Како да ѝ дадете безрезервна поддршка на личност којашто страда, без да ѝ ја одземете личната слобода?

Како да ѝ дадете безрезервна поддршка на личност којашто страда, без да ѝ ја одземете личната слобода?

Сметате ли дека сте способни да чекорите покрај некоја друга личност, без разлика каков е нејзиниот животен пат, без да ја осудувате и да правите да се чувствува неспособно, без да пробувате да ја „поправите“ и без да се обидувате да влијаете врз нејзините идни резултати? Размислете два пати пред да си одговорите на прашањево. Кога сакате некому да му ја дадете вашата безрезервна поддршка, тоа значи дека треба да го отворите вашето срце, да понудите безусловна помош и да се ослободите од потребата за контрола и осуда.

Како да ѝ дадете безрезервна поддршка на личност којашто страда, без да ѝ ја одземете личната слобода?

Понекогаш, тоа не е лесна задача, бидејќи многу луѓе чувствуваат потреба да ги поправаат личностите коишто минуваат низ тешка фаза од животот, да им даваат безброј непотребни совети или да ги осудуваат поради тоа што не постигнале поголеми успеси во животот од досегашните.

За целосно да го поддржите напредокот, трансформацијата или страдањето на некоја личност, никако не смеете да се обидувате да ѝ ја одземете моќта или да пробувате да ги коригирате нејзините проблеми, да ја посрамотувате (имплицирајќи дека треба да знае повеќе отколку што знае) или да ја преплавите со сугестии (да ѝ давате повеќе информации отколку што е подготвена да прими). Ова значи, дека треба да бидете подготвени да се поттргнете настрана, за да може да си донесе сопствени одлуки, да ѝ понудите безрезервна љубов и поддршка, да ѝ дадете нежни насоки кога ќе има потреба од тоа и да направите да се чувствува безбедно, дури и кога прави грешки.

Невозможно е да бидете некому силен поддржувач, доколку некој друг не е тоа за вас. Дури и на најуспешните лидери, тренери, доктори, потребно им е да знаат дека во нивниот живот постојат луѓе пред кои можат да бидат ранливи и слаби, без да се плашат дека ќе бидат осудени.

Давањето безрезервна поддршка е нешто што СИТЕ ние можеме да го направиме едни за други – за нашите партнери, деца, пријатели, соседи, па дури и за непознати лица со кои случајно сме започнале разговор во автобус.

Секој ден е прилика да ја искажете вашата поддршка на луѓето околу вас, а овие 8 совети ќе ви укажат кој е правилниот начин да го направите тоа:

1. Дозволете ѝ на личноста да верува во сопствената интуиција и мудрост

Секој си знае за себе како се чувствува и што може или не може да направи во моментот. Притисокот да постапи според вашите верувања, коишто се базирани на вашето, а не на нејзиното искуство, само ќе придонесе да се чувствува уште полошо од претходно. Дозволете ѝ да се обиде да се потпре на сопствениот разум и интелигенција.

2. Дадете ѝ онолку информации колку што може да поднесе

Во спротивно, доколку ѝ правите притисок да биде поинаква, ќе направи да се чувствува неспособно и безвредно. Доколку забележите дека само вие зборувате и не престанувате да давате предлози и имагинарни решенија на проблемите и тоа носи контраефект кај лицето што страда, значи дека го правите тоа на погрешен начин.

Како да ѝ дадете безрезервна поддршка на личност којашто страда, без да ѝ ја одземете личната слобода?

3. Не ѝ ја одземајте нејзината моќ и слобода

Кога се обидуваме да ја одземеме моќта за донесување одлуки од рацете на другите луѓе, правиме тие да се чувствуваат бескорисно и некомпетентно. Во некои случаи е потребно да преземеме акција и да ги донесеме тешките одлуки за некој друг (како на пример кога личноста се бори со зависност од дрога, коцкање и слично и интервенцијата изгледа како единствен начин да ја спасиме). Како и да е, во речиси кој било друг случај, на секој човек му е потребна автономија сам да си ги прави сопствените избори. Никогаш не давајте наредби и не се обидувајте да контролирате некој друг.

