Сонувај за двајца
Автор: Катерина Неделкоска

Кажи ми, си се обидел ли некогаш да сонуваш? Не сам за себе. Да сонуваш во пар. Да сонуваш за двајца? Две половинки. Мали безначајни. А кога ќе ги споиш добиваш приказна поразлична од сè останато.
Знаеш ли да сонуваш во пар?! И тоа не само да сонуваш, туку и да пробаш да ги оствариш тие соништа. Цврсто да ги зариеш ноктите држејќи се за своите цели и идеали, без разлика на тоа кој што ти зборува. Злобниците секогаш ќе зборуваат. Ќе се обидат прво да ти го скршат сонот, а потоа ќе ги соберат парчињата и ќе си направат нешто за себе, гордо покажувајќи го на светот како нивно дело. А твое дело е. Ваше дело. Твое и нејзино.
Не е лесно да сонуваш за двајца. Пат со дупки и кривини, болка на сите страни. Но кога ќе ги собереш сите среќни моменти кои допрва треба да дојдат, некако како да ти даваат сила да се кренеш од прашината и да продолжиш понатаму.
Целта ги оправдува средствата, нели?! Тогаш зошто ти е гајле кој што ќе рече, ако на крајот вие сте среќни?! Обиди се. Сонувај за себе. Сонувај за двајца. Верувај, крајниот резултат е она за што сонуваат сите, а го постигнуваат само најупорните.
