Како да ја намалите вашата анксиозност за само 30 дена?

Како да ја намалите вашата анксиозност за само 30 дена?

Секојдневниот живот може да предизвикува сериозна вознемиреност. Ако имате постојано стресни ситуации, како притисок на работното место или несигурна рамнотежа помеѓу работата и животот, најверојатно ќе страдате од зголемено ниво на анксиозноста. Справувањето со анксиозноста, за жал, не е нешто што може брзо да се реши, за да се победи оваа трка мора да се оди полека и стабилно. Но, тоа не значи дека е невозможно. Ви препорачуваме да ги пробате деветте совети во продолжение, кои според експертите ќе ја намалат вашата анксиозност за само 30 дена!

Психотерапевтот д-р Лиса Ларсен вели дека една од поголемите грешки кои можат да се направат за време на анксиозноста, е да се лечат симптомите (забрзано отчукување на срцето, отежнато дишење, чувство дека ќе експлодирате) без да се открие коренот на проблемите. Ако навистина сакате да ја намалите вашата анксиозност во наредните 30 дена, многу е важно да го разгледате начинот на којшто размислувате за себе и како се справувате во стресни ситуации.

1. Следете ја вашата анксиозност

Многу е важно да почнете да обрнувате внимание на тоа што всушност ја предизвикува вашата анксиозност.

„Започнете со обрнување внимание на знаците и сигналите кое вашето тело ви ги испраќа во текот на денот, односно кога се чувствувате вознемирени”, вели терапевтот Хајди Мекбејн. „Каде обично почнувате да ја чувствувате анксиозноста? Што се случува кога се зголемува? Со кого сте? Што правите?“

Вие исто така треба да ги следите и активностите каде што се чувствувате посмирени. На пример, дали шетањето со вашето куче, готвењето или читањето ве смирува? Можеби токму пишувањето ќе ви помогне…

2. Обидете се да не се борите со анксиозните мисли

Карен Коениг, лиценциран клинички социјален работник и експерт за нарушувања во исхраната, препорачува да ги замислите вашите мисли како возови кои доаѓаат и си одат. Ако вашите мисли за претстојната свадба, менувањето на местото на живеење или некои хируршки зафати ве вознемируваат, едноставно почувствувајте ги целосно, дозволете им да допрат до вас и потоа пуштете ги да си одат. Игнорирањето, исто како и фиксирањето на нив, можат да предизвикаат повеќе непријатности, па затоа едноставно пуштете ги.

3. Бидете внимателни со споделувањето на вашата состојба

Разговорот за анксиозноста може да помогне, но не секогаш.

„Кога се обидувате да им ја објасните анксиозноста на другите, тие воглавно почнуваат да ве разубедуваат дека ништо не ви е, па се започнува дискусија и вам фокусот ви паѓа врз анксиозноста“, вели Коениг.

Доколку сакате да споделите со некого за вашата анксиозност и да добиете поддршка, ставете му/ѝ до знаење дека не сакате да зборувате за тоа премногу. Потсетете ги дека само сакате да бидете сослушани, и ништо повеќе.

4. Научете да кажувате НЕ

Вратете се на следењето на вашата анксиозност. Дали е поврзано со некои одредени задачи, околности? Колку често сте прифатиле некои барања кои не се од суштинско значење за вашите цели и приоритети во животот? Учењето да се каже НЕ на прекумерните барања ја намалува анксиозноста. Научете се да го користите овој збор одвреме-навреме и направете си го животот помалку комплициран.

5. Останете во моментот

Фокусирајте се на сегашниот момент, а не на иднината или на минатото. Анксиозноста настанува кога се обидуваме да контролираме работи кои не можат да бидат контролирани – како луѓето, работите кои допрва ќе се случат или последиците од претходните акции. Побарајте активности кои ќе ви помогнат да останете присутни во моментот. Мекбејн сугерира медитација, физичка активност, водење дневник и слични навики кои ќе ги спречат вашите анксиозни мисли.

6. Обидете се да го свртите фокусот од работите кои ве прават анксиозни

Наместо да се фокусирате на нешто што ве прави вознемирени, обидете се едноставно да погледнете на другата страна. На пример, доколку треба да одите на докторот, наместо да размислувате колку страшно ќе се чувствувате или каква дијагноза ќе добиете, замислете си колку ќе ви олесни кога ќе заврши тој преглед.

7. Запомнете дека сте способни!

Често изворот на секојдневната вознемиреност е чувството дека не можете да се справите со сè што се случува околу вас. Подобрувањето на самодовербата може да помогне во тоа.

„Размислете за тешките ситуации кои предизвикале стрес или вознемиреност во вашето минато и како сте ги преживеале. Дури и ако ви требало помош од некој друг за да поминете низ тоа тешко време, сепак сте успеале да го преживеете“, потсетува д-р Ларсен.

Запишете си ги оние тешки времиња кои сте ги надминале и нека ви бидат потсетник за тоа колку сте издржливи.

8. Наведете ги основните верувања што ви причинуваат грижи

„Една од најдобрите техники за справување со анксиозноста е промената на вашата перцепција, бидејќи мислите се оние што создаваат емоции“, вели Коениг.

Кои се основните верувања зад вашите грижи? Слушајте се самите себеси и обидете се да ги пронајдете. Испитајте ги своите стравови и променете ги од ирационални во рационални верувања.

9. Побарајте стручна помош

Според Мекејн, ако вашата вознемиреност не се подобри или постојано се влошува, пронајдете терапевт кој ќе ви помогне да се чувствувате подобро.

Овие техники можат да бидат добра практика за да се справите со анксиозноста во моментот кога ќе почувствувате напад и да го тренирате вашиот мозок да ѝ се опира на долгорочен период. Исто така, прочитајте ги и овие 10 навики кои ги имаат луѓето со анксиозност, а не се свесни за нив.

Автор: Ана Патриклиева


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар