На кариерата на жените не ѝ штетат децата, туку мажите

На кариерата на жените не ѝ штетат децата, туку мажите

Жената мора да помине низ многу препреки за да изгради успешна кариера. Новите истражувања кои се бават со оваа проблематика покажуваат дека мајчинството не е толку голема пречка за успешната кариера на жените, колку нивните мажи.

Престанете да ги обвинувате мајките за проблемите што ги создаваат татковците

Еден од најголемите модерни митови за мајчинството е дека раѓањето деца ќе ѝ наштети на кариерата на жената. На жените упорно им се кажува дека треба да избираат помеѓу работата и децата или дека треба да се борат и да балансираат во нивните најпродуктивни деловни години.

Но, во пракса се покажува дека мајчинството или децата не ги спречуваат женските кариери и нивните лични амбиции, туку мажите кои одбиваат да ја извршат нивната улога во семејството.

Ако татковците ги извршуваат истите домашни работи што мајките секогаш ги прават, женските кариери би можеле да „цветаат“ на начин на којшто никогаш не сме замислувале. Но, за да дојдеме до тоа, прво треба да престанеме да ги гледаме проблемите на работното место на мајките како проблем на балансирање со обврските и да започнеме да зборуваме за тоа колку тоа што мажите ги запоставуваат своите домашни обврски им го отежнува успехот на жените.

Да, веќе знаеме дека мажите денес работат повеќе отколку претходните години. Татковците велат дека поминуваат околу осум часа неделно со своите деца, што е трипати повеќе од нивните татковци во 1965 година.

Сепак, фактот дека мажите прават повеќе денес, не значи дека прават доволно. Иако има одреден напредок, мајките сепак поминуваат скоро двојно повеќе време со своите деца, околу 14 часа неделно. Но, родителството не е „опиплива“ работа што може да се пресмета. Пример, лесно е да се каже кој подготвува ужина за на училиште и кој ги носи децата наутро, но некој треба да ги подготви и кога одат на екскурзија или да биде со нив кога купуваат долна облека или нови патики.

Колку татковци знаат точно да кажат кој број чевли носи нивното дете?

Овој вид „невидлива“ работа скоро секогаш им припаѓа на жените, а ретко зборуваме за тоа како тоа влијае на нивните кариери. Замислете наместо да имаат глава полна со списоци што треба да се пазарува, посета на заболекар, екскурзија, жените да имаат простор да размислуваат креативно за нивната работа или за некоја друга страст.

За мајките, самата слобода да размислуваат е привилегија!

Студиите, исто така, покажуваат дека татковците сè уште имаат значително повеќе слободно време од мајките кои своето слободно време го користат за да извршуваат домашни обврски и да минуваат време со своите деца, додека татковците ги користат за хоби и за релаксација. И ова влијае на кариерите: знаеме дека луѓето кои имаат повеќе слободно време и време за креативни активности имаат подобри резултати на работа.

И, како тоа да не е доволно, многу работни места имаат и „казни за мајчинство“. На мајките им е многу потешко да најдат работа од жените кои немаат деца, а и платите значително им се намалуваат по породувањето. Една студија од 2017 година покажала дека разликата во платите скоро во целост се должи на мајчинството. Од друга страна, мажите се чини дека добиваат повеќе пари откако ќе добијат деца. Индивидуалната и системската дискриминација врз мајките останува непроменета, и тоа во голема мера влијае на способноста на жените да постигнат некои резултати во општеството.

Но, соочувањето со дискриминацијата на работното место е директно и што е уште поважно, конечно, жените ја препознаваат и ја пријавуваат кога е неопходно. Иако е општо познато дека мажите поминуваат помалку време во грижа за децата, многу луѓе сè уште ги осудуваат ваквите практики. На пример, постојано слушаме за тоа дека жените едноставно „подобро се грижат“.

Луѓето треба да престанат да веруваат дека жените ги прават повеќето од домашните работи затоа што така сакаат. Тоа од нив се очекува за да не ги осудуваат ако не го прават тоа, а најмногу од сè, затоа што е неверојатно тешко да се најде партнер кој е подготвен да изврши еднаков дел од работата дома.

Затоа, треба да престанеме да зборувате дека мајчинството е она што ги спречува женските кариери. Институцијата родител не ве спречува да имате успешна работа. Ниту вашите деца не се причината да не успеете. Поентата е дека нема шанси за еднаквост во кариерите сè додека има нееднаквост дома.

Можеби сакате да прочитате и за 5 кризи низ кои минува секоја жена во животот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар