Што треба да запомните во лошите периоди?

Секој од нас минува низ лоши периоди во животот. Тогаш ни се чини дека сè заминува надолу и работите никако да тргнат како што треба. Факт е дека ничиј живот не е совршен и секој се соочува со падови, само што некои личности полесно ги пребродуваат лошите периоди. Која е нивната тајна и што треба сите ние да знаеме кога се соочуваме со овие моменти?

Што треба да запомнете во лошите периоди?

Прифатете ја ситуацијата

Доколку имате моќ и влијание да ги смените нештата, дајте сè од себе. Но, постојат работи на кои не можеме да влијаеме колку и да сакаме. Нашето страдање се случува токму поради одбивањето да ги прифатиме нештата. Да, нешто тргнало наопаку, да можело да биде и подобро. Но опседнатоста со таквата ситуација само ќе донесе уште лошо и уште повеќе негативност.

Проблем е само ако вие го сметате за проблем

Да бидеме искрени, најчесто самите себе сме си најголеми непријатели. Сè зависи од нашата перспектива, и како ние гледаме на нештата. Ако нешто го сметате за огромен и нерешлив проблем, многу поголем од вас, тогаш токму така и ќе биде. Среќата е начинот на кој гледаме на нештата. Наместо да го сметате за нешто што ќе ве уништи гледајте го како животна лекција и како нешто во што ќе бидете подобри во иднина.

Ако сакате промена, почнете со самите себе

Надворешниот свет е само рефлексија од нашиот внатрешен свет. Сигурно познавате личности чии животи се еден огромен хаос. Постојано се во брзање, постојано се жалат, постојано ништо не им оди по ќеф. Тоа е така бидејќи самите тие го создаваат тој хаос. Повеќето од нас сосема погрешно ја сфаќаат ситуацијата. Вистината е дека не треба да чекаме да се променат околностите за да се смениме ние, напротив, треба да почнеме од нас, ние да бидеме таа промена која сакаме да ја видиме. Подоцна и околностите ќе се променат.

Не постои неуспех – тоа се вика лекција

„Не е дека не успеав. Едноставно најдов 10.000 начини кои не носат успех.“ – Томас Едисон

Избришете го зборот „неуспех“ од вашиот речник. Многу големи и познати личности доживеале „неуспех“. Тоа се вика лекција. Падот ве учи како да постапите поинаку во иднина. Бидете благодарни за лекцијата, добро запаметете ја и продолжете понатаму.

Ако не го добиете она што го сакате тоа значи дека нешто многу подобро е на пат

Кажете што сакате, но во животот сè се случува со причина. Можеби во моментот нема да ви биде јасно зошто тоа ви се случило вам, но подоцна ќе сфатите. Сигурно постои добра причина зошто не го добивте посакуваното работно место. Само бидете трпеливи и достапни за новата подобра и поплатена работа. Само имајте верба дека сè се случува онака како што треба да се случи.

Што треба да запомнете во лошите периоди?

Ценете го сегашниот момент

Ова е сегашниот момент, и нема да се повтори. Не се враќа назад, нема да имате можност повторно да го доживеете. Апсорбирајте сè што има да ви понуди. Често сме заглавени во она што се случило вчера или она што ќе се случи утре, па забораваме да го живееме она што ни се случува денес.

Држете ги емоциите на неутрално ниво

Научете да се справувате со подемите и падовите. Не летајте високо кога ќе ви се случи нешто добро, но и не закопувајте се под земја кога ќе доживеете неуспех. Она што за вас е големо и ви изгледа како да не можете да го апсорбирате во моментот, држете го на неутрално ниво. Верувајте, ништо не е толку страшно колку што ви изгледа сега.

Бидете свесни за своите стравови, но и благодарни за нив

За да надминете некој страв едноставно ви треба пракса. Стравот не е вистина, стравот е илузија. Секој се плаши од нешто, и секој од нас го искусил она чувство на тресење на нозете кога се соочува со некој свој страв. Бидете благодарни за вашите стравови. Тие ви носат прекрасно чувство на победа штом еднаш ќе се соочите со нив. Подоцна ќе може да ја свртите главата назад и да им се насмеете победнички.

Дозволете си да доживеете среќа

Би биле изненадени колкав е бројот на оние кои не знаат да им се радуваат на нештата. Секогаш сакаат повеќе, секогаш мислат дека можело да биде подобро и никогаш не се задоволни. Вие не станувајте дел до оваа група личности. Научете да им се радувате на малите нешта, да ги апсорбирате сите убости на животот и дозволете си да бидете весели, вистински среќни за сè што денот ви носи, дури и ако не е толку совршено.

Не споредувајте се со другите

Добро, можеби не изгледате како најпопуларната девојка или момче во училиштето (кој/а и самата се соочува со многу несигурности), но имате толку многу нешта, благословени сте со толку убави работи. Сте се сетиле да бидете благодарни за нив?

Вие не сте жртви

Заборавете на сожалувањето на себеси. Секому тоа му оди најлесно. Мислите дека ви е тешко? Точно, но не сте единствени. Сте преброделе многу лоши нешта, па гледајте се себеси како победници наместо како жртви. Секогаш е полесно да обвиниш некој друг за својата благосостојба и да си ставиш етикета на жртвено јагне. Бидете силни.

Што треба да запомнете во лошите периоди?

Работите ќе се сменат

Сè што било поминало и сè што ќе биде и тоа ќе помине. Ништо не останува исто засекогаш, па така и вие ќе излезете од оваа „каша“. Само гледајте позитивно на нештата бидејќи ако заглавите со негативни мсили и среќата ќе крене раце од вас.

Сè е возможно!

Мислите дека оние кои го менуваат светот не доживеале несигурност? Мислите дека никој никогаш не им кажал дека нивните соништа се глупави и смешни? Мислите дека не се буделе среде ноќ препотени и прашувајќи се што им требало да се зафатат со нешто? Не ограничувајте се и не покорувајте се на она што општеството го диктира како прифатливо. Едноставно сè е можно, па тргнете кон тоа што го сакате!

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар