Како да го претворите цинизмот во позитивен став?

Искуствата низ коишто минуваме го оформуваат нашиот карактер. Иако можеби имаме многу нешта за коишто треба да бидеме среќни, нашиот мозок може да биде програмиран да обрнува повеќе внимание на негативните искуства.

Како да го претворите цинизмот во позитивен став?

Доколку постојано сте изложени на негативни настани, сосема нормално е да развиете одредени механизми за справување со цел да го избегнете повредувањето. Еден од овие механизми е цинизмот.

Не секоја цинична личност е намуртена, а дури и ако сметате дека вие имате позитивен став, сепак, сигурно и вам некогаш ви се случило да бидете цинични. Всушност, во мали количества, цинизмот може да биде и добар. Многу цинични луѓе ги ценат искреноста и интегритетот и имаат пореалистични очекувања од светот. Очигледно, ова се добри одлики, но што кога цинизмот ќе стане екстремен?

Постојаниот цинизам води кон песимизам

Кога верувате дека сè што правите е бесцелно, тогаш зошто воопшто правите нешто? Почнувате да се оддалечувате од другите и целосно да го избегнувате излегувањето, и се претворате во песимист.

Постојаниот песимизам пак, може да предизвика депресија и е ризичен фактор за појава на кардиоваскуларни болести. Доколку сте забележале дека кај вас почнал да преовладува цинизмот, можеби е време добро да погледнете каква е вашата интеракција со светот.

Како да живеете позитивно без да ги изгубите придобивките од цинизмот?

Мали чекори

Важно е да знаете дека вие не сте родени цинични. Можеби некои настани ве натерале да ја изгубите довербата во некого и да се сомневате во вистинските намери на луѓето. Навистина е тешко да имате надеж и да бидете позитивни кога гледате дека луѓето одново и одново ги прават истите грешки. Но, не е невозможно.

Исто како и секој процес на закрепнување, најпрво треба да го сфатите влијанието на цинизмот врз вашиот живот. Потоа почнете да правите мали промени за да не се чувствувате неудобно.

Лесно можете да почнете со вашето присуство на социјалните мрежи. Секогаш кога ќе налетате на нешто што ве тера да оставите негативен коментар, одминете го. Ако имате да кажете нешто конструктивно, кажете го. Во спротивно, најдобро е да го чувате мислењето за себе. Но, немојте претерано да размислувате за тоа и ќе го заборавите за многу брзо.

Кога последен пат сте си дозволиле да мечтаете без да помислите дека тоа е глупаво? Слободно сонувајте бидејќи од овде потекнува вашата креативност. Размислувањето за нешто убаво речиси сигурно ќе ви го подобри расположението.

Одбивајте ги нештата што не ги сакате, но истовремено барајте ги оние што ве прават среќни. Можете да почнете со некое хоби или активност што ви се допаѓа.

Опкружете се со позитивни луѓе

Вашиот цинизам може да ве натера да се дружите со слични луѓе кои постојано ги критикуваат оптимистите. Иако можеби сакате да бидете со луѓе кои го делат вашето мислење, нема потреба да ги потценувате позитивните луѓе кои не ви згрешиле ништо. Повнимателно одбирајте го вашето друштво и ќе почнете да ги привлекувате вистинските пријатели.

Барајте инспирација кај позитивните луѓе и фокусирајте се на нивните квалитети. Негувајте го вашиот дух и ценете ја добрината што ја добивате. Давајте им комплименти и охрабрувајте ги пријателите и прифатете ја поканата за забава, дури и ако мислите дека ќе ви биде здодевно.

Секогаш има нешто позитивно што можете да го цените, дури и ако првиот инстинкт ви е да критикувате.

Погледнете и какво е влијанието на негативноста врз вашиот живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар