Уникатно дизајнирани нокти за неколку минути
Автор: Моника Трајковска
Средените нокти се желба на секоја девојка. Лакот е совршениот моден додаток. Доколку ви е здодеано од секојдневните еднобојни нијанси на вашите нокти, еве една идеја како сами да направите интересен дизајн, кој нема да помине незабележано од луѓето околу вас.
Што ви е потребно?
- базичен лак што се користи како основа
- ваш избор на лакови во различни бои
- безбоен завршен лак
- чаша филтрирана вода
- дрвено стапче или молив
- сeлотејп (за околу ноктите)
- ацетон
- четка (за отстранување на вишок лак)
Нанесете го базичниот лак и врз него еден слој во боја по ваш избор. Се препорачува да се користи лак во бела боја бидејќи на неа најдобро се истакнуваат боите кои ќе ги употребите понатаму. Откако ќе завршите, залепете селотејп на вашиот прст, оставајќи го само ноктот изложен. Внимавајте да не покриете и делови од ноктот.
Земете ја чашата со филтрирана вода и врз неа пуштете само една капка од лакот што сте го избрале како прв. Бојата многу брзо ќе се рашири на површината на водата. Менувајте ги боите на лаковите, капка по капка, сè додека не добиете центар кој наликува на оној од табла за стрелање.
Потоа употребете ја својата имагинација и полека движете го стапчето или моливот на површината на водата сè додека не го добиете посакуваниот дизајн.
Откако ќе го завршите дизајнот, со вашиот нокт насочен кон делот кој најмногу ви се допаѓа спуштете го прстот во водата (како граница користете го крајот на сeлотејпот).
Додека прстот ви е целосно под вода, употребете го стапчето за да го исчистите просторот околу него (лакот од водата ќе се залепи за стапчето и нема да го уништи дизајнот на вашиот нокт кога ќе го извадите прстот).
Извадете го прстот од водата, почекајте малку да се засуши лакот, па потоа извадете го сeлотејпот. Доколку ви остане боја околу ноктот, со помош на четката и ацетонот полека избришете го.
И за крај, нанесете го безбојниот лак и повторете ја целата постапка за останатите нокти.
Доколку не успеете од прва, не обесхрабрувајте се. Потребни се неколку обиди и грешки за да го постигнете совршениот дизајн. Со малку вежба ќе имате уникатни нокти наредниот пат кога ќе излезете со пријателите.
Еве и неколку видео туторијали за тоа како би требало да се одвива целата постапка:
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