4. Држете го сопственото его надвор од животите на другите

На сите нас понекогаш ни се случува да веруваме дека нечиј туѓ успех зависи од нашата интервенција. Мислиме дека неуспесите и падовите на некој друг лошо се рефлектираат на нас или сме убедени дека емоциите коишто ги споделуваат се однесуваат на нас, а не на нив. Но, ова е стапица и ваквото размислување не му чини добро никому. Доколку навистина сакате да поддржите нечиј развој, држете го вашето его настрана и дадете ѝ на личноста доволно простор и можност да учи и да се развива себеси.

5. Направете да се чувствува безбедно дури и ако повторно падне

Кога луѓето учат, растат или поминуваат низ тешка животна фаза или транзиција, најчесто прават неколку грешки по патот. Но ние, како безусловни поддржувачи, треба да им ја дадеме можноста да проникнат длабоко во себеси, самите да ја пронајдат храброста да преземат ризици и да продолжат да се борат дури и ако повторно не успеат. Кога ќе им дадеме до знаење дека неуспехот е само составен дел од патувањето, а не крај на светот, тие ќе трошат помалку време во самокритичност, а повеќе време во учење од нивните грешки.

Како да ѝ дадете безрезервна поддршка на личност којашто страда, без да ѝ ја одземете личната слобода?

6. Ненаметливо понудете ги вашите насоки и останете сталожени

Мудар поддржувач знае точно кога да не дава насоки (на пример, кога личноста се чувствува неспособно и бесмислено), а кога да ги понуди на нежен начин (на пример, кога личноста сама ќе побара помош или е премногу изгубена за да знае што да побара). Балансот помеѓу овие два случаи е како прецизен танц, кој треба да научите како да го играте доколку сакате да му ја понудите некому вашата безрезервна поддршка. Препознавањето на областите во коишто личноста се чувствува најранливо и неспособно, како и нудењето на вистинскиот тип помош без да ја посрамотите, е нешто за коешто е потребна пракса, понизност и стабилност.

7. Создадете ѝ безбедна зона за нејзините комплексни емоции, стравови, трауми…

Кога луѓето се чувствуваат побезбедно отколку што се обично навикнати, тие не се плашат да си дозволат нивните длабоки емоции да излезат на површина. Доколку сте личност којашто е доволно свесна и ги разбира другите, знаете дека ова може да се случи и треба да бидете подготвени да им ја дадете вашата поддршка на нежен начин, преку бодрење и без осуда. Личноста којашто поминува низ тежок период, треба да се чувствува доволно безбедно да се „распадне“ пред вас, без да стравува дека ќе биде вечно скршена или засрамена пред некој друг. Ова не е лесна задача и не може да ја извршува некој којшто и самиот е премногу емотивен, не може да ги увиди сопствените недостатоци, нема самодоверба или не ѝ верува на личноста којашто сака да ја поддржи.

8. Дозволете ѝ да донесува различни одлуки и да доживува различни искуства од вашите

Давањето поддршка подразбира почитување на различностите кај секоја личност и препознавање дека тие разлики може да доведат до избори кои ние не би ги направиле. Понекогаш, луѓето носат одлуки базирани на сопствените способности, квалитети и искуство, а нашата задача е да не пробуваме да ги контролираме и да ги почитуваме тие разлики.

Давањето безрезервна поддршка на друга личност не е нешто што можеме да го научиме и совладаме преку ноќ. Тоа не може да се научи ниту низ листа со совети како оваа. Тоа е сложена практика, којашто се развива само преку константно учење и вежбање и е различна за секоја личност и ситуација.

Во продолжение прочитајте и како вашиот живот ќе се промени за 180 степени доколку се ослободите од овие 20 ментални бариери.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар