„Пеперутки“ само од едната страна: Што кога чувствата не ни се возвратени?

Летото е време кога сме поопуштени и кога запознаваме многу нови луѓе. Меѓу таквите познанства, со текот на времето може да се развие и чувството на заљубеност. Но, што да направите кога тоа е невозвратенo?

„Пеперутки“ само од едната страна: Што кога чувствата не ни се возвратени?

„Потребата да се љуби и да се припаѓа некаде, кај многумина е најважната психолошка потреба. На сите ни се потребни луѓе околу нас за да бидеме среќни, но со текот на времето се менува начинот на којшто ја задоволуваме оваа потреба. На почетокот, тоа се односите со членовите на блиското семејство, а со текот на времето и односите со пријателите и партнерот“, вели Катарина Леватиќ, психотерапевт.

Како што растеме и запознаваме нови луѓе, така полека оформуваме слика за нашиот совршен партнер, а луѓето кои ги среќаваме често ги споредуваме со таа идеализирана верзија од тоа како треба да изгледа човекот со којшто ќе го поминеме животот.

Како што споменува и самиот психотерапевт, баш тогаш кога запознаваме личност која наликува на таа наша замисла, тогаш се јавуваат романтични чувства.

Според Карл Густав Јунг, еден од најпознатите психијатари, тука се работи за проекцијата Анима и Анимус. Со други зборови, секој од нас во себе има и женска и машка енергија, односно Анима и Анимус, а кога таа не е во хармонија со нас самите, почнуваме да ја бараме во надворешниот свет. Па, затоа често се заљубуваме во личност која можеби не ја познаваме доволно или имаме чувство дека ја знаеме со години, а во живо сме ја виделе само неколкупати. На кратко, во таа личност го гледаме нашиот совршен партнер.

Но, важно е да се спомене дека постои разлика меѓу занесот и љубовта. Иако постои верување дека тој почетен занес секогаш преминува во љубов, тие се два различни психолошки процеси. Додека чувството на заљубеност е всушност идеализирање на партнерот, љубовта е чувство на длабока емоционална поврзаност со саканата личност, чувство на стабилност и сигурност во кое сме свесни за сите маани и предности на личноста со којашто сме.

Па, дали да ги признаете чувствата?

Не е едноставно да се донесе ваква одлука, без разлика дали се работи за летен занес или за нешто повеќе.

„Не мора веднаш да се обесхрабрите и да се откажете. Секогаш постои можност да изградите однос со некого, но мора да ја земете предвид и другата страна. Тоа значи дека мора да водите грижа за тоа што ѝ е важно на таа личност, на што се радува и што ѝ смета. Важно е да ѝ се прилагодите на личноста на која сакате да ѝ се приближите“ вели психотерапевтот.

Таа, исто така, споменува и дека е многу важно да вложите труд доколку сакате да остварите квалитетен однос со таа личност. Сепак, ова го правите и за себе, сѐ со цел да имате човек со којшто ќе го поминете животот.

Но, таквите чувства, особено кога се работи за ново пријателство, понекогаш се невозвратени. Во тој момент е многу важно реално да ја согледате целата ситуација, наместо да се обвинувате себеси дека не сте доволно добри, дека не сте доволно привлечни, дека не сте доволно образовани и слично…

Ако таа личност не ви ги возвраќа симпатиите, тоа не значи дека сака да ве повреди. Едноставно во овој момент вие двајца сакате различни работи и имате различна визија за иднината. И тоа е во ред.

Како понатаму?

Доколку наидете на затворена врата откако ќе ги признаете чувствата, не треба да запаѓате во депресивна состојба. Наместо тоа, сконцентрирајте се на сопствениот раст и развој, живејте го животот со полна пареа и вложувајте во себе и во односот со другите луѓе.

Секогаш постои можност дека вашите патишта повторно ќе се сретнат и дека можеби тогаш ќе се роди вистинска љубов меѓу вас. Но, ако тоа не се случи, никој не е виновен за таквиот исход. Едноставно мора да ја прифатите реалната ситуација и да продолжите понатаму.

Прочитајте и нешто повеќе за тоа како да се справите со љубовното разочарување.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевничка која би живеела во приказна на Харуки Мураками, во режија на Вес Андерсон, со саундтрак на The Smiths.

Поврзани содржини

Остави коментар