Најдобриот лек за скршено срце: Сами на пат околу светот

Штотуку прекинавте долгогодишна врска и се чувствувате за никаде. Ни еден пријателски совет, ни една луда забава и ни една статија од типот: „Како најбрзо да го преболите?“ не може да ве утеши. Излезот од долга врска значи влез во еден сосема поразличен свет каде повторно треба да се пронајдете себеси. Најверојатно сте исплашени затоа што не знаете што да правите со сето време што го имате на располагање. Сите врати ви се отворени и можете да правите сè што ќе посакате. Сакавте да почнете да се занимавате со танц, но не сте имале доволно време? Сакавте да се вклучите во аматерски театар, но на вашето момче не му се допаѓаше идејата? Се обидувавте да го натерате момчето да отпатувате во некоја далечна егзотична земја, но тој одбиваше да прифати нови предизвици и искуства?

Пат околу светот сами-најдобриот лек против скршено срце

Погодете што? Сега ништо не ви стои на патот и можете да ги реализирате сите ваши идеи! Зошто да не отпатувате сами? Можеби се чувствувате несигурно и не верувате дека патувањето низ светот може да ви ја намали болката по раскинувањето, но навистина можете да искусите нешто неверојатно и да го излечите скршеното срце истовремено. Еве неколку причини кои ќе ве убедат дека патувањето е најдобрата работа што можете да ја направите за себе:

Ќе ви помогне да излезете од вашата рутина

Доколку се чувствувате лошо, самото планирање на патувањето ќе ве натера да се чувствувате возбудени поради нешто различно и интересно. Ќе потрошите време на пребарување, планирање, организирање на финансиските средства и на крај ќе тргнете на тоа патување на некоја далечна дестинација. Кога конечно ќе пристигнете, сите нови работи околу вас толку многу ќе ги обземат вашите сетила, што ни на крај памет нема да ви падне да размислувате за глупавото раскинување.

Патувањето ќе го смени вашето мислење за животот

Самото патување, било тоа да е со авион, воз или автобус, ќе ве инспирира да почнете да се интересирате за големината на нештата. Ќе ги доведете до знак прашалник вашите амбиции и мотивации и ќе ги согледате деталите што обично ги пропуштате во секојдневниот живот. Може дури и да станете благодарни за работите што ги имате, наместо да се фокусирате на тагата предизвикана од врската што тргнала наопаку.

Ќе имате можност да се запознаете со друга култура

Глетката, звуците, мирисот. Ова целосно претопување во комплетно различна средина ќе ви создаде нови мисли, чувства, емоции и ќе станете отворени за нови идеи и искуства што никогаш не сте ги имале претходно. Ќе останете счудоневидени од обичаите на новото место и нема да имате време да размислувате на него (како му беше името?!).

Пат околу светот сами-најдобриот лек против скршено срце

Патувањето ќе ви отвори нов поглед кон светот

Ќе запознаете нови луѓе и ќе сфатите дека постојат милијарди различни луѓе кои живеат свој посебен живот на оваа неверојатна планета, секој ден, во истото време кога и вие го живеете вашиот, но на различен начин и во различни услови. Вашите искуства ќе ви помогнат да се спознаете себеси. Можеби ќе почнете повеќе да ја цените вашата земја или пак лудо ќе се вљубите во новата. Ќе бидете преплавени со толку многу силни емоции, што чувството на болка сосема ќе ви исчезне.

Она што ќе го искусите може да го промени вашиот животен пат

Откако ќе се вратите полни со впечатоци и инспирација, ќе почнете да живеете сосема нов живот. Ќе научите да го цените вашиот живот и да бидете благодарни за она што го имате. Сето ова ќе придонесе за вашата среќа. Среќата зависи само од погледот на работите.

Секое раскинување е тешко и нормално, потребно е време да се ослободите од старите навики и да се прилагодите на новата ситуација. Најважно е да не дозволите да изгубите време во тапкање во место поради тоа што сте исплашени и осамени. Светот ве чека вас да го освоите! Одберете дестинација и спакувајте го куферот! Искуствата што можете да ги доживеете ќе бидат бесценети.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар