Најдобар рецепт за долговечност: Не го сфаќајте животот премногу сериозно и смејте се!

Сите сакаат да живеат убав и долг живот. И тајната за тоа најверојатно се крие во смеењето. Жените со смисла за хумор имаат 50% помал ризик да умрат од која било болест, и неверојатни 75% помал ризик од смрт предизвикана од срцеви заболувања! Кога се работи за ведрите мажи, кај нив ризикот од смрт поради воспаленија или инфекција исто така е помал дури за 75%! Според истражувањата, луѓето кои се смеат често и кои го гледаат животот од позитивната страна најчесто живеат подолго од 85 години.

Дали сте личноста која се самосожалува и постојано се нервирате затоа што не стигнувате да го направите она што требало? Склони сте од мува да направите слон и во сè го гледате само лошото? Ако е така, овој текст е токму за вас. Крајно време е да ја промените перспективата и да ставите насмевка на лицето!

Дали сте знаеле дека луѓето со здрава смисла за хумор кои често се смеат живеат подолго односно се поздрави? Нивната тајна не се крие во гените туку едноставно во различниот пристап на животот. Тие одлучиле на животот да гледаат од друг агол, од посветлата страна. И тоа повеќекратно им се исплаќа!

Најдобар начин за да си обезбедите задоволство, здравје, долговечност и виталност е да не ги земате „при срце“ секојдневните случувања и да не правите проблеми таму каде што ги нема. Во ничиј живот не тече постојано мед и млеко, па некои ситуации можат да бидат посериозни (отказ, тешка болест или смрт во семејството) и сè што се случува во нашиот живот зазема совршено место баш како делче од сложувалка.

Животот како филмска лента

Зошто уште денес не воведете малку ведрина и леснотија во вашето секојдневие?

Едноставно е, а еве што можете да направите:

  • Прифатете ги случувањата такви какви што се.
  • Не се секирајте за она што не можете да го промените.
  • Бидете како дете и сфатете го животот како игра.
  • Опуштете се и дишете длабоко.
  • Набљудувајте ги случувањата од здрава оддалеченост.

Испробајте го и овој пристап: замислете дека седите во кино и се гледате себеси како главен лик на филмското платно. Сетете се на ситуациите кога и ситници ве ваделе од такт. Бидете објективен посматрач на себеси. Кога малку подобро ќе согледате на што придавате важност, слатко ќе се насмеете и автоматски ќе го коригирате вашето однесување.

Животот е повеќе како танц или музика, а помалку патување до некоја дестинација, вели британскиот филозоф Алан Вотс. Сепак изгледа дека сме тука за да уживаме во она што ни е подарено, а попатно и нешто да научиме.

Штом ја промените перспективата ќе забележите дека вашето секојдневие е исполнето со забавни и комични ситуации затоа што ништо не е така сериозно како што изгледа на прв поглед.

3 причини за да гледате на животот од позитивна страна

1. Загриженоста создава нов проблем – болест

Човекот од 21-от век е преокупиран со тоа што Интернетот му е премногу спор, не му стои добро костимот или фризурата не му е совршена, некој му напишал лош коментар на профилот и слично. Дали тоа ви се чини барем малку важно кога ќе земете предвид дека деца во Африка умираат од глад, дека многу луѓе немаат чиста вода за пиење, дека умираат бројни животински видови?

Кога знаете дека грижата е тотално непродуктивна и бесмислена зошто трошите толку време на неа? Со грижата нема да ги решите проблемите туку ќе добиете уште еден, а тоа е болеста. Поради постојана грижа и стрес можете да страдате од тешка болест.

Животот е толку стресен колку што вие сами ќе го направите.

2. Сè е минливо, па дури и вашето тело

Сè на овој свет и минливо и релативно. Сè се менува, па и самите вие (погледнете го само вашето тело). Зошто да ги сфаќате моменталните работи премногу сериозно кога за месец или година тоа ќе се промени и нема ни да се сеќавате на тоа што ви предизвикало толку грижа?

Што кога плановите ќе ви се изјаловат? Ни тоа не е причина да бидете огорчени. Потсетете се на изреката: „Човекот планира, Бог се смее“. Понекогаш нашите планови едноставно не се вклопуваат во широката слика од универзумот. А, можеби вашиот план не успеал затоа што зад аголот ве чека нешто многу подобро.

Што и да се случило и кон која насока заминал вашиот живот, секогаш повторувајте го ова: „И тоа ќе помине“. И ќе бидете многу помирни и посреќни.

3. Смеењето е здраво и не ве чини ништо

Кога еднаш ќе престанете себеси да се доживувате премногу озбилно, природно ќе почнете повеќе да се смеете. Многу ситуации кои ви биле тешки и напорни сега ќе ви мамат насмевка. Смејте се често затоа што тоа е здраво. Смеата е „заразна“. Ќе им ја пренесете на другите околу себе кои во ваша близина нема да можат да бидат ниту тажни, ниту депресивни. Едноставно ќе ја проширите вашата зона на позитивизам.

Придобивките од смеењето се многубројни, а еве неколку од нив:

  • Го снижува крвниот притисок.
  • Го зголемува внесувањето кислород и ја поттикнува циркулацијата.
  • Ја ублажува болката.
  • Го чува здравјето на срцето и крвните жили.
  • Ги смалува воспалителните состојби во организмот.
  • Го снижува нивото на кортизол.
  • Ги ублажува стресот, анксиозноста и мачнината.
  • Го поттикнува лачењето на ендорфин, хормонот на среќа.

Во книгата „Анатомија на болеста“, Норман Казинс опишал како со помош на смеењето односно со гледање комедии ја излекувал својата болест – тешка дегенеративна болест. Исто така во едно истражување кое траело 15 години во кое биле вклучени повеќе од педесет илјади луѓе, се покажале изненадувачки резултати поврзани со влијанието на смеењето и хуморот врз човечкото здравје.

Истражувањата покажале дека луѓето кои често се смеат и го гледаат животот од посветлата страна најчесто живеат подолго од 85 години. Но, можеби тие и на ова истражување слатко би се насмеале.

Дознајте и кои се навиките на долговечните луѓе.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив што ја придвижува гласи: „Остани своја и поинаква. Само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар