Отровни мисли кои ви ја трујат визијата за подобар живот

Отровни мисли кои ви ја трујат визијата за подобар живот

Свесно или не, луѓето тежнеат да се демотивираат дури и кога тоа е сосема спротивно на она кое сакаат да го постигнат. Сакајќи да се заштитат, тие се спречуваат себеси во искусување нови нешта. Плашејќи се да излезат од својата сигурна зона, си ја одземаат себеси можноста да научат нешто, да запознаат некого, да доживеат многу повеќе од тоа за кое знаат. Веројатноста е дека кај тие луѓе, некои од следниве мисли се токму оние кои, потсвесно, постојано ги враќаат назад колку и тие да се обидуваат да одат напред.

(4)-otrovni-misli-koi-vi-ja-trujat-vizijata-za-podobar-zhivot-kafepauza.mk

„Веќе е доцна…“

Никогаш не е предоцна за да направите нешто, да го преземете првиот чекор или, пак, да свртите нов лист. Треба само навистина да го сакате тоа, што нема да се случи доколку си кажувате себеси дека е премногу доцна. Ова е само изговор за оние кои се плашат од исходот на нивните реакции, па наместо да се мотивираат себеси, се кријат зад зборови како овие.

„Ех да бев попаметен/попаметна, посилен/посилна, поубав/а…“

Повторно празни изговори кои само ве спречуваат навистина да успеете во она што сте го намислиле. Веројатноста е дека веќе сте го слушнале ова, но факт е дека откако еднаш ќе се решите на нешто, тогаш ништо освен самите вие не може да ве спречи во правење на сè што можете и знаете за да го постигнете тоа. Вие сте попаметни, поубави и посилни многу повеќе од што мислите. Направете чекор напред.

„Тоа што имам да го кажам не е важно.“

Важно е, вашиот глас е важен. Кој и да ви кажува поинаку е човек која не ви е потребен во животот. Особено кога станува збор за вашиот живот, не смеете да дозволите некој друг да ви диктира како да го живеете. Вашиот глас е ваше право и треба да се борите за она што го сакате, мислите и сметате дека е во ред. Во спротивно, сета таа тишина ќе ве изеде однатре.

„Колку помалку преземам ризици, толку помалку ќе се каам.“

Велат дека единствено се чувствуваме живи кога преземаме ризици чиј исход не го знаеме. Иако можеби не би се согласиле 100% со оваа изјава, дали би си дозволиле себеси да пропуштите некоја животна прилика само бидејќи постои веројатност да жалите подоцна? Верувајте, каењето е многу поголемо кога стравот од истото ве спречува да преземете ризик кој може да ви го промени животот.

„Ми треба дозвола.“

Од кого? Дали другите бараат дозвола од вас? Дали некој ве прашува вас пред да направи нешто? Епа зошто тогаш вие би требало да барате нечија дозвола? Кога нешто навистина сакате да направите, направете го тоа. Сè што преголемото двоумење ќе направи е тоа што ќе ја храни несигурноста во вас додека истата не е толку голема што веќе нема да сакате ни да се обидете.

(3)-otrovni-misli-koi-vi-ja-trujat-vizijata-za-podobar-zhivot-kafepauza.mk

„Ќе почнам од утре.“

Веројатноста е дека нема, а објаснувањето е толку едноставно – утре ќе имате друга причина повторно да го одложите тоа за што станува збор. А после некое време веќе и ќе заборавите на него. Затоа започнете денес. Не губете повеќе од вашето драгоцено време и почнете веднаш. Подобар момент од сега нема да постои.

„Само сакам да ми биде удобно.“

Вистински убавиот живот е надвор од удобноста на границите кои сте си ги поставиле пред себе. Запознавање нови луѓе, учење нови работи, доживување нови авантури. Сигурно посакувате да ѕирнете што сè се наоѓа таму преку границите, нели? Бидејќи удобното е убаво некое време, но размислете што сè можеби пропуштате додека удобно и на сигурно чекате и гледате како вашиот живот поминува покрај вас. Ризикувајте.

„Болката треба да се одбегнува по секоја цена.“

Како што се среќата и убавите моменти дел од вас, така и болката и тагата играат неверојатно важен дел во градењето на вашата личност, став, мислење, желби и аспирации. Живеењето без болка е невозможно и нелогично и е исто како да се обидувате да откинете дел од себе кој има многу важна улога во вашиот живот. Дозволете си да ја почувствувате болката со цел интензитет, распаднете се на милион парчиња ако е тоа потребно, а потоа почнете да се составувате одново. Само така ќе се чувствувате целосни и само така ќе можете да научите уште некоја животна лекција.

„За сè се тие виновни!“

Тој, таа, тие… Сите се виновни освен вас, така? Не грижете се, не сте единствени кои бараат кривица во сите останати освен во себе. Првиот инстинкт ни е секогаш да најдеме каде е грешката на другите, често заборавајќи дека за секоја караница, секој проблем требаат минимум двајца. Но што побрзо согледате што вие грешите и како вие можете да ја подобрите ситуацијата и што помалку се концентрирате на тоа да ги обвинувате другите, толку подобро. Најтешко е да признаете и прифатите дека грешите, но само тогаш кога ќе го направите тоа, ќе можете да бидете подобра личност.

„Во ред е ако прекршиш по некое ветување…“

Но, не е. Ветувањето си е ветување и тоа значи дека треба да си го исполните до крај. Во спротивно која е поентата да ветите некому нешто? Уште повеќе, веројатноста е дека едното прекршено ветување ќе стане 2, па 3, па 4 и така натаму, сè додека не се најдете себеси како си го давате овој изговор за секое ветување. Ова им кажува на луѓето дека сте личност на која не можат да се потпрат, дека сте личност на која не ѝ е важно за нив, што порано или подоцна ќе ве доведе во ситуација во која нема да имате ни вие на кого да се потпрете кога тоа ќе ви биде најпотребно.

(1)-otrovni-misli-koi-vi-ja-trujat-vizijata-za-podobar-zhivot-kafepauza.mk

„И верзија на вистината е прифатлива…“

Лесно е да се убедите себеси дека верзии на вистината се прифатливи, но тешко е да прифатите дека сепак постои само една верзија, онаа вистинската, без додатоци и без одземени делови. Уште потешко е да ја кажете таа вистина, од разни причини, меѓу кои најчестата е дека не сакате да повредите некого. Но верувајте, колку е да е болна, вистината е секогаш подобра кога е во својата вистинска форма. Верувајте дека личноста спроти вас е доволна силна да ја чуе и почитувајте како што и вие би сакале да ве почитуваат вас со целата вистина.

„Ако ја игнорирам својата лоша страна, таа ќе исчезне.“

Баш напротив – ќе ве удри со неверојатна сила токму тогаш кога најмалку очекувате. Никој не сака да биде игнориран, па така ни вашата лоша страна. Сите оние лоши навики, мисли, однесувања кои мислите дека е подобро да ги тргнете на страна ќе се вратат само посилни од кога било, решени да ве обземат. Затоа, наместо да ги потиснувате, соочете се со нив и работете на себе. Прифатете ги дека постојат бидејќи само така ќе можете да ги менаџирате во сопствена корист, да ги свртите на подобро и вешто да ги контролирате.

„Едноставно има премногу препреки на патот.“

Препреките можат да ве сопрат или да ве забрзаат, а сè зависи само од вас. Ако решите да ги гледате како знак за стоп, тогаш никогаш нема да отидете подалеку од идејата која ја имате во глава, но ако ги погледнете како предизвик, тогаш ќе излезете како победник дури и ако не успеете во тоа што сте го замислиле. Ако се прашувате зошто, тогаш одговорот ќе го најдете во следните два збора: Се обидовте. Кој знае, следниот пат можеби ќе успеете.

„Премногу изгубив за да продолжам да се обидувам.“

Секој крај е нов почеток и секој пораз е само нова шанса за победа. Сè во животот е искуство кое или може да ве изгради во подобра личност или да ве кутне на земја, одземајќи ви ја силата повторно да се исправите на нозе. Изборот е ваш, но имајте на ум дека многу повеќе губите кога воопшто не се ни обидувате бидејќи така не си ни давате шанса за нешто повеќе.

„Само сакам денов да заврши што побрзо.“

Искористете го секој ден до максимум, извлечете од него сè што можете и легнете во кревет секоја вечер знаејќи дека тој ден бил сè што можел да биде. Не трошете минути, часови, денови залудно бидејќи тоа време нема никогаш да можете да го вратите назад. Бидете сè што можете да бидете, бидете и повеќе, искусете ги сите авантури и згазете ги сите препреки, доживејте ја целата радост и почувствувајте ја целата болка, живејте го секој ден како да ви е последен.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар