Психолог, психотерапевт, психијатар или советник, каде да се обратите за помош?

Психолог, психотерапевт, психијатар или советник, каде да се обратите за помош?

Имате проблеми со лошо расположение, не можете да спиете навечер, хронично сте уморни, немате волја да станете од креветот, тешко се сконцентрирате, често заборавате, го менувате расположението, имате самоубиствени мисли…? Ова се само дел од причините за барање стручна помош и тоа што е можно побрзо. Како да го направите вистинскиот избор помеѓу психијатар, психолог, терапевт и советник? Прочитајте каква услуга нудат овие стручни лица за да знаете кој може да ви помогне најдобро, доколку ви е потребна помош.

Психолог, психотерапевт, психијатар или советник, каде да се обратите за помош?

Психијатар

Психијатарите се доктори кои се специјализирани за менталното здравје. Психијатарот е медицински доктор, што значи дека тој има завршено медицински факултет и специјализирал психијатрија. Бидејќи психијатарите се доктори, во лекувањето можат да користат и фармакотерапија, што е главна разлика во однос со останатите професии кои нудат помош.

Тие обично работат во болниците и можат да имаат пациенти кои лежат во одделот на психијатрија. Тие се консултираат со невролози, ендокринолози, педијатари, а често работат и со психолози во тим.

Луѓето бараат помош од психијатар поради панични напади, визуелни и звучни халуцинации, самоубиствени мисли, анксиозност, шизофренија… Психијатарот исто така може да биде вклучен во лечење други болести кај пациенти со психијатриски манифестации.

Најчесто работат со лекови како што се антидепресиви, седативи, лекови за спиење, психостимуланси и стабилизатори на расположението.

Психотерапевт

Психотерапијата е процес на помош кој се одвива со разговори помеѓу лиценциран терапевт и клиент. Едукацијата за психотерапевт трае најмалку 4 години и можат да ја завршат доктори, психолози, педагози, социолози, дефектолози, социјални работници и други хуманистички професии.

Постои индивидуална и групна психотерапија, со различни теориски правци и пристапи. Психотерапијата се користи за лечење голем број ментални нарушувања како што се фобии, анксиозност, панични напади, депресија, алкохолизам, анорексија и слично.

Во некои случаи, психотерапијата е доволна и подеднакво ефикасна како и лековите, но понекогаш е потребно да се вклучи и психијатар. За користење психотерапија не е потребна дијагноза, таа може да биде составен дел од работата на себе и грижата за ментално здравје кај некоја личност.

Во поголемиот дел случаи, сеансата изгледа така што терапевтот и клиентот седат еден спроти друг, а понекогаш клиентот може да биде и легнат. Разговорот е доверлив и собраните информации за клиентот, терапевтот мора да ги чува во согласност со Законот за заштита на личните податоци.

Некои од популарните методи на лечење со помош на психотерапевт се когнитивно-бихевиорална терапија, конструктивна терапија, семејна терапија, психоанализа, уметничка терапија…

На цената влијае видот на психотерапијата, дали е групна, индивидуална, онлајн, бројот на закажани термини и слично.

Психолог

Психологот има завршено студии за психологија и претежно се занимава со здрави луѓе. Со нивната едукација, тие не се стекнуваат со називот психотерапевт, за што се потребни дополнителни студии по нивното дипломирање. Често се ангажирани како поддршка во здравствените установи, училишта, градинки, компании…

Психологот е квалификуван за изведување различни психолошки тестови и процени, што се од голема важност за разбирање на состојбата на личноста и нејзиното понатамошно лекување. По прегледот кај психијатарот, личноста може да го продолжи лекувањето кај психологот и обратно доколку психологот процени дека е потребна психијатриска помош.

Иако имаат различни методи, психолозите и психијатарите често работат заедно и имаат заедничка цел, а тоа е превенција, откривање и лечење на различни психички феномени кои не секогаш мора да бидат патолошки.

Советник

Советување, тренер за живот, мотивационен тренер, советник за кариера… Често луѓето кои не се квалификувани да се занимаваат со психотерапија, се одлучуваат за некоја од професиите кои нудат помош, за кои едукацијата обично трае од 1 до 2 години.

Благодарение на сопственото искуство, социјалниот капитал и конкретните техники за развој, помошта и услугите од советниците можат да бидат вистинскиот избор на поддршка. Тие не се занимаваат со лекување, и исклучително работат со здрави луѓе.

Прочитајте и кои прашања да му ги поставите на вашиот терапевт за да го извлечете најдоброто од терапијата?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент по Македонски јазик и книжевност. Кога не пишува - чита, и обратно. Сигмунд Фројд, нејзините миленичиња, цртани, Фреди Меркјури, стари предмети и Мото ГП.

Поврзани содржини

Остави коментар