Најголемите животни лекции од Лав Толстој

Најголемите животни лекции од Лав Толстој

Поминаа 150 години откако Лав Толстој го зел перото и хартијата и започнал да го пишува својот епски роман „Војна и мир“. Додека многу луѓе го сметаат за еден од најголемите писатели на 19-тиот век, малку е познато дека Толстој бил и еден од најрадикалните општествени и политички мислители. Во текот на својот долг живот, Толстој постепено ги одбивал уверувањата на својата аристократска околина и го прифатил неконвенционалниот светоглед кој ги шокирал неговите познаници.

Најголемите животни лекции од Лав Толстој

Барајќи ја сопствената трансформација, тој нуди мудри и изненадувачки лекции за тоа како треба да ја изразуваме уметноста на животот денес. Во продолжение прочитајте како патот на Толстој може да ни помогне повторно да ги разгледаме своите погледи и ставови.

Живејте со отворен ум

Едно од подрачјата во кое Толстој бил непобедлив, била неговата способност и подготвеност да ги промени своите мислења врз основа на новите искуства. Таа негова вештина започнал да ја негува во 1850-тата година, кога бил војник и се борел во Кримската војна. Тоа страшно искуство го претворило од обичен војник во миротворец. Одлучувачкиот настан се случил во 1857-та година, кога присуствувал на јавната егзекуција со гилотина во Париз. Тоа го уверило дека државата и нејзините закони во суштина, не се само брутални туку и постојат за да ги заштитат интересите на богатите и моќните. На својот пријател му напишал:

„Вистина е дека државата направила завера не само да искористува, туку и да ги расипува своите граѓани… Во иднина никогаш повеќе нема да служам на никаква влада, никаде.“

Толстој прв нѐ поттикнува да се запрашаме за темелните верувања и догми со кои сме одгледани.

Практикувајте сочувствување

Толстој бил еден од најголемите истражувачи на сочувството во 19-тиот век, покажувајќи една необична желба да се поистоветува со луѓето чии животи биле многу поразлични од неговиот. Иако бил помалку привлечен од патернализмот, Толстој уживал во друштвото на селаните и луѓето без моќна репутација и свесно започнал да ја избегнува аристократската елита во градовите. Исто така, основал една експериментална школа за селски деца која се базирала на либетаријанските и егалитаријанските идеи на Русо, каде и самиот подучувал. За разлика од своите многубројни колеги аристократи, кои со своите зборови ја поддржувале солидарноста со селаните, Толстој сметал дека никогаш нема да можете да го разберете селскиот живот ако и самите не го искусите.

Направете разлика

За литерат од високата класа, Толстој направил значителен напор да преземе практични мерки за ублажување на туѓите страдања. Неговата преданост на селските луѓе никогаш не била поочигледна отколку во периодот на големата глад. Толстој одлучил да запре да ја пишува „Ана Каренина“ на година дена за да организира помош за гладните. На своите роднини им напишал:

„Не можам да се оттргнам од живите суштества и да губам време замислувајќи ликови.“

Неговото семејство и пријатели мислеле дека полудел кога еден од најдобрите писатели на светот го оставил своето генијално дело на страна. Но, Толстој бил упорен. Тој, заедно со членовите на своето семејство ги поминал следните две години од својот живот собирајќи пари од целиот свет и работејќи во јавна кујна, посветувајќи се на хуманитарната работа, наместо на литературата.

Усовршете ја уметноста на едноставниот живот

Најголемата дарба а, истовремено и најголемото проклетство на Толстој, била неговата зависност од пишувањето за смислата на животот. Тој никогаш не престанал да се прашува зошто и како треба да живееме и која е смислата на целото негово богатство и слава. Во доцните 1870-ти, не можејќи да најде одговор на овие прашања, психички се скршил и бил на работ на самоубиство. Но, откако го проучил германскиот филозоф Шопенхауер, будистичките текстови и Библијата, тој го прифатил револуционерниот состав на христијанството со кој ги отфрлил сите организирани религии, вклучувајќи ја и православната црква со која израснал и се свртил кон духовната и материјалната строгост. Тој го инспирирал создавањето на утописките заедници со едноставен живот каде постоела заедничка сопственост. Овие Толстоеви заедници се прошириле низ целиот свет и го воделе Ганди кога го основал ашрамот во 1910-тата година, нарекувајќи го Толстоева фарма.

Пазете се од противречноста

Новиот, едноставен живот на Толстој не бил без свои проблеми. Освен фактот дека проповедал универзална љубов, тој постојано се карал со својата сопруга, бидејќи апостолот на еднаквоста никогаш не можел во целост да го напушти своето богатство и привилегираниот начин на живот и до својата старост живеел во голема куќа со слуги. Кога размислувал да го дарува својот имот на селаните, неговата сопруга и деца биле многу лути и тој на крајот попуштил. Но, во раните 1890-ти, успеал против нивната волја да ги наговори да се одречат од авторските права на голем дел од неговите книжени дела, и тоа било вистинското богатство за него.

Проширете го својот општествен круг

Најважната поука на Толстој е да го следиме неговиот пример и да признаеме дека најдобриот начин да се преиспита нашата вообразеност и предрасуди и да развиеме нов начин на гледање на светот, е да се опкружиме со луѓе чии ставови и животни стилови се разликуваат од нашите. Во „Воскресение“, Толстој истакнува дека повеќето луѓе, независно дали се богати бизнисмени, моќни политичари или обични крадци, ги прифаќаат своите верувања и начинот на живот и сметаат дека се морални и исправни.

„За да се одржи нивниот поглед на животот, тие луѓе инстинктивно се дружат со личности кои делат слични размислувања и видувања на животот и го пронаоѓаат своето место во него.“

Ако сакаме да ги преиспитаме сопствените уверувања и идеали, мораме да го следиме примерот на Толстој, поминувајќи време со луѓето чии вредности и секојдневни искуства се во контраст со нашите. Нашата задача мора да биде да патуваме надвор од познатиот круг.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар