Инспирирајте се од Инстаграм профилот на @elena.alac и внесете некоја промена во уредувањето на вашиот дом

Велат дека домот е онаму каде што е срцето, и тоа е вистина. Со оглед на времето кое го поминуваме во нашиот дом, сите сонуваме за убаво уреден простор како од магазините. Ние се инспириравме од уникатниот профил на @elena.alac, кој изобилува со прекрасни идеи за декорација, впечатливи додатоци и предмети. Доколку немате некоја посебна идеја или замисла како да го освежите домот, овој профил сигурно ќе ви се допадне. Прочитајте го нашето интервју со неа во продолжение.

View this post on Instagram

A post shared by 𝔼𝕝𝕖𝕟𝕒 𝔸𝕝𝕒𝕔𝕙 (@elena.alac) on

1. Твојот профил го красат фотографии од твојот преубав дом. Кога се роди љубовта кон уредувањето?

Сметам дека љубовта кон уредувањето ја имаме сите, само што таа испливува на површина кога ќе добиеме можност да создадеме сопствен простор за живеење во кој ќе се чувствуваме најудобно, ќе бидеме свои и кој ќе го нарекуваме дом. Кај мене тоа прв пат се случи во тинејџерските години, кога ја реновиравме мојата детска соба, и која благодарение на моите родители, имав можност сама да ја уредам.

Уредувањето уште повеќе го засакав кога го реновиравме станот во кој живееме сега со сопругот. Во основа избравме светли, неутрални бои и едноставен мебел, за да можам постојано и максимално да ја вложувам мојата креативност преку „играње“ со останатите детали кои го прават просторот – дом, истовремено внесувајќи личен печат. Често сакам да правам промени, било тоа да е менување на навлаките за пернички во друга боја или разместување на сликите и украсите, бидејќи секоја една промена колку и да е минимална го освежува просторот и му дава нова димензија.

2. Каде најчесто ја наоѓаш инспирацијата за твоите фотографии? Дали постојат профили кои те инспирираат како да го уредиш и декорираш просторот?

Додека бевме во фаза на реновирање на станот, постојано барав идеи на Пинтерест и во тој период заследив и многу homedecor профили на Инстаграм, од кои повеќето беа странски. Не би можела да издвојувам бидејќи навистина ги има многу, а постојано наоѓам и нови и сите ме инспирираат на различен начин.

Ги фотографирам сите оние мали промени кои ги правам во домот и убаво ми е кога после неколку месеци ќе погледнам во некоја фотографија и кога истата ќе ме поврзе со некој убав момент или настан што се случил во периодот кога е направена.

3. Декорирањето на домот може да биде многу скапо. Дали постои начин ова да се прави по пристапни цени?

Секако дека постои. Денес на пазарот има широка палета на квалитетни материјали и производи по пристапни цени, како на пример иверки со одлична имитација на дрво, плочки со мермерни дезени и слично, кои се доста поевтини во однос на природните материјали, со што се олеснува начинот да се добие посакуваниот исход од финансиска гледна точка. Исто така, од еден стар и истрошен мебел, со малку вложен труд и минимално финансиски средства, може да се добие луксузно и безвременско парче што изгледа како ново.

Што се однесува до останатите декорации – украсите, мислам дека секој кој има желба може да си изработи нешто и сам од обични материјали што ги има дома. Можностите се навистина огромни, а на Интернет постојат многу блогови и видеа со туторијали кои покажуваат како многу од работите кои би ги гледале како отпад (градежни остатоци, картон, хартија, празни шишиња), можат да завршат како декорации во домот.

4. Домашните цвеќиња и растенија смируваат и прават една пријатна атмосфера во домот. Дали практикуваш да имаш вазна со свежо сезонско цвеќе?

Не можам да си го замислам домот без собни растенија, без нив би ми било празно. Освен што придонесуваат за пријатната и смирувачка атмосфера, тие истовремено се и прочистувачи на воздухот, а докажани се и здравствените бенефиции од нивното одгледување.

Многу сакам цвеќиња и секогаш гледам да има свежо цвеќе во вазна барем на трпезариската маса. Имам навика да собирам од градината на дедо ми, или пак да донесам дома гранки од багрем, цреша, кајсија, магнолија додека се во периодот на цветање (на пролет), а некогаш знам и да си купам од цвеќара. Ако пак, се погоди некој период да немам свежо цвеќе, тогаш мора да имам чинија со разни сезонски овошја.

5. Забележавме дека споделуваш и превкусни рецепти. Каква храна најмногу сакаш да готвиш? Кое е твоето омилено јадење?

Обожавам да готвам секаква храна, и благо и солено. Кога имам време, знам да останам во кујна со часови, да приготвам нешто ново што не сме го пробале и уживам во тоа, но кога сум во трка со времето приготвувам поедноставни оброци кои се трудам да бидат здрави. Секогаш додавам различни зачини и состојки и ретко кога правам нешто по рецепт, па затоа кај мене никогаш едно исто јадење нема ист вкус. Поради тоа и кујната си ја нарекувам домашна лабораторија во која експериментирањето нема граници.

Немам едно омилено јадење, но од поомилените би издвоила паста, риба и cѐ од нашата македонска традиционална кујна.

6. Што е она поради што добиваш најмногу лајкови на Инстаграм? Дали имаш совет за оние што сакаат да имаат повеќе следбеници на оваа социјална мрежа?

Мојот профил на Инстаграм почна да привлекува внимание кога почнав да ставам слики од уредениот стан, во кој штотуку бевме вселени со сопругот, а го уредувавме со многу љубов. И како што на секој би му било задоволство да сподели нешто ново со пријателите на социјалните мрежи, така и мене – и тогаш неочекувано почнав да добивам многу комплименти, нови следбеници, прашања во врска со мебелот и украсите.

Многу брзо потоа сфатив дека Инстаграм е многу повеќе од само социјална мрежа, туку е и еден виртуелен простор за креативно изразување, давање и добивање инспирација. Би кажала дека денес мојот профил е дневник на сите мои хобија: фотографија, уредување на домот, цртање, „направи сам“ проекти, готвење, односно сѐ она што го правам во слободното време и кое ме исполнува.

Од досегашното искуство, мојот совет до сите оние кои сакаат да го зголемат бројот на следбеници е да бидат креативни, константни, но умерени и да изнесат квалитетна содржина на автентичен начин кој ја отсликува нивната персоналност.

Интервју: Ана Ќурчиевска


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар