Како да си ги вратите назад книгите што сте ги позајмиле некому?

Љубителите на книги се особено горди на нивната богата библиотека и книгите секогаш ги чуваат со голема грижа и внимание. Позајмувањето книги на други луѓе за нив претставува голем ризик бидејќи тие ги добиваат назад извиткани, со траги од кафе и други нечистотии или пак не ги добиваат воопшто. Секоја чест на исклучоците, но ова навистина многу често се случува. Токму затоа тие одбегнуваат да ги позајмуваат нивните омилени книги, па дури и на блиски пријатели.

Но, не можете да решите дека никогаш веќе нема да позајмите книга, бидејќи кога ќе прочитате нешто добро, сакате да го споделите тоа и со останатите. Освен тоа, не би сакале да оставите впечаток на себични луѓе. Колку и да ве ужасуваат зборовите „Може ли да ми ја позајмиш таа книга?“, постои начин како да си ја олесните ситуацијата. Прочитајте ги следниве неколку совети за тоа како треба да ги позајмувате вашите книги…

Како да си ги вратите назад книгите што сте ги позајмиле некому?

Водете евиденција

Купете си бележник или обична тетратка и веднаш штом позајмите книга некому, запишете го неговото име, датата на позајмување и името на книгата што сте ја позајмиле. Договорете се до кога би требало книгата да биде прочитана и забележете го и тој датум. На тој начин, вашите пријатели ќе видат дека многу сериозно го сфаќате позајмувањето книги и ќе им биде непријатно да не ви ја вратат на време.

Заштитете ги книгите

Се сеќавате ли на оние заштитни хартии за книги кои наставниците ве тераа да ги купувате и да ги виткате учебниците со нив? Истото можете да го примените и сега на вашите книги пред да ги позајмите. Така ќе бидете сигурни дека нема да ви ја вратат книгата со извалкани корици.

Позајмете и бележник за книги

Љубителите на книги најмногу се вознемируваат кога ќе забележат дека некој ги превиткувал страниците на книгата за да обележи до каде стигнал со читање. За да го одбегнете овој хорор, секогаш кога ќе позајмите некоја книга, ставете и бележник во неа. Тоа ќе ги потсети вашите пријатели дека не треба да ги виткаат страниците.

Како да си ги вратите назад книгите што сте ги позајмиле некому?

Залепете потсетник на последната страница

Штом ќе стигнат до последната страница, вашите пријатели ќе го видат залепениот потсетник. Постои можноста за момент да ја остават книгата сред читање и засекогаш да заборават на неа, но тоа е најлошото можно сценарио. Веројатноста е дека ќе ја прочитаат и ќе се соочат со огромниот стикер што ќе ги потсети дека треба да ви ја вратат книгата најбрзо што можат.

Земете и вие една од нивните книги како заложник

Доколку некој од вашите пријатели сака да позајми книга од вас, инсистирајте да направите размена на книги. На тој начин, не само што ќе си добиете нова книга за читање, туку и ќе добиете можност да се „ценкате“ за да си ја вратите книгата назад, жива и здрава.

Фотографирајте ги со книгата

Најлесен начин да водите сметка за тоа кој позајмил книга од вас е да направите фотографија од позајмувачот со вашата книга во раце. Никако не бришете ја фотографијата додека книгата не се врати на вашите полици. Така, тие нема да можат да негираат дека позајмиле книга од вас, бидејќи ќе имате доказ.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар