Реченици кои никогаш не треба да ги употребувате во кавга

Реченици кои никогаш не треба да ги употребувате во кавга

Во секоја здрава и среќна врска одвреме-навреме се случува да дојде до недоразбирања и кавги. И тоа е сосема во ред, бидејќи секој човек има право на свое мислење. Но, она на што треба да обрнете внимание се зборовите кои излегуваат од вашата уста, бидејќи постојат работи кои на никој начин не можат да ви помогнат за време на караницата, баш напротив, тие можат да само да ги влошат работите. Токму затоа воздржете се да не ги изговорите следниве реченици кои би можеле да ја повредат личноста која ја сакате.

Реченици кои никогаш не треба да ги употребувате во кавга

„Ти си крив за сè!“

Обвинувањето на партнерот е најчестата работа која луѓето ја прават за време на кавгите. Откако еднаш ќе го/ја обвините, разговорот ќе продолжи да тече така што ќе се фокусирате на тоа кој бил, а кој не бил виновен за целата работа. На овој начин фокусот кон решавање на проблемот ќе се насочи кон вечната дебата на која никогаш не може да се даде објективен одговор и на тој начин само ќе го влошите проблемот. Токму затоа објаснете му на вашиот партнер на кој начин неговото однесување влијаело врз вас, но бидете доволно зрели да ја прифатите и одговорноста за вашите постапки.

„Истата работа ја направи и минатиот пат!“

Наместо да се враќате во минатото така што ќе му велите на партнерот што тој/таа требало или не требало да направи, фокусирајте се на начинот на кој не би сакале вашиот партнер да направи нешто во иднина. Секое спомнување на грешки од минатото претвораат мали караници во огромни. Ако веќе сте му/ѝ простиле за нешто што се случило во минатото, тогаш нема потреба тоа да го повторувате и во новите кавги. Или пак, ако секогаш се навраќате на истиот аргумент, тогаш дефинитивно треба да размислите за нов пристап со цел да ја решите ситуацијата еднаш за секогаш.

„Сакам да раскинеме/да се разведеме!“

Во бурните расправии многу е лесно да изустите нешта кои не ги мислите, но овие неколку зборови, откако ќе ги кажете, повеќе не можат да бидат вратени. Без разлика на тоа колку пати ќе се извините или ќе се заколнете дека не сте мислеле така по завршувањето на кавгата. Доколку нешто вакво ви излета во сред караница тогаш во истиот момент фокусирајте се на тоа, извинете се и објаснете дека никогаш повеќе нема да ви се повтори. Но, дури и во овие моменти, многу се големи шансите дека на партнерот ќе му/ѝ биде потребно време да ја врати целосно довербата во вас.

„Ти си огромна будала/кукавица!“

Личниот напад автоматски ќе ја стави другата личност во одбранбен став, а токму тоа ќе доведе до контра напад кој ќе предизвика војна во која никој не може да победи. Погрдните зборови како и негативното споредување со друга личност поттикнува огромна ранливост. Ова однесување му укажува на вашиот партнер дека вие повеќе не го гледате како индивидуа, па токму затоа треба да ги контролирате вашите зборови. Едноставно објаснете дека ситуацијата од ваша перспектива изгледа поинаку и обидете се мирно и заеднички да најдете решение на вашиот проблем.

„Во истиов момент да си почнал/а да зборуваш со мене!“

Оваа изјава најчесто настанува за време на бурните расправии кога едната личност одбива да комуницира. Можеби чувствувате дека вашиот партнер не ве слуша и сакате одма да разговарате за проблемот, но би постигнале многу повеќе успех доколку би му/ѝ кажале точно како се чувствувате и дека имате потреба од барем неколкуминутен разговор на таа тема.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар