5 здравствени придобивки од зелениот чај
Автор: Сања Стојковска
Чајот е еден од најценетите и најпиените пијалаци ширум светот. Покрај фактот што е вкусен и евтин пијалак без калории, тој содржи уникатни природни состојки што ни обезбедуваат многу здравствени придобивки. Сè поголем број истражувања покажуваат дека чајот, особено зелениот и црниот чај имаат висок степен на антивирусни, антивоспалителни и антиоксидантни својства.
Ние ви прикажуваме 5 главни здравствени придобивки од пиењето зелен чај.
1. Орално здравје или здравје на усната празнина
Заедно со природниот флуорид што се состои во зелениот чај, и полифенолите и катехините се поврзани со заштитување на оралното здравје и убивање на бактериите што создаваат расипување на забите, лош здив и парадентозата, која пак, е главна причина за паѓањето на забите.
Една научна студија покажала дека конзумирањето на неколку шолји зелен чај дневно може значително да го намали ризикот од губење на забите. Додавањето, пак, на шеќер, мед или други слатки додатоци, доведуваат до губење на овие бенефиции на чајот.
2. Здравје на коските
Навиката да се пие зелен чај, особено во континуитет од повеќе години, значително го намалува ризикот од појава на остеопороза. Тоа значи дека зелениот чај помага при намалување на губењето на коскената маса преку антивоспалителните процеси што ги предизвикува. Исто така, помага при создавањето на нови и здрави коскени клетки.
3. Губење на тежината
Иако на оваа тема сè уште нема многу истражувања, се смета дека катехините што се содржани во зелениот чај предизвикуваат термогенеза односно загревање на телото што доведува до топење на калориите, а со тоа и до губење на телесната маса. Пиењето на барем 3 шолји дневно го забрзува метаболизмот.
4. Рак
Бројни истражувања од оваа област покажале дека зелениот чај има битна улога во спречување на создавањето на канцерогените клетки односно на ракот. Тука спаѓаат ракот на панкреасот, простатата, ракот на дојката, дебелото црево, мочниот меур, абдоменот, хранопроводот, белите дробови итн. Катехините го спречуваат мутирањето на здравите клетки, создавањето на канцерогени и го намалуваат ризикот од формирање и растење на какви било тумори.
5. Здравје на срцето
Пиењето зелен чај е исто така поврзано со намалување на појавата на срцевите заболувања и срцевите удари т.е. инфарктите. Една студија од Харвард покажува дека луѓето што пијат барем 1 шолја зелен чај дневно имаат за 44% помал ризик од срцево заболување од оние што не го конзумираат. Некои истражувања врз животни, покажале, пак, дека пиењето зелен чај го намалува и холестеролот во крвта што директно влијае врз здравјето на срцето.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
