано за мајка со дете. Нема поголеми инаети од нив – за инает ќе престанат да тераат инает. Обожуваат мусака, сладолед, групни излети, прелистување стари албуми и останати лепливи работи. Омилен дел од облеката им е патентот. Во љубовта лошо се облекуваат, но затоа пак во сексот одлично се соблекуваат.

Работи во кои Стрелците покажуваат најдобри резултати: одгледување отровни печурки, пишување упатства за употреба на фен за коса и пакување бурек во дрвени кутии.

Здравје: проблеми со работата на огледалата наутро.

Најмногу ги возбудува: скокоткање по бутовите, коњско опавче и триење на рацете.

Личностите во овој знак најлесно можете да ги освоите доколку ги запаметите сите важни датуми поврзани со нив.

Јарец

Јарците се исклучително практични личности – нивната девиза е: купете постер наместо телевизор – поевтин е, само послабо се слуша. Тие се многу темпераментни, особено во заглавен лифт. Ја следат модата со разгледување по излози и имаат невообичаени хобија како што се собирање нокти од познати личности, чаршави од крајот на 19-ти век или сликички од фудбалери од 3-тата лига на Австралија. На Јарците омилени детали од уметноста им се: Д-дур, уметнички точки и мртва природа.

Работи во кои Јарците покажуваат најдобри резултати: анализа на отпад во фабрика за конзерви, осветлување во ресторани за брза храна и фарбање саксии во жолта и сина боја.

Здравје: без тешкотии, освен редовната хипохондрија.

Најмногу ги возбудува: шепотење, чудни гримаси и пиење течност од цевка.

Личностите во овој знак најлесно можете да ги освоите со мрежести хулахопки.

Водолија

Водолиите имаат таков карактер што како омилена ТВ серија би им одговарала онаа што би била насловена „Извинете што пречам“. Омилени слатки им се гурабиите и туфахиите. Тие се многу имагинативни и претпоставуваат дека Пепелашка имала одвратно голема нога штом штиклата ѝ одговарала само нејзе. Омилен дел од денот им е ноќта.

Работи во кои Водолиите покажуваат најдобри резултати: дизајнирање ТВ антени на кои штрковите со задоволство ќе слетуваат, внесување палачинки и мелено месо во желудникот, масажа на долните `рбетни пршлени и испитување на пазарот за производство на гумени масички за столни ламби.

Здравје: одлично со извесно поткашлување при минување на кривините на животот.

Најмногу ги возбудува: ситни мустаќи, отежнат говор и јазик кој се гледа низ забите при смеење.

Личностите во овој знак најлесно можете да ги освоите со смеење до солзи.

Риби

Доколку некој прво ги проверува имињата на уметниците на уметничките дела – се работи за Риби. Склони се кон икање, и тоа и кога никој не ги спомнува. Идол на сите Риби е Марфи: доколку постои и најмала можност нешто да тргне наопаку, тоа и ќе се случи. Во љубовните врски, Рибите најмногу обожуваат подвезици. Подарокот за роденден кој најдолго време го отворате, сигурно го спакувала некоја Риба. Тие се алергични на боранија и отворени шахти. Омилени книги им се оние со тврди корици.

Работи во кои Рибите покажуваат најдобри резултати: одделување тегли со ајвар од тегли со краставички на полиците во маркетите, стискање митесери, менување сијалици на ниски лустери.

Здравје: можно е мало несогласување со 2-3 вируси.

Најмногу ги возбудува: мрдање со уши, штипење по нозе и триење на домалиот прст.

Личностите во овој знак најлесно можете да ги освоите со изненадувања и милување по образите.

Погледнете го и овој смешен хороскоп: Како (не) се извинуваат сите знаци?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент по Македонски јазик и книжевност. Кога не пишува - чита, и обратно. Сигмунд Фројд, нејзините миленичиња, цртани, Фреди Меркјури, стари предмети и Мото ГП.

Поврзани содржини

Остави коментар