Психолог издвојува 4 моќни причини зошто треба да одберете живот наместо смрт

Психолог издвојува 4 моќни причини зошто треба да одберете живот наместо смрт

На неодамнешно предавање психологот Џордан Питерсон прочитал сериозно прашање од анонимен слушател: Планирам наскоро да си го одземам животот. Зошто да не го направам тоа?

„Не знам дали да одговорам, но ќе се обидам бидејќи е многу сериозно“, изјавил Џордан.

Тој го одговорил прашањето и изнел 4 важни причини зошто прашувачот треба да продолжи со неговиов живот.

4 причини зошто да не извршите самоубиство според еден психолог

1. Ќе ги уништите луѓето што ве сакаат

Со самоубиството ќе влијаете многу повеќе одошто мислите, особено на вашите најблиски.

„Размислете како секој што го знаете би реагирал на вашата смрт. Семејството, пријателите, каков би бил нивниот живот ако ве нема вас? Можеби целосно ќе ги уништите и никогаш нема да бидат истите. Не можете да го заборавите самоубиството на некого. Заглавени сте со тоа. Што ако се обвинуваат самите? Можеби ќе го поминат целиот живот обвинувајќи се не само за која било смрт, туку за смртта на личност што многу ја сакаат. Имав пациенти кои никогаш не заздравија од самоубиството на член од семејството. Децении подоцна сè уште се мачеа со тоа. Кога му ставате крај на вашиот живот, можеби ставате крај и на нечиј друг. Едноставно ја пренесувате вашата болка на сите што ги сакате.“

2. Си должите себеси и на семејството да ја разгледате секоја можна алтернатива

Втората причина е тоа што веројатно ги немате разгледано сите решенија на вашите проблеми. Замислете да си го одземете животот, а решението да ве чекало веднаш зад аголот.

„Постојат секакви третмани за депресија. Истражете ја секоја можност пред да го преземете последниот чекор. Истражете сè што може да ве крене на нозе. Разговарајте со психијатар, психолог, пробајте антидепресиви, бидете зафатени, посвојте милениче. Пробајте буквално што било. За некои луѓе антидепресивите се решение, за некои не. Но сигурно се подобар избор од самоубиството.“

3. Немојте да ја потценувате вашата вредност

Третата причина е тоа што ќе го сопрете целиот ваш потенцијал.

„Имате вредност и не можете да ставите крај на тоа. Луѓето со депресија често имаат проблем да најдат значење во нивниот живот. Мислат дека никој не ги сака и дека никому не се потребни. Ова речиси никогаш не е вистина. Не потценувајте ја вашата вредност. Само затоа што не го гледате вашиот потенцијал, не значи дека тој не постои. Секој може да даде нешто, дури и ако не знае за тоа. Можете да извршите самоубиство и утре. Денес имате работа. Денес светот има потреба од вас, дури и ако вие немате потреба од него.“

4. Не бидете сигурни дека тоа е ваш живот за одземање

Можеби вашиот живот не ви припаѓа вам.

„Не се поседувате себеси како што поседувате некој предмет. Ако сте религиозни можеби вашиот живот ѝ припаѓа на некој поголема сила. Ако не сте религиозни можеби животот им припаѓа на вашите сакани или на некоја поголема цел. Имате морална обврска кон себе. “

Подоцна Чед, личноста што го поставила прашањето, му се обратил на докторот на Твитер:

„Здраво, доктор Пиерсон. Ова е Чед. Го прочитавте моето сериозно прашање на предавањето вечерва. Сакам да ви кажам дека можеби ме насочивте на друг пат. Веројатно ќе одам во болница утре вечер. Ви благодарам.“

Многу луѓе се сомневаат во интегритетот на доктор Питерсон. Сепак, тој покажал голема храброст одговарајќи го прашањето. Тој му дал надеж на еден маж истакнувајќи 4 причини зошто да го одбере животот наместо самоубиството. Ако се соочувате со сличен проблем, имајте на ум дека не сте сами. Разговарајте со семејството, со пријателите или со терапевт. Секогаш има некој кој ќе сака да ви помогне.

Погледнете неколку начини за справување со самоубиствените мисли.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар