Одиме ретро?

Одиме ретро?

Според едно истражување, сè повеќе млади жени одлучуваат при стапувањето во брак да го земат презимето на сопругот. Повеќе од 65% од испитаничките го промениле своето презиме со стапувањето во светата заедница – брак. Дали овој, би рекла ретро потег, нè враќа назад во 19 век, кога Луси Стон се изборила за многу права на жените во Америка, меѓу кои правото на глас, и охрабрувањето жените да го задржат своето презиме при стапувањето во брак?

Моето прашање е, нели менувањето на презимето е менување на идентитетот? Зошто жените во денешно време би го зеле презимето на сопругот, наместо да го задржат моминското? Ако одбивањето да се промени презимето е непочитување кон семејството на сопругот, тогаш каде е почитта кон семејството на жената? Колку менувањето на презимето може да се поврзе со половата еднаквост и местоположбата на жената во општеството?Одиме ретро?Можеби ќе речете дека сме речиси рамноправни, со оглед на тоа каква била состојбата на жената во минатото, а каква е денес. Но да не забораваме дека и денес постојат жени кои се принудени да им се потчинуваат на мажите во семејството, и се третирани како нивни робови, на буквален или посуптилен начин. Би се изненадиле дека татковците кои во денешно време земаат пари за да ја дадат ќерката, и не се толку далеку од вас.

Кога едно кралско семејство донесе одлука дека првото дете на Вилијам и Кејт, без разлика на полот, ќе биде престолонаследник, како нашето општество е толку опседнато со раѓање машки деца и „продолжување на семејната лоза“? Па ти можеш да имаш 5 машки деца, и само едно женско кое ќе постигне толку во животот што ќе го прослави семејното име дупло повеќе од сите мажи заедно.

Не е дека сакам да бидам феминистички настроена мрчаторка, ама мислам дека ниедна од нас не е принудена да се покорува на заостанати адети од праисториско време, и да си ги згазне сопствените принципи само за да не ги налути свекорот и свекрвата. Зборувам за современите, независни и образовани жени, кои сепак одлучуваат да си го променат личниот идентитет.

Во нашава земја, жената има неколку опции: да го задржи своето моминско презиме, да го земе презимето од сопругот, на своето да го додаде презимето на сопругот, или по презимето на сопругот да следува нејзиното презиме. И секако, има опција и двајцата да си земат сосема трето презиме кое нема врска ни со едната ни со другата страна. Драги мои дами, тоа ни се опциите, само прашањето е колку (не)менувањето на презимето ни значи нам и колку внимание ќе му посветиме. И во светот, а и кај нас, едно време задржувањето на моминското презиме зеде голем замав, но изненадувачки е фактот што денес во големи размери се враќа она старото – земањето на презимето на сопругот.

Дали менувањето на презимето е голем чекор назад за модерната жена, или може да се гледа од друга перспектива? Што ако со присвојувањето на презимето на сопругот, модерните жени на некаков начин го истакнуваат тој совршен баланс – дека денешната жена може да биде успешна кариеристка, а воедно верна сопруга и грижлива мајка.

Се надевам дека ве заинтригирав доволно за подолу да оставите ваше мислење на темата. Колку и зошто е значајно менувањето на моминското презиме денес? Дали и зошто би се одлучиле на таков чекор?

Па во денешно време, во ерата на дигитализацијата не е лесно. Ај што го менуваш презимето во сите правни документи, ќе треба да си го промениш корисничкото име и на социјалните мрежи… Епа не ни е лесно.

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.