Психички симптоми кои можат да се појават за време на менопауза

Психички симптоми кои можат да се појават за време на менопауза

Многу жени за време на менопаузата доживуваат нагли промени на расположението. Менопаузата ги тера жените да се чувствуваат како да напуштаат важен дел од нивниот живот и како да влегуваат во нешто неизвесно и непознато. Поради ова се јавуваат одредени непредвидливи емотивни реакции.

Психички симптоми кои можат да се појават за време на менопауза

Постојат повеќе фази на менопаузата, а секоја си има свои симптоми. Перименопаузата е периодот кога нивото на естроген во телото почнува да се намалува и се јавуваат нагли промени на расположението и бранови на топлина. Менопаузата најчесто настапува кога жената не добила ниту една менструација во текот на 12 месеци. По оваа фаза следи постменопаузата, период во кој многу жени забележуваат големи емотивни промени.

За некои жени, особено оние кои земаат хормонална терапија или на кои им е отстранета матката, променливото расположение е првиот знак за менопауза. Во зависност од организмот и менталната состојба, психичките промени можат да бидат различни, а за некои жени навистина тешки и непријатни.

Психички симптоми кои покажуваат дека влегувате во менопауза

  • Нервоза: Според некои истражувања, речиси 70% од жените чувствуваат нервоза во периодот пред менопаузата. Стануваат помалку толерантни и полесно се вознемируваат.
  • Депресија: Депресијата е сериозно психичко нарушување кое бара преглед, дијагноза и терапија од професионалец. Може да се појави кај 1 од 5 жени во менопауза.
  • Анксиозност: Многу жени во менопаузата чувствуваат напнатост, нервоза, загриженост и имаат панични напади.
  • Епизоди со плачење и тага: Во текот на менопаузата, жените стануваат раздразливи и лесно плачат. Можат да бидат чувствителни и на работи на кои претходно не би реагирале. Сепак, понекогаш солзите се добри бидејќи го регулираат нивото на стрес.
  • Несоница: Несоницата настанува како последица од наглата промена на расположението и се јавува кај 50% од жените.

Како да живеете среќно во менопаузата?

Многуте физички промени во женското тело за време на менопаузата влијаат на емоционалната и менталната состојба. На пример, намаленото ниво на естроген има влијание на начинот на којшто телото управува со серотонинот. Ниското ниво на естроген предизвикува раздразливост, расеаност, анксиозност и намалена концентрација.

Докажано е дека жените кои немаат добар однос со партнерот, не се среќни во љубовта, кои се изложени на многу стрес или се наоѓаат во тешка животна ситуација, потешко ја поднесуваат менопаузата и кај нив постои поголем ризик од ментални и емотивни промени. Експертите откриле дека вежбањето, здравата исхрана, квалитетниот сон и поддршката од пријателите им помага на жените полесно да се прилагодат на менопаузата.

Редовната физичка активност е одличен начин да го зајакнете физичкото, но и менталното здравје. Покрај тоа, таа ќе ве ослободи од стресот, ќе ви го подобри расположението и ќе ви даде нова перспектива на проблемите.

Исто така, променете го начинот на исхрана за да го намалите нивото на стрес. Во текот на менопаузата особено се препорачуваат намирници богати со протеини и омега 3 масни киселини.

Немојте да се плашите од менопаузата. Наместо тоа, следете ги вашите симптоми и научете како да ги контролирате. Многу жени изјавиле дека од голема помош им биле и активностите како јога, таи чи и медитација.

Доколку имате сериозни психички проблеми, консултацијата со професионалец е задолжителна.

Погледнете и како да ги ублажите неподносливите симптоми на менопаузата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар