Како повторно да се поврзете со вашето внатрешно дете?

Како повторно да се поврзете со вашето внатрешно дете?

Какво било вашето детство? Иако ова прашање е едноставно, секој од нас има различен одговор за него. Додека некои од нас имале родители кои нè поддржувале и сакале, некои луѓе биле запоставувани на многу начини. Ако сте имале убаво детство, големи се шансите да сте навистина блиски со таа ваша креативна, детинеста личност која се наоѓа во вас. Ако сепак сметате дека на вашето детство му недостасувало нешто, можно е да сте искусиле некоја од следниве комбинации на занемарување:

kako-povtorno-da-se-povrzete-so-vasheto-vnatreshno-dete-kafepauza.mk

1. Емоционално занемарување

Вашите родители не покажувале интерес за вашите емоционални потреби како љубов, поддршка, заштита или водство. Тие или не ви обрнувале внимание или пак кон вас покажувале само потреба. Најверојатниот исход од ова би бил:

  • Ниска самодоверба
  • Игнорирање на вашите емоционални потреби
  • Сте научиле да се криете или да ги потиснувате вашите емоции
  • Сте развиле физичка или психичка болест поврзана со вашата неспособност да ги слушате, прифатите и да се справите со вашите емоции на здрав начин.

2. Психолошко занемарување

Овој вид занемарување се манифестирало преку вашите родители кои не ве слушале и кои не ја ценеле личноста која сте. Како што сте растеле, можно е да сте развиле некој од следниве симптоми:

  • Ниска самодоверба поради исмејување, понижување, превисоки очекувања, игнорирање или казнување
  • Имате длабоко вкоренет гнев од неразрешена траума од детството и немате способност да се сакате себеси
  • Сте развиле зависности за да си создадете лажно чувство на удобност и безбедност во вашиот живот
  • Сте развиле психолошки или физички болести
  • Имате проблем да останете во здрава врска

3. Физичко занемарување

На основно и фундаментално ниво, физичката безбедност и грижа се едни од најважните нешта во здравите врски. Ова можеме да го забележиме и во животинскиот свет каде што родителите се грижат за своите деца. Кога недостасува оваа грижа, се појавуваат следниве проблеми:

  • Ниска самодоверба која резултира со физичко запоставување и злоупотребување на самите себе, како на пример нарушувања во исхраната, нездрав начин на живот, самоповредување
  • Интензивно барање безбедност или претерано преземање ризици
  • Зависност од дрога, алкохол, насилство, храна и слично
  • Сексуална нефункционалност или промискуитет (често поради сексуална злоупотреба)

Важно е да запомните дека голем дел од проблемите потекнуваат од детството, но гневот, обвинувањето и жалењето нема да ви помогнат. Луѓето се жртви на жртвите, а ова значи дека вашите родители се однесувале така бидејќи најверојатно и тие биле третирани на истиот начин од нивните родители. Вистинскиот проблем овде е недостатокот од свесност за себе и своите постапки.

Како повторно да се поврзете со внатрешното дете?

Нашите родители можеби не ги исполниле сите наши потреби, можеби не исполниле ниту една, но ние можеме да го направиме тоа. Концептот е чуден, па дури и нов за нас, но ние можеме да бидеме свои родители. Не само тоа, можеме одново да станеме свои родители ако вложиме доволно време и труд. Кои се предностите од ова?

  • Поголема среќа и оптимизам
  • Зголемена креативност
  • Поздрави тело, ум и дух
  • Посилни пријателства и врски
  • Развој на клучни животни способности како прифаќање, прошка, ранливост, сочувствителност и љубов кон себе.

Следниве чекори ќе ви помогнат да се поврзете и повторно да станете родител на вашето внатрешно дете.

1. Бидете отворени кон создавање на таа врска

Ако имате каков било сомнеж, двоумење или цинизам само ќе го забавите процесот на лекување на детската и ранлива страна од вас.

2. Размислете какви сте биле како дете

Медитирајте за тоа како сте се чувствувале, што сте сакале, а што не, кои биле вашите хобија и страсти. Создадете јасна слика за тоа како изгледа вашето внатрешно дете. Гледајте стари фотографии за да ги стимулирате сеќавањата.

3. Охрабрете ја вашата детска страна да излезе и да си „игра“

На пример, обидете се да правите нешто што сте го сакале како дете. Тоа може да биде правење меури од сапуница, лулање, јадење слатки, играње со играчки…

4. Внесете време за „играње“ во вашиот живот

Забавувајте се. Правете нешто безначајно и интересно само затоа што уживате во тоа. Како „возрасни“ речиси сите имаме верувања дека животот постојано мора да биде сериозен, дека целиот живот е само одговорност и должност. Но тоа што најбрзо старее не е вашето тело, туку вашиот ум.

5. Истражете зошто не сте биле во допир со вашето внатрешно дете

Што е тоа што се случило додека сте биле деца и тинејџери и што ве разделило од вашата ранлива, невина и весела страна? Како ве третирале родителите во овој период? Дали ги задоволувале вашите физички и психички потреби? Дали сте доживеале некаква траума? Што кажуваат вашите мисли, чувства и верувања за вашето детство? За подобро да се запознаете себеси и причините зошто сте се нашле во ваква ситуација, важно е да си ги поставите овие тешки прашања и да ги најдете вистинските одговори.

6. Обезбедете си безбеден и живот полн со поддршка

За навистина да станете свој родител, важно е да научите да се сакате себеси. Мора да сфатите дека сте вредни за сакање и дека треба да преземете нешто за да го потврдите тоа во вашиот живот. Можете да користите афирмации како: „Јас вредам.“ „Јас го почитувам моето внатрешно дете.“ „Јас сум безбеден/на и сакан/а.“ „Јас имам слобода и среќа.“ Потоа можете да ги замените негативните навики со позитивни, да почнете да се надградувате и да вежбате свесност за вашите емоционални, физички и психички потреби.

Иако можеби сте страдале во вашето детство, никогаш не е доцна повторно да го преживеете и да се поврзете со детската страна од вас. Кога ќе преземете одговорност за среќата во вашиот живот, вие ја имате моќта да се излечите и да станете цели. Овој дар не може да ви го земе никој.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар