Зошто сме пофини со странци отколку со луѓето кои ги сакаме?

Дали некогаш сте се нашле во ситуација кога за една иста работа, со странец се однесувате пофино отколку со некој член од вашето семејство? На пример, одите на вечера кај вашиот најдобар пријател и неговите родители ви поставуваат секакви прашања за вашиот живот, за факултетот, за девојката/момчето, на кои вие најкултурно и со големо трпение одговарате. Но кога истите прашања би ви ги поставиле вашата мајка или вашиот татко, некултурно и целосно без волја ќе одбиете да одговорите на истите.

1-zoshto-sme-pofini-so-stranci-otkolku-so-lugjeto-koi-gi-sakame-kafepauza.mk

Мислењето на луѓето е дека блискоста предизвикува некое ниво на презир меѓу нив. Спротивно на ова, експертите сметаат дека, всушност, со текот на времето, колку сме поблиски со одредена личност, толеранцијата кон нејзините мани, недостатоци и работи кои најверојатно и од самиот почеток несвесно не ни се допаѓале, се намалува. Меѓу другото, фактот дека знаеме многу работи за тие луѓе кои се наши партнери или членови на семејството повлекува често предвреме да „знаеме“ што сакаат да кажат, што мислат, која им била намерата и слично. Па кога на тоа ќе се додаде и потребата за меѓусебно разбирање, која како резултат на намалената толеранција е и самата намалена, настанува бунтување на внатрешното јас кај луѓето, па се соочуваме со расправии и караници со луѓето кои највеќе ни значат.

Зошто комуникацијата е полесна со странци, т.е. луѓе кои не се од нашето семејство? Едноставно: тие не се дел од нашето секојдневие. Тие не се соочуваат со нашите проблеми и не се должни да ги делат нашите падови и загуби, што не е случај со семејството. Времето поминато со нив е време за дружба и релаксација, тие не се присутни цело време, па целиот тој однос е некако на дистанца, што и го прави многу поедноставен. За разлика од ова, кога станува збор за нашите блиски, нашиот мозок кој е навикнат на тој начин на комуникација, практично станува мрзелив кон интерпретирање на нивните зборови што води кон меѓусебно неразбирање.

4-zoshto-sme-pofini-so-stranci-otkolku-so-lugjeto-koi-gi-sakame-kafepauza.mk

Многу важен дел на меѓусебната комуникација е да знаеме како другиот се чувствува. Мислењето дека некого познаваме и разбираме повлекува намалена меѓусебна комуникација, па несвесно претпоставуваме некои работи и нивни чувства кон одредена работа без и воопшто да ги прашаме. Тоа е често сфатено како одземена слобода на мислење и искажување чувства, па во комбинација со толеранцијата, која веќе е значително намалена, и нетрпението, настануваат конфликти.

Сите овие нешта ги нема кога се работи за нашиот однос со странци. Тие го гледаат и споделуваат само најдоброто кај нас, додека семејството е место каде нема потреба од носење маски. Можеме да бидеме тоа што сме бидејќи тие ќе нѐ прифатат во секое наше светло и расположение, ќе не слушаат и толерираат. Тие се дел од нас без разлика на сѐ и после сѐ, додека странците не се обврзани да трпат ништо што ни најмалку не им се допаѓа. Ние потсвесно сме свесни за ова, па за жал, често не ја гледаме потребата да придонесуваме кон подобрување на односот со нашите блиски. Па кога таа слобода на однесување ќе ги премине границите на толеранција, стануваме нељубезни едни кон други, некогаш дури и злобни.

2-zoshto-sme-pofini-so-stranci-otkolku-so-lugjeto-koi-gi-sakame-kafepauza.mk

Но секако дека тоа не го правиме намерно. Желбата за подобар однос со нашите сакани е првиот чекор, бидејќи тие се единствените личности кои под кои било околности се тука за нас и кои без разлика не сѐ, ќе останат тука за нас.

Следењето на три едноставни чекори/стратегии ќе ве донесат до момент кога ќе размислите како да се однесувате во одредени случаи и што не е во ред да кажете. Иако на почетокот ќе ви се чини невозможно, дефинитивно вреди да се применат.

1. Замислете си како би изгледал вашиот живот без вашите сакани

Идејата која стои зад ова е да се согледа празнината која би постоела во животот на поединци кога би ги изгубиле луѓето кои ги сакаат. Често кажуваме и правиме нешта кои во моментот не ги промислуваме и со тоа ги повредуваме нашите најблиски и малку по малку ги оддалечуваме од себе. Но неверојатно е како човековиот ум и срце можат реалистично да ја претстават болката дури и при самата помисла на губење на сакана личност, што се покажало доста ефективно при процесот на прифаќање на нивните мани и зголемување на толеранцијата кон нив. Сѐ што е потребно е да направите список на сите работи кои ги сакате и почитувате кај вашите блиски и секој ден да си замислите како би било кога би изгубиле барем една од тие работи. Со тек на време ќе научите да ги цените малите нешта и да бидете благодарни што вашето семејство и вашиот партнер се во вашиот живот и ви ги пружаат сите тие убави работи.

2. Поминувајте време со вашите сакани во присуство на други луѓе

Тука се мисли на моментот кога сосема поинаку се однесуваме во присуство на луѓе кои не припаѓаат во нашиот најблизок круг. Повеќе размислуваме и внимаваме на нашите зборови и изрази, па кога во истото тоа друштво на луѓе ќе се најдат и нашите блиски, ќе имаме шанса да бидеме пољубезни и со нив. Доста брзо може да согледаме дека тоа и не е толку тешко, па односот кој го имаме со личностите кои ни значат значително ќе се подобри.

3. Направете пауза од вашите сакани

Не е можно никогаш повторно да не ве изнервираат или, пак, секогаш да кажуваат сѐ што треба и сѐ да биде совршено. Идеален однос не постои. Но може да одлучите тој да биде позитивен, да се подобрува и да се одржува таков. Па наместо да кажете нешто за што подоцна ќе жалите или да направите нешто што не можете да го преправите, дајте си себеси шанса да се тргнете настрана, да паузирате и поубаво да го согледате проблемот. Со ладна глава подобро ќе ги разберете работите и ќе ги средите вашите ставови, па наместо да ја повредите саканата личност со вашата немарност, ќе успеете да се воздржите. Пошироката перспектива и разгледувањето на работите ставајќи се во нивна кожа, може да разјасни, па дури и да смени некое ваше размислување.

5-zoshto-sme-pofini-so-stranci-otkolku-so-lugjeto-koi-gi-sakame-kafepauza.mk

Применувајќи ги овие три совети, си давате себеси можност да бидете подобра личност кон себе и кон вашите блиски и сакани. Тоа се луѓето кои се секогаш тука за вас и на кои секогаш ќе можете да се потпрете, кои се ваше рамо за плачење и кои имаат срце да се радуваат на сите убави работи заедно со вас. Со нив ги споделувате сите добри и лоши моменти, а тоа е однос кој треба да се негува. На крајот на краиштата, како вие би сакале тие да се однесуваат со вас?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар